X
 01.02.2024 Култура

„Зона на интерес“ - филм за Аушвиц номиниран за „Оскар“, снимен како „Големиот брат“

Режисерот Џонатан Глејзер вели дека во неговиот филм за концентрациониот логор „Аушвиц“ користел методи за снимање на реално шоу, како што се скриена филмска екипа и фиксни камери.

Но, неговиот филм „Зона на интерес“, номиниран во пет категории за „Оскар“, не ги прикажува ужасите од масовните убиства во логорот. Филмот, всушност, е приказна за семејство кое живее во куќа веднаш до логорот - командантот на логорот Рудолф Хес, неговата сопруга Хедвиг и нивните пет деца. Хес бил управник на „Аушвиц“ од 1940 до 1945 година.

За убивање на затворениците во гасните комори се користел гасот „циклон Б“. Се проценува дека во логорот биле убиени 1,1 милион луѓе, од кои еден милион биле Евреи.

За тоа време, на само неколку метри, неговото семејство уживало во пространа куќа, многу храна и добро уредена градина, која од кампот била одделена со бетонски ѕид.

Глејзер, кој го снимал филмот во близина на поранешниот логор „Аушвиц“, одлучил да го пренесе ужасот на кампот со звуци во заднина. Во филмот се слушаат придушени вресоци, истрели од огнено оружје и брмчење на машини, а се гледа како чад се надвива над крематориумот.

Семејството во куќата до кампот живее како ништо да не се случува од другата страна на ѕидот.

- Фразата што постојано ја кажував беше „Големиот брат“ во нацистичката куќа - вели режисерот.

Режисерот вели дека ги избегнувал вообичаените начини на снимање, каде што актерот ве вовлекува во неговиот лик затоа што тоа би било погрешно за овој филм.

Филмот во кој не се користи вештачка, туку само природна светлина, се чини како документарен филм. Филмот беше номиниран за „Оскар“ за најдобар филм и во четири други категории.


 

Извор: ВВС
Фото: Screenshot/Youtube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура