Топлинските урбани острови се директно поврзани со земјената покривка, односно порастот на температурите на земјената покривка е правопропорционален со урбаните подрачја, а обратнопропорционален со зелените површини, вели Гордана Јовановска-Каплан, докторанд на Универзитетот Анадолу во Турција
Гордана Јовановска-Каплан
За три години температурата во Скопје се зголемила за дури 10 Целзиусови степени, покажа истражувачкиот труд поврзан со влијанието на урбаните средини врз квалитетот на животните стандарди во Скопје. Оваа појава е дефинитивно поврзана со интензивните урбано-неплански градежни активности во последните 15 години и со прекумерното сечење на зеленилото во градот, вели Гордана Јовановска-Каплан од Охрид, која го спроведе истражувањето во рамките на нејзиниот докторат кој за нецела година ќе го брани на Универзитетот Анадолу во Турција.
Додипломските и магистерските студии ги завршила на отсекот геодезија, на Градежниот факултет во Скопје. Отсекогаш имала огромна љубов кон науката, па решила да аплицира за стипендија за докторски студии во Турција. Ја примиле на Универзитетот Анадолу – отсек Геоинформациски системи и далечинска детекција каде што студира и работи како истражувач од 2015 година.
Што Ве предизвика да го истражувате влијанието на урбаните средини врз квалитетот на животните стандарди во Скопје?
- Во истражувачкиот институт каде што работам постојано работиме на проекти поврзани со квалитетот на животната средина во Турција, а и пошироко. Идејата за истражување на урбаните средини врз квалитетот на животните стандарди во Скопје беше моја бидејќи ја знам структурата на Скопје, неговото брзо проширување, а и во последно време проблемите со загаденоста на воздухот. Тоа што имав пристап до одредени податоци ме мотивира да му предложам на мојот ментор да го спроведеме ова истражување.
Во лабораторијата на Универзитетот Анадолу во Турција
Како го спроведовте истражувањето, кои Ви беа најголемите тешкотии?
- Како што споменав, студирам на одделот за геоинформациони системи и далечинска детекција. Далечинската детекција е наука која се занимава со проучување и анализирање на сателитски снимки. Ова истражување беше извршено со две сателитски снимки преземени од НАСА (Национална аеронаутичка и вселенска администрација) и USGS (Американскиот геолошки истражувачки институт) кои нудат сателитски снимки од целиот свет со резолуција од 15 метри. Најголемата тешкотија при ова истражување беше пресметувањето на топлината на површината на Земјата. За таа цел, развивме алгоритам кој користејќи ги термалните податоци преземени од сателитот Landsat, произведува термална мапа од истражувачката област. Во истражувањето користевме две Landsat сателитски снимки, едната од јули 2014 година, а втората од јули 2017 година. Го избравме јули затоа што тогаш топлинските урбани острови се најпогодни за истражување.
Податоци од истражувањето
Што всушност претставуваат топлински урбани острови?
- Топлинските урбани острови (Urban Heat Island – UHI) се области во градските подрачја што се значително потопли од околните рурални области предизвикани од човековите активности. Фактот дека глобалните средни температури се значително покачени во изминативе неколку децении се поврзува со брзиот пораст на населението, а со тоа и порастот на урбаните средини. Топлинските урбани острови можат да се истражуваат преку воздушните температури или преку термални податоци од сателитски снимки.
Профил на топлинските урбани острови
Како ова се одразува врз квалитетот на животните стандарди во Скопје?
- Топлинските острови можат да влијаат врз животните стандарди преку зголемување на побарувачката на енергија во летниот период за климатизација, загадување на воздухот, емисија на гасови, болести поврзани со прекумерни температури, како и квалитетот на водата.
Приказ на причинителите да се зголеми температурата за 10 Целзиусови степени
Велите дека поради нив, температурата во Скопје е повисока за 10 Целзиусови степени. Што го предизвикало тоа?
- Разликата во температурите од јули 2014 и јули 2017 е 10 Целзиусови степени. Се разбира дека тоа може да биде предизвикано од климатските услови, но доколку ги погледнеме резултатите од нашето истражување, може да се забележи проширување на топлинските урбани острови, кои не случајно се предизвикани на места каде што е порасната и урбанизацијата.
Топлински урбани острови (Црвена боја) – Скопје Јули 2014 – 2017
Поврзана ли е оваа појава со интензивните урбано-неплански градежни активности во последните 15 години и со прекумерното сечење на зеленилото во градот?
- Оваа појава е дефинитивно поврзана со, како што рековте, интензивните урбано-неплански градежни активности во последните 15 години и со прекумерното сечење на зеленилото во градот. Топлинските урбани острови се директно поврзани со земјената покривка, односно порастот на температурите на земјената покривка е правопропорционален со урбаните подрачја, а обратнопропорционален со зелените површини.
Како да се спречи оваа појава?
- Во последниве неколку децении ова е многу честа појава во сите поголеми градови, а веќе споменав дека една од најголемите причини е неконтролираната урбанизација. Во оваа фаза едно од најефективните решенија би било значително зголемување на зелената површина на густо населените места, и на места каде што температурите во топлинските урбани острови се значително високи.
Какви би биле резултатите и бенефитот за граѓаните на Скопје?
- Со порастот на глобалните климатски промени се очекува да се подигне и појавата на топлинските урбани острови во населените места. Зголемувањето на температурите на воздухот во градовите негативно влијае врз човековото здравје, економијата, како и врз социјалните и еколошките влијанија. Поврзаноста на топлината на земјената покривка и нејзиното користење може да се искористи за намалување на негативните влијанија и да се помогне во забавувањето на порастот на глобалните климатски промени.