X
 08.03.2018 Култура

Ивица Димитријевиќ, актер: Во „Копање“ ме фасцинираа ненапишаните работи што лебдат цело време

Првиот долгометражен филм на актерот на МНТ вечерва во 20:15 часот ќе ја има својата премиера во „Синеплекс“

Ивица Димитријевиќ во сцена од филмот „Копање“

Претставата „Копање“ од Кристијан Винклер, која пред една година беше поставена на репертоарот на Македонскиот народен театар, од вечерва ќе добие и своја филмска верзија. Арт-хаус филмот со истиот наслов, во режија на актерот Ивица Димитријевиќ, ќе биде премиерно прикажан во киното „Синеплекс“ во Скопје, во 20:15 часот. Кумановскиот актер и музичар неколку години е дел од ансамблот на МНТ, а сега се пробува и во режисерските води. Филмот е во продукција на MI Film. https://www.youtube.com/watch?v=-oLbYothJM4
Интересно е како се родила идејата за филмскиот проект.
- Во претставата се употребуваа камери. За време на една од пробите со камерите направив една фотографија од позицијата на камерата и тоа изгледаше доста филмски. Оттаму ми дојде и првичната идеја. Подоцна таа идеја за филм ја споделив со Гораст Цветковски и Александар Ѓорѓиески, со Кристијан Винклер, авторот на текстот, и со монтажерот и продуцент Мартин Иванов и сите ја поздравија и несебично се вклучија во нејзината реализација. Ете, таа стана реално дело и си почнува свој живот и на платно. Секако, тука голем придонес дадоа и сите луѓе што директно или индиректно беа вклучени во изработката на филмот.

Цветковски, Ѓорѓиески и Димитријевиќ во сцена од филмот

Го прашавме што најмногу го фасцинирало во приказната:
- Тоа е начинот на кој е напишана приказната за едно другарство кое 16 години е нефункционално и како тоа другарство се обидува да проработи по толку време. Ме фасцинираа ненапишаните работи што лебдат цело време додека се кажуваат и се случуваат напишаните.
Сега за сега филмот ќе се прикажува само во Cineplexx, а малата екипа ќе се обиде да го пласира и на фестивали. Најверојатно ќе се прикажува и во други градови во земјава.

Гораст Цветковски

Филмската уметност не е нова страст за талентираниот актер. Тој дури сакал да студира режија, но годината кога сакал да се запише немало конкурс за режија.
- Филмот ме интересира уште пред да се запишам на глума. Јас и дојдов на ФДУ со намера да се запишам на режија, ама таа година немаше и требаше да чекам две години. Истовремено ме интересираше и глума, а имав и некој мал опит, школско аматерски, во глумата. Значи, режијата ми е стара љубов. Снимањето, слободно можам да кажам, беше антологиско во доста сегменти, инспиративно, радосно, голем предизвик за сите и големо искуство. Одговорноста е уште поголема зад камерата отколку пред неа – вели Димитријевиќ.
„Копање“ не е единствениот филмски проект што Димитријевиќ го работел минатата година. Годинава се очекуваат премиерите на уште два филма – еден документарен и уште еден игран.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура