X
 28.10.2019 Култура

„Орестија 1/4“ во режија на Ивица Димитријевиќ премиерно во МКЦ

Претставата „Орестија 1/4“ во режија на Ивица Димитријевиќ, според авторски текстови и по „Орестија“ на Ајсхил, ќе биде премиерно изведена вечерва во 20 часот во Младинскиот културен центар во Скопје. Претставата е македонска верзија – дел од проектот „The Chorus Project“ поддржан од програмата на ЕУ „Креативна Европа“. Копродукција е на МКЦ - Скопје, Апстарт театар (Upstart Theater) од Лондон, Патос (Pathos) од Минхен и Театар Ам Ленд (Theater am Land) од Грац.

Стефан Вујисиќ и Наталија Теодосиева

- Основната идеја на „The Chorus Project“ е реобмислување на улогата на хорот во античката трагедија „Орестија“ од Ајсхил, во однос на денешниот социополитички и културен контекст и тоа: што значи демократија во 21 век, што значи да се биде граѓанин, што значи Европа и „европската иднина“, како да се поврзат локалното и глобалното, што е индивидуалното наспроти колективното? Накратко, како да се претстави демократијата на сцена - соопшти МКЦ за проектот кој се одвива во две години и во неколку фази.
„Орестија“ е трилогија, но „The Chorus Project“ ќе се обиде да го обмисли и загубениот четврти дел, сатирската игра. Претставата „Орестија 1/ 4“ е, всушност, вториот дел од трилогијата ,,Надгробно жртвување“. Целиот проект треба да биде завршен во декември 2020 година, а премиерата на сите четири дела заедно е предвидена на фестивалот „Млад отворен театар“ в година.
Драматург на претставата е Билјана Крајчевска, сценографијата, визуелното обликување и дизајнот на плакатот се на Кристина Божурска, а автор на музиката е Јане Трајковски.



Во актерската екипа се: Стефан Вујисиќ, Наталија Теодосиева, Жарко Јовановиќ, Драгана Лошкова и Димитрија Доксевски. Координатор на работилниците кои се дел од проектот е актерката Јасмина Василева. „Орестија 1/4“ ќе биде репризно изведена утревечер.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура