X
 26.01.2022 Наша тема

Македонецот Мирослав Драганов меѓу највлијателните шејпери во светот

Креираме визија за Македонија во 2070 година. Шејперството не е постојана професија и од неа не се зема плата, туку првичната инспирација е волонтерски придонес од по неколку часа неделно. Но, секако, доколку одредени акции постигнат голем успех, тогаш поддршката од разни страни е неминовна, вели Драганов

Во светот постојат над 14.000 шејпери, а хабовите во кои членуваат се распространети во околу 150 држави и над 450 града. Глобалната заедница на шејпери е всушност иницијатива на Светскиот економски форум (World Economic Forum - Давос, Швајцарија) и на глобално ниво таа го претставува гласот на младите до 35 години кои ја сочинуваат речиси половината од севкупната светска популација. Меѓу највлијателните шејпери во светот е и еден Македонец, Мирослав Драганов, член на Советот за влијание, тренер за меки вештини и автор на две книги и стручни трудови, со кого поразговаравме за тоа каква е улогата на шејперите.

- Чест и задоволство ми е што сум избран на светско ниво меѓу единаесетте члена на Советот за одржливо влијание (Impact Council) при Глобалната заедница на шејпери (Global Shapers Community), со мандат од 18 месеци – вели за Факултети.мк Драганов.



Што е шејпер?

- Шејпер или „обликувач на промени“ е всушност амбициозна млада личност која со своето професионално и/или активистичко дејствување остава препознаена и кредибилна трага во општеството. Шејперите се мотивирани да ја менуваат заедницата кон подобро. Мрежата на шејпери е основана во 2011 година, а уникатноста е што таа е составена од најразлични млади личности кои покренуваат дијалог (не само дебата), акција (не само проект) и промена (не само подигнување на свеста) што никој претходно не ги иницирал - вели тој.

Драганов ни објасни дека шејперите не се стремат кон моменталното влијание, туку кон одржливото. Секој хаб дејствува на ниво на град и неговата околина, а во помалите држави - и на ниво на целата земја. Нивните планови се насочени кон: градење инклузивни заедници, надградување и стекнување нови вештини за иднината, подобрување на здравјето и благосостојбата, испорачување поддршка за задоволување на основните потреби, заштита на планетата и зајакнување на граѓанското учество. Шејперите низ светот се во постојана комуникација преку апликација „TopLink“.

- Шејперството не е постојана професија и од неа не се зема плата, туку првичната инспирација е волонтерски придонес од по неколку часа неделно. Но, секако, доколку одредени акции постигнат голем успех, тогаш поддршката од разни страни е неминовна. Многумина од нас најголемата придобивка ја гледаат во стекнувањето глобални другарства и пријателства со интелигентни, вредни и просперитетни млади личности кои ги красат различностите во секоја смисла и со кои размената на искуства ни дава додадена животна вредност - објаснува нашиот соговорник.

Македонија има хаб на шејпери (Global Shapers Skopje Hub) кој како иницијатива се оформи кон крајот на 2012 и почетокот на 2013 година, а официјално се запиша како здружение во 2019 година. Моментално членуваат 43 шејпери (бројот се менува на годишно ниво), а од нив доминантни се жените, кои се 27 на број.


Мирослав Драганов

- На почетокот беа само неколкумина ентузијасти кои еднаш до два пати годишно го организираа препознатливиот настан за млади “iFAIL” („И јас грешам“), на кој лично се споделуваа неуспешни приказни на сега успешните луѓе. Во тие години имаше околу дваесетина шејпери во Скопје и многумина ги препознаваа како „дечките од iFAIL“, а не како шејпери, па во 2018 година решивме да го промениме тоа. Оттогаш како хаб почнавме да покренуваме и малку постратешки дијалози, акции и промени и спонтано се оформија неколку помали тимови во зависност од темата на која ѝ се посветувавме. Со тој заеднички напредок веќе во 2019 и во 2020 година поимот „шејпери“ стана многу добро препознаен, особено меѓу младите, што резултира со пријавување и приклучување на навистина извонредни нови шејпери - вели Драганов.

Тој пред пет години се вклучил во „шејперството“ и ги охрабрува сите млади, амбициозни луѓе да истражат повеќе на оваа тема, можеби ќе се пронајдат.

Кој може да стане шејпер?

- „Глобал шејперс Скопје хаб“ де факто дејствува на целата територија на Македонија. Најновите правила се дека секоја млада личност, од 18 до 27 години, може да биде шејпер и тоа да остане до моментот кога ќе наполни 30 години или пак кога ќе поминат најмногу 5 години откако е официјално дел од заедницата. Огласот за прием на нови членови се објавува еднаш до два пати годишно, секогаш е јавен, транспарентен и што повеќе споделуван, а следниот ќе биде објавен наскоро - вели Драганов.



На Вашите објави на социјалните мрежи стои дека Вашите цели, визии и планови се за 2070 година. Ова звучи многу футуристички, дали сите идеи Ви се во фокус на далечната иднина или кроите планови и за денешницата?

- Можеби на прв поглед изгледа дека сето тоа е далечно, футуристичко, сонувачко... но ако ја земеме предвид целата содржина, не би се согласил бидејќи ние го дефинираме правецот на сето она што би се случувало во овие 50 години со јасен стремеж да бидеме меѓу најдобрите 10 држави од светот. Значи не е можно да ги преспиеме овие пет децении и така магично да се разбудиме во 2070 со очекување дека тој стремеж е реализиран, туку кон остварување на визиите треба да работиме сите ние секојдневно -вели Драганов.

Една од нивните визии гласи: „Македонија е земја на шампионски тимови и индивидуалци во професионалните спортови“, како пример тој ги спомена фудбалерите кои првпат се пласираа на Европско првенство и во бараж за Светско првенство, а Дејан Георгиевски на Македонија ѝ обезбеди сребрен медал на Олимпијада.




Кои се клучните проблеми со кои се соочуваат младите во Македонија?

- Убеден сум дека листата е многу подолга, но овде ќе ги истакнам најклучните предизвици за младите: прениска реалокација на ресурсите кон нив, нивната одлучувачка моќ е речиси незабележителна, младите се принудени да се приспособуваат на мноштво застарени правила и да учат по застарени методологии, наместо тие правила да бидат модернизирани, сè уште се распространети многу предрасуди кон младите, па на многумина им е тешко да ги третираат како рамноправни соговорници и сограѓани - вели тој.

Драганов додава дека нивните намери се создавање подобар живот за новите генерации, развивање љубов кон татковината и сограѓаните, убаво би било вистински да може да придонесуваат тука, но каде и да се со телото, важно е младите да даваат придонес за Македонија со умот, срцето и со нивните акции.




Фото: приватна архива
Подготвил: Александра Овчарска-Бела

Издвојуваме

Наша тема