X
 02.05.2018 Живот

Ден потоа, а што беше тоа Први мај?!

Дали Први мај беше она кога на ражен се вртеше свиња, теле или некаква друга мрша, сè додека не добие убава, зацрвенета кора, а потоа работничката класа ќе ја „искрка“ до коска?
Но, кој го „искрка“ бунтот на работничката класа?

Работничката класа во земјите од Балканот е попасивна од свињата што клоца сè додека не заврши на раженот. Таа сепак клоца и се бори до последниот атом на својата сила.
Работничката класа не клоца. Добро ѝ е.
Задоволна е со неработниот ден што го доби како привилегија. И зошто сега да се потроши тој еден слободен ден заради некакви протести за права на работниците?! За некакви бедни „три осумки“.
И навистина оние во Париз и во Берлин се целосни чудаци што се тепаат со полицијата. Најверојатно правата на работниците во Париз се многу помали од правата кај нас.
За гревота.
Кој ја голтна смислата на Први мај?
Читајќи ја историјата, може лесно да се стигне до одговорот.
Секоја власт, на сопствен начин.
Во 1886 година, Први мај беше проголтан од рафалите испалени кон работниците. Пукотници кон крикот. Десетина илјади луѓе што ги бараа своите права. Тогаш мајот пливаше во крв.
Потоа, секоја власт го голташе отпорот на работниците на свој начин.
Перфидно. Знаејќи дека пушките ќе создадат само поголем бунт.
Па решија на широките народни маси да им дадат „опиум“. Во форма на знамиња и печени прасиња.
И порција грав.
Уште кога и градоначалникот лично ќе ти налее грав од казанот, на среќата ѝ нема крај. А во казанот плива свинска глава. И твојата глава, исто така, но сè уште не си свесен за тоа...
...Мојата асоцијација за ова се првите цреши на Буна кога од школо нè водеа на излет. Беа црвени како крв, баш симболично. Не работев во комунизмот, одев на школо тогаш. Но велат дека правата на работниците биле поголеми тогаш.
Први мај не умре по војната.
Тој умираше децении претходно.
Властите се досетија за тој е..н слободен ден.
Народот да слави, а не да протестира.
Први мај да стане декорација за добра власт.
Навистина се паметни. Затоа што ниту еден пендрек не е посилен од печено прасе.
Омрси ги мустаќите и заборави.
Заборави на десетчасовното работно време. Заборави на минималецот на кој си пријавен, а рестото под рака, во плик.
Заборави на тормозењето без камшик.
Изгледа ако вака продолжиме и натаму, ќе дојде време и за камшик.
Заборави на паузата.
Заборави на годишниот одмор.
Заборави го К-15.
Скриј ја дипломата да не ти прави дополнителни проблеми.
Затоа што современите робовладетели велат: „Ако не ти се допаѓа, да те нема. Колона невработени чекаат да седнат на твоето место“.
Е тука, дебело се зафркнале.
Колоните чекаат по аеродромите и автобуските станици.
Со багаж за Германија и Ирска.
Како што во минатиот век заминуваа „неподобните“. Но сега тоа не се само спорадични заминувања. Сега сите сме неподобни во ерата на непотизмот.
Реки течат кон станиците. Заминува секој со трошка памет.
Ќе нè спасуваат поглупавите. А робовладетелите на новата доба само се потат.
Па ќе увезуваме евтина работна сила од други земји. Со работна дозвола.
Го зафркнавме Први мај.
Го продадовме за знамиња и паради со тенкови.
Стана добра декорација за власта.
Задоволниот народ грицка корка од добро печено прасе.
Мавни ја 1886-тата. Главата нека е жива.
И мртвото прасе.

На ражен.


Колумна на „Бука“.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот