X
 31.03.2018 Технологија

Како максимално да ја искористите „Гугл мапс“ додека сте на пат?

Апликацијата „Гугл мапс“ е задолжителна за речиси секое патување, а „Гугл“ разви и сосема одделна апликација „Гугл трипс“. Ако сакате апликација за патување која вклучува сè, од препораки, до начини на транспорт и можности за резервација, тогаш тоа е вистинската апликација за вас. Сепак, ништо не им фали на стандардните мапи кои имаат многу слични карактеристики на „Гугл трипс“. Еве како максимално да ја искористите.


Фото: Pixabay

Преземете ги мапите

Прво нешто што треба да направите пред патувањето е да ја преземете мапата од местото каде што ќе одите. Тоа ќе ви дозволи да се движите во областа со ГПС без интернет.

Вчитајте ги насоките на движење

Ако, на пример, се сместите во хотел каде што има слаб сигнал на интернетот или немате доволно меморија во телефонот за да ја преземете мапата, не грижете се. Ако веќе сте ги погледнале насоките за движење од местото каде што сте сместени до знаменитостите или локациите кои ве интересираат, телефонот ќе го помни тоа и кога нема интернет. Кога повторно ќе добиете интернет, погледнете ги насоките за следната локација за да може телефонот да ги запомни и тие.

Користете ја функцијата My Maps

Следниот пат кога ќе ги прашате пријателите на „Фејсбук“ да ви препорачаат некоја локација за патување, сите нивни одговори можете веднаш да ги внесете во посебна мапа користејќи ја функцијата My Maps. Можете да ги обележите местата што би сакале да ги посетите, препораките, но и постовите на „Инстаграм“. Така, кога ќе лутате во некој град во потрага по добар ресторан, телефонот ќе ви биде преполн со сјајни препораки.

Споделете го своето богатство

За среќа, My Maps може да се споделуваат ако оној што ги креирал ги направи јавни. Затоа, додајте ги вашите омилени места и откритија и споделете ги со своите пријатели кога ќе се вратите од патувањето.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија