X
 27.03.2018 Живот

Вашата краткорочна меморија може да запомни само 7 работи - како да го надминете тоа?

меморија

Во 1956 година Џорџ А. Милер, когнитивен психолог на Универзитетот „Принстон“, објавил труд што стана еден од најчесто цитираните во неговата област. Неговите идеи биле толку популарни, што веројатно сте ги слушнале дури и ако никогаш не сте го прочитале неговото име. Тој е одговорен за она што е познато како законот на Милер: во кое било време просечниот човек може да задржи само околу седум предмети во неговата краткотрајна меморија.

Во трудот со наслов „Магичниот број седум, плус или минус два: граници на нашиот капацитет за обработка на информации“, Милер пишува: „Мојот проблем е што сум прогонуван од цел број. Седум години овој број ме следеше наоколу, навлегуваше во моите најлични податоци. Или постои нешто невообичаено во врска со овој број или страдам од делузии на прогонство“.

Бројот за кој зборувал е седум. Тој повторно и повторно забележувал дека без оглед на темата, луѓето можеле да задржат само седум единици на нови информации, „плус или минус две“ - што значи од седум до девет предмети. Тој објаснува дека кога од луѓето било побарано да идентификуваат индивидуални музички тонови, тие имале добри резултати кога имале да изберат од два или три, но почнувале да се збунуваат откако бројот на избор ќе се зголемел над шест. Кога луѓето морале по ред да запомнат листа со случајни зборови, по седмиот збор почнувале да се бунат. Истото важело и со листите на броеви. Дури и кога им биле дадени тестови со многу променливи, како сладоста и соленоста на разни примероци на вода или локации на точки на еден квадрат, луѓето ја постигнувале границата на точноста околу седум, плус или минус две.

Ова ограничување е она за кое зборуваат луѓето. Но помалку познати се групирањата на Милер. Ако ја ставите информацијата во групи, односно познати единици, можете да ги запомните како поединечни предмети. На пример, FBICIANSAIRS е збор со 12 букви - многу подолг од законот на Милер. Но ако сте запознаени со акронимите на американската влада, тогаш зборот е составен само од четири групи: FBI CIA NSA IRS.

Овој детал е клучен за надминување на границите на законот на Милер. Ако треба да запомните нешто, добро би било да го организирате во познати групи. На тој начин вашата краткорочна меморија е еден вид куфер: може да собере само одредени работи, но ако знаете како да ги спакувате, можете да го максимирате просторот што го имате.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот