X
 03.05.2023 Образование

Високи успеси за студенти од Правниот факултет – Кичево на регионален натпревар за симулации на процеси пред ЕСЧП

Moot Court клубот Титус Флавиус Орестес од Правниот факултет – Кичево, единица на УКЛО Битола учествуваше на VI Moot Court натпревар „Бранко Маринковиќ“ за симулации на процеси пред Европскиот суд за човекови права, што од 27 - 29.04.2023 г. се одржа во организација на Правниот факултет во Ниш. На натпреварот учествуваа две екипи од Правниот факултет во Ниш и по еден натпреварувачки тим од правните факултети од Бања Лука, Осиек и Штип.

Во првата фаза студентите се натпреваруваа во групата А со тимовите на Iustitia од Правниот факултет во Ниш и A Fortiori од Правниот факултет во Штип и со две победи (А Фортиори апликант - Титус респондент 21-24; Титус апликант - Јустиција респондент 26-19) го освоија првото место во групата и се пласираа во полуфиналето во кое остварија една победа (Титус апликант - Онора респондент 28-17) и еден пораз (Онора апликант - Титус респондент 24-21).

1

Во финалето, студентите од Правниот факултет при УКЛО се сретнаа со Moot Court клубот од Правниот факултет во Бања Лука. По двата натпревара, студентките: Ангела Бошевска, Марија Дунимаглоска и Ана Џима како апликант и Наталија Атанасовска, Елена Грујоска и Симона Тодоровска како респондент, под менторство на вон.проф. д-р Ангелина Станојоска, го освоија второто место.

2

Правниот факултет – Кичево, единица на УКЛО е редовен учесник на регионални натпревари за симулации на процеси пред Европскиот суд за човекови права. На ваков начин, Факултетот им овозможува на своите студенти практично да се запознаат со Европската конвенција за заштита на човековите права и слободи, како и со работата на ЕСЧП и механизмот за заштита на истите. Воедно студентите учат правно да аргументираат и да ги подобруваат вештините за јавно говорење. Еве ги и нивните впечатоци:

-Може да се каже дека натпреварите се и искуство за целиот живот, покрај стекнатото искуство и знаење се вративме побогати и со убави моменти. Есенцијалниот дел од студирањето на еден правник е примената на Европското право и заштитата на човековите права, па затоа секој студент по право треба да тежнее кон збогатување на личното знаење преку ваквиот вид на натпревари - посочи Ана Џима.

3

-Учеството на натпреварот не направи побогати со многу нови искуства , кои не би можеле да ги сретнеме на друго место . Практичната примена на Европската конвенцијата за човекови права е особено битно искуство за еден правник. Покрај едукативниот дел од овој натпревар стекнавме нови пријателства, дружби и спомени - кажа Наталија Атанасовска.

1

-Кога го формиравме клубот „Титус Флавиус Орестес“ тргнавме со идеја на нашите студенти да им овозможиме многу повеќе од само формалното образование. На ваков начин студентите имаат можност правно да аргументираат, да учат како да се справат со тремата при јавно говорење, но и да работат тимски и под притисок. Се разбира, дополнително е тоа што после секој натпревар секој од нив носи спомени и пријателства за целиот живот - вели професорката Ангелина Станојоска која е воедно ментор на екипата студенти од Правниот факултет – Кичево кои секогаш се успешни учесници на регионалните натпревари за симулации на процеси пред Европскиот суд за човекови права.

(Комерцијална објава)
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование