X
 04.03.2022 Живот

Се намалува бројот на невработени, но и на вкупното работоспособно и активно население

Активното население во Македонија за четвртото тримесечје од 2021 година изнесува 937.482 лица, од кои вработени се 795.276, а 142.206 лица се невработени, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Вкупното работоспособно население за истиот период е 1.681.863. Стапката на активност во овој период е 55,7, стапката на вработеност 47,3, додека стапката на невработеност изнесува 15,2.

Доколку се направи споредба со претходни периоди, може да се забележи дека вкупниот број на активно население и вкупниот број на работоспособно население се во пад.

Фото: Државен завод за статистика (printscreen)

Анализата на податоците за активното население според образованоста покажува дека најголем број од активното население е со завршени 4 години средно (476.937), по што следуваат оние со високо образование (230.835), па оние со основно (134.245) итн. Соодветно на тоа, најголемиот број вработени и невработени исто така се со завршени 4 години средно образование.

Фото: Државен завод за статистика (printscreen)

При анализа на податоците за работоспособното население според економската активност може да се види дека најбројно е она на возраст од 25 до 49 години (775.281), па следува она на возраст од 50 до 64 години (410.228), па она на возраст од 65 и повеќе години (258.699) и најмалобројно е она на возраст од 15 до 24 години (237.655). Во однос на работната сила, најголем број од неа исто така е на возраст од 25 до 49 години (617.082), по што следува онаа на возраст од 50 до 64 години (244.970), па онаа на возраст од 15 до 24 години (66.748) и на крај оние со полни 65 или повеќе години (8.683). Соодветно на тоа, најголемиот број вработени и невработени се на возраст од 25 до 49 години (524.240 вработени и 92.841 невработен).

Фото: Државен завод за статистика (printscreen)

Бројот на неактивно работоспособно население е 744.381, од кои (ако не ги земаме предвид оние 250.016 кои се на возраст од 65 или повеќе години) најбројни се оние на возраст од 15 до 24 години (170.907), по што следуваат оние на возраст од 50 до 64 години (165.258) и на крај оние на возраст од 25 до 49 години (158.200).

Анализата за податоците за вработени според секторите на дејност и видот на сопственоста на деловните субјекти покажува дека најголем број вработени имаме во преработувачката индустрија (160.373), трговијата на големо и мало, поправка на моторни возила и мотоцикли (126.401) и земјоделството, шумарството и рибарството (87.588).

Фото: Државен завод за статистика (printscreen)

Фото: Државен завод за статистика (printscreen)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот