X
 19.03.2018 Живот

Елена Феранте: И по цел век феминизам, не можеме целосно да бидеме свои

Од принцип одбивам да зборувам лоши работи за некоја жена, дури и ако ме повредила до нетолеранција. Тоа е став кој го сметам за неопходен токму затоа што сум свесна за ситуацијата во која се наоѓаат жените: тоа е и мојата ситуација, ја гледам кај другите, и знам дека не постои жена која не прави огромни напори за успешно да му стави крај на денот. Сиромашни, богати, образовани, необразовани, убави, грди, познати, непознати, омажени, неомажени, вработени, невработени, со или без деца, бунтовнички или послушни, сите сме длабоко обележани со начинот на постоење во светот кој е, и кога го нарекуваме свој, во коренот затруен со вековната машка доминација.


Фото: Pixabay

Жените живеат во постојани услови на несигурност. Сѐ, буквално сè е одредено со термини создадени според потребите на мажите - па дури и од нашата долна облека, сексуалните практики, мајчинството. Ние мора да бидеме во улога на оние жени што ќе ги усреќат мажите, а мораме исто така да им се спротивставиме, да се натпреваруваме со нив во јавниот живот, правејќи ги подобри отколку што се и да внимаваме да не ги навредиме.

Една многу мила млада жена ми рече: „Мојот проблем со мажите е секогаш ист. Морав добро да научам во ништо да не претерувам.“ Сакаше да каже дека се истренирала дека не смее да биде преубава, преинтелигентна, превнимателна, пренезависна, предарежлива, преагресивна, префина. Тоа „пре“ кај жените предизвикува лути реакции кај мажите, а со тоа прави непријатели од другите жени, на кои им се наметнува секојдневно меѓусебно да се борат околу трошките што ги оставиле мажите. Наспроти тоа, ова „пре“, кога е присутно кај мажите, предизвикува општо восхитување и носи позиции на моќ.

Последица на ова не е само задушена женска сила, туку и тоа што ние самите, за да бидеме оставени на мир, и поради мирот во нашиот дом, се задушуваме. Дури и денес, кога веќе цел век ги имаме феминизмот и борбата за правата на жените, не можеме да бидеме целосно свои, да припаѓаме на самите себе. Нашите недостатоци, нашите суровости, нашите злодела, нашите доблести, задоволства, дури и нашиот јазик, послушно се запишани како дел од машката хиерархија и се казнуваат или фалат според шифрите кои не ни припаѓаат и кои со тоа нè исцрпуваат. За да покажеме кои сме во нашата суштина, треба да го задржиме безмилосното внимание на нас самите.

Затоа, се чувствувам блиска со сите жени и понекогаш, поради една или друга причина, се препознавам себеси во најдобрите и во најлошите од нас. Дали е можно, луѓето понекогаш ме прашуваат, да не знаеш ниедна кучка? Се разбира, знам некои: литературата е полна со нив, како и секојдневниот живот. Но, по сѐ што имам преживеано, јас сум на нивна страна.
Подготвил: Билјана Арсовска
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот