X
 28.05.2022 Наша тема

Фестивал на јапонска култура во Македонија - суши, јапонско виски и чаеви, бонсаи, книги и манга-стрипови

Постои голема заинтересираност за јапонската кинематографија, литература и уметност во земјава и, секако, тука се љубителите на јапонската традиција и храна. Пријатно сме изненадени од интересот на секое поле, посочуваат организаторите на фестивалот на јапонската култура Нихон-Џи

Доближување на јапонската култура, вклучително литература, хаику поезија, гастрономија, кинематографија, музика, архитектура, борачки вештини, мода и поп-култура е целта на фестивалот на јапонската култура Нихон-Џи, кој ќе се одржува денеска од 11 часот во просториите на Јавна соба во Скопје.

Нихон-Џи е во организација на Јапан.нет.мк, односно Билјана Кочоска, Ирма Башеска-Ристовска, Стефан Ристовски, Кирил Стоилков, Марко Николов и Тања Блажевска. Целта е да прикаже повеќе аспекти од јапонската култура и да го пренесе совршениот микс на традиционалното и модерното од Јапонија во Македонија.
- Овој настан ќе биде одлична целодневна можност за обожавателите во земјава да се поврзат меѓусебно, да споделат знаења, искуства, ставови и различни доживувања, а воедно да отвори и нови хоризонти за оние што првпат доаѓаат во допир со оваа култура - истакнуваат од Јапан.нет.мк.



Настан од обожаватели за обожаватели

Програмата вклучува уметничка изложба на домашни уметници чии дела се инспирирани од јапонската култура, читање хаику поезија, јапонска музика и ди-џеј сет, презентација на борачки вештини, турнири во јапонски видеоигри, проекција на филм и аниме, работилници за традиционални јапонски занаети (кумихимо и монкири), церемонија на чај и косплеј натпревар.

- Посетителите ќе можат да присуствуваат и на три посебни трибини (Културно-општествена трибина: Јапонски животни и работни навики, култура, менталитет и општествени норми; Аниме: Разликата помеѓу западната и јапонската анимација и Литература: Популарни јапонски концепти во литературата и уметноста кои наоѓаат своја примена во зголемување на квалитетот на живот). Фестивалот ќе има и продажен дел со суши, јапонско виски, јапонски чаеви, бонсаи, стратегиски друштвени игри, јапонски книги и манга-стрипови, рачни изработки со јапонски мотиви, аниме-фигури - споделуваат организаторите на фестивалот.

Главниот поттик им била свеста за недостигот на фестивалски настани од овој тип.
- Македонија има изненадувачки голем број луѓе со страст кон Јапонија и јапонската култура, но недостиг на простор за да се изразат себеси. Целта беше да направиме настан од обожаватели за обожаватели. Целевме кон тоа да ги задоволиме потребите и очекувањата не само на креаторите, туку и на гостите на настанот преку нудење разновидна програма во која секој ќе може да пронајде нешто за кое има интерес. Сакаме настанот да биде богат и отворен кон сите, без разлика дали имаат претходен контакт со јапонската култура или не - потенцираат Јапан.нет.мк.



Широка публика за јапонската кинематографија


Најголем интерес обожавателите покажуваат кон борачките вештини.

- Сметаме дека најголем интерес има за борачките вештини кои со децении силно се развиваат на нашите простори. За ова место се борат со обожавателите на аниме и манга, чиј број расте секоја година. Во нашата земја има доста успешни хаику поети кои добиваат интернационални награди, а не е за занемарување тоа што голем број истакнати модни дизајнери се инспирирани токму од јапонската мода. Постои широка публика за јапонска кинематографија, литература и уметност и, секако, тука се љубителите на јапонската традиција и храна. Пријатно сме изненадени од интересот за секое поле, иако на некој начин беше дури и очекувано - посочуваат организаторите.

Кога станува збор за инспирацијата на уметниците поттикната од јапонската култура, велат дека тоа е индивидуална и интимна работа.

- Јапонија има толку многу слоеви и дијаметралности и тука сметаме дека лежи бесконечен извор на инспирација. Од неонските улици на Шибуја до скриените патишта на Фуџи. Од традиционалните суми-е принтови до делата на Јајои Кусама. Од древни јапонски специјалитети до молекуларна гастрономија. Од најстаро до најново, Јапонија знае како да изведе совршен баланс меѓу контрасти. И така раѓа вечна инспирација - истакнуваат од Нихон-Џи.

Програма за сечиј вкус

Од досегашните импресии за фестивалот, велат дека има дисперзиран интерес за сите работилници и натпревари што ќе бидат одржани.

- Среќни сме бидејќи успеавме да создадеме програма што го покрива сечиј интерес. Чајната церемонија во организација на професорот Такеши Мацунага е огромен хит, секако. Но тука се и работилниците за кумихимо и монкири, турнирите по компетитивни игри, роботика, косплеј, цртање… Има толку многу интерес за толку многу настани во рамките на овој фестивал, што дури и ние сме на некој начин изненадени. Се надеваме дека ова ќе има придонес кон развој на јапонската култура кај нас, а дека со тоа и самиот фестивал ќе расте како во бројката на понудени активности така и во посетеноста - велат од Јапан.нет.мк.



Нивниот тим е разнолик во однос на прифаќање елементи на јапонскиот начин на живот и култура.

- Меѓу нас имаме обожаватели на борачки вештини, обожаватели на аниме и манга, обожаватели на јапонска кинематографија и музика, готвачи на јапонска храна, љубители на хаику и јапонски писатели, колекционери на јапонски фолклор и секако сите сме на некаков начин опседнати од икигаи како концепт. Самото тоа што го подготвуваме овој фестивал е доказ за тоа. Работиме на нешто што го сакаме, сметаме дека е корисно за општеството, добри сме во тоа и се надеваме дека во иднина ќе ни се исплати и финансиски. Наедно, преку фестивалот се обидуваме да дадеме еден пример за јапонска работна култура и професионализам, кои дури и ние, Македонците, може да ги постигнеме доколку сакаме. Досега немаме согледано колку имаме прифатено од Јапонија како тим. Навистина е импресивно колку многу може да се најде инспирација во една култура - истакнуваат организаторите на фестивалот.

Приказ на реалистична слика за Јапонија

Во рамките на фестивалот тие ќе ја отворат и темата „Што е вистина, а што мит за јапонскиот начин на живот“.

- Јапонија е уникатна во однос на секојдневниот живот и културата. Работната култура е дефинитивно една од најпопуларните и најконтроверзни теми. Тоа претставува повеќеслоен и комплексен проблем кој се полемизира веќе подолго време. Накратко, најважно е пронаоѓање поздрав баланс меѓу професионалниот и личниот живот во Јапонија. Има толку многу митови и толку многу факти во однос на сè друго. Една од трибините на настанот ќе биде посветена токму на разбивање на предрасудите што Западот ги има за јапонскиот начин на живот. Тоа значи рушење на негативните стереотипи, но исто така и деидеализација, затоа што не постои нешто како совршено општество. Ќе се обидеме да прикажеме една реалистична слика за Јапонија, преку искуства на луѓе што живеат таму, живееле или само ја посетиле. Изолираноста на Јапонија како земја низ огромен период од нејзиното постоење има создадено интересна и уникатна култура која се разликува од другите. Но, сепак, нашата цел е да покажеме дека иако навидум сме различни, ние во Македонија можеме да најдеме многу заеднички работи со нација на другата страна на планетата - информираат од Јапан.нет.мк.
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Наша тема