X
 28.03.2022 Наша тема

„Превод - кога е најпотребен“ им ги решава маките на оние што се лекуваат во странство

Особено се радуваме на пораките дека лекувањето е успешно, од сѐ срце се радуваме на сите отпусни писма со зборовите „се упатува на домашно лекување во добра состојба“, вели Светлана Наумовска, администратор на групата

Да се биде хуман и да се помага, не е важен начинот или професијата, туку мотивот и искрената желба. Некогаш само една идеја може да се претвори во вистинско движење на хуманоста. Во таков случај, хуманоста станува дел од професијата. Тоа е многу повеќе од хуманост, тоа е општествена одговорност.

Таков е случајот со 38-годишната преведувачка Светлана Наумовска, која заедно со нејзините колешки Љубинка Брашнарска и Стефанија Маџовска пред три години ја направи фејсбук-групата „Превод - кога е најпотребен“, преку која нудат бесплатен превод на медицинска документација, најчесто на оние што треба итно да се лекуваат во странство.

Таа има 38 години и веќе 11 години работи како преведувач и толкувач. Преведувањето е нејзина примарна професија. Јазичната комбинација на која работи е англиски - македонски јазик и обратно.

- Во периодот кога се роди идејата „Превод - кога е најпотребен“ имав слободно време, па во разговор со колеги преведувачи кои бесплатно преведувале медицинска документација, успеавме да ја реализираме идејата за да се формира ваква група. Причината поради која постои групата е да им се овозможи на барателите на овој тип превод да имаат „врска“ преку која може да добијат бесплатен превод на документација наменета за лекување во странство - објаснува Наумовска.


Светлана Наумовска

Преведени над 1.000 страници медицинска документација

Групата „Превод - кога е најпотребен“ постои речиси три години и брои над 1.700 члена.

- Во овие три години преку групата се доставени над 1.000 страници стручен медицински превод. Точната бројка на баратели не може да се дефинира затоа што се менува на дневна основа. Бројката на преведувачи во групата, исто така, се менува на дневна основа - вели Наумовска.

Преведувачите се дипломирани филолози, судски преведувачи, професионалци, етаблирани во сферата на преведувањето. Неретко имаат и поддршка од доктори кои активно го владеат јазикот на кој се бара преводот и за самиот превод и за консултација при преводот.

- Важно е дека преведувачот во очите на барателот е оној што подава рака во моменти кога му е неопходно, го олеснува патот до третманот, лекувањето или терапијата, олеснувајќи значителен дел и товар од процесот за пациентот да замине што поскоро на лекување во странство. Уште еден важен сегмент од работата на групата, без што не би имала успех, е посветеноста, безрезервното вложување на преведувачите; волјата преведувачот да го посвети своето слободно време, ноќта, за бесплатно да го изврши преводот и да го достави навреме - објаснува преведувачката Наумовска.

Превод на 18 јазици, во најкраток можен рок, строго доверливо

Најголем дел од барањата се за превод од и на англиски јазик, но неретко се бара превод на германски, турски, српски и хрватски јазик.

- Особено е важно да нагласиме дека во групата досега се вршени преводи на 18 јазици. Групата е постојано отворена за нови членови на и од разни јазици. Секој преведувач е добредојден - вели Наумовска.

Принципот на работа во групата е доброволен, додава таа.
- Преведувачите се пријавуваат на објава во групата зависно од работните обврски, од дневниот календар и од рокот наведен во објавата. Преведувачите најчесто кажуваат колку страници можат да сработат во рокот, па често се случува и документите за превод да ги поделиме на неколку преведувачи со цел тој побрзо да биде завршен - вели Наумовска.

Принципот за барање превод во групата на „Фејсбук“ е преку испраќање порака на mkdpreveduvaci@gmail.com.

- Барателот на преводот нема контакт со преведувачот кој го извршил преводот, а барателите не објавуваат барања директно во групата. Оттука идентитетот на барателот е заштитен и е содржан само во документите што се преведуваат, односно го знае само преведувачот што го врши преводот. Дополнително, пораките на благодарност од барателите ги објавуваме во групата анонимно, односно без име на барателот на преводот. Имаме строги критериуми токму за да ја гарантираме анонимноста на секое поединечно барање на превод - додава таа.

Инаку, колку за информација, со оглед на тоа што станува збор за стручен медицински превод, просечна цена за една страница е околу 1.000 денари, зависно од јазикот, рокот, обемот.



Олеснување на неизвесниот пат при лекувањето во странство

Сепак, мотивот на преведувачите е солидарноста и хуманоста.

- Има вистина во реченица што ја добивме во порака пред извесно време дека товарот кој го носи барањето на третман за одредена состојба е најголем за барателот, но доколку го сподели со друг, носењето на товарот ќе биде полесно. Па така, би рекла дека нашата иницијатива е да понесе дел од огромниот товар со кој се соочуваат други луѓе - додава таа.
Според неа, целта е да го олеснат комплицираниот, неизвесниот пат до лекувањето и терапијата.

- Да создадеме насмевка, да ја прошириме идејата дека секој чинител во општеството е важна алка во синџирот, а таквиот синџир станува уште посилен доколку секој од нас подаде рака некому, барем за момент, и го поттикне туѓиот успех, сподели среќа без таквата постапка да подразбира монетарна награда - посочува Наумовска.

Со бесплатната услуга ја враќаме вербата во човекот

Наумовска открива и еден случај што им оставил впечаток со споделени заемни позитивни чувства со барателот на превод.

- Работевме на судски превод на неколку документи за детенце кое тековно се лекуваше во странство, по што барателот требаше да го подигне преводот и да го поднесе во Фондот за многу краток рок. При предавање на преводот барателот прво се заблагодари што за толку кратко сме го доставиле преводот и ќе стигне навреме да го достави до Фондот и праша колку чини услугата, подготвувајќи се да ја плати сумата што би му била наплатена за таков превод надвор од државата. Кога кажавме дека услугата е бесплатна, емоцијата што ја споделивме не се опишува со зборови, но зборовите од барателот кон преведувачите полни со благодарност, верба во човештвото, неверување дека во денешно време постојат луѓе кои им помагаат на лица со кои не се сретнале, благослов до сите. Желби да се сретнеме со детенцето кога ќе заврши лекувањето одѕвонуваа долго по средбата - објаснува таа.

И тие како преведувачи упатуваат солидарни пораки при доставување на преводите.
- Таквите пораки се обоени со убост, со желби за добро здравје, поттик да се издржи борбата, уверување дека и да треба дополнителен превод, стоиме на располагање во секое време, дека преведувачот е содружник со пациентот во борбата и сославител на победата над болеста. Бесценето - додава таа.



Порака дека пациентот е добар ја брише секоја солза кај преведувачот

На крајот од целиот процес, Наумовска вели дека се радуваат заедно со барателите, односно со оние што имале некаков здравствен проблем.

- Сакаме да има што помалку ваков тип преводи зашто тоа значи дека сите с(м)е здрави. Се радуваме, многу се радуваме на секој успех, чекор кон подобро на пациентот.
Особено се радуваме на пораките дека лекувањето е успешно, од сѐ срце се радуваме на сите отпусни писма што ги содржат зборовите „се упатува на домашно лекување во добра состојба“, „напредува со третман за рехабилитација“, на порака од барател дека лекувањето е завршено. Се радуваме и на повици дека пациентот е прв од Македонија што почнал да се лекува со револуционерен третман во Америка, Австралија. Нашата помош е во поддршката на силата, поткрепа на желбата, олеснување на патот на пациентот (и на семејството) да се бори со дијагнозата, состојбата, болеста - вели таа.

Сепак, посочува и дека во неколку наврати разговарала со сите преведувачи дека додека преведувале, се расплакале, завршиле со куп марамчиња околу нив.
- Ни дошло тешко на душата, сме размислувале како му е на пациентот, како му е на семејството, сме ги бркале копчињата на тастатура за да стигнеме да го пратиме што побрзо преводот затоа што сме знаеле дека пациентот вечерта заминува на лекување и сите процедури се завршени и се чека на превод. Но, кога ќе добиеме порака дека пациентот е добро, дека операцијата е успешна, радоста ја брише секоја солза и немир кај преведувачот - заклучува таа.

Фото: приватна архива
Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Наша тема