X
 04.04.2024 Наука

Дебелите деца имаат поголем ризик да развијат мултиплекс склероза во зрелоста

Дебелите деца може да бидат изложени на поголем ризик да им биде дијагностицирана мултиплекс склероза во раната зрелост, покажува нова студија.

Ризикот за дијагностицирање мултиплекс склероза (МС) се чини дека е двојно поголем кај дебелите деца во споредба со оние што не се, открило шведско истражување. Академици од Институтот „Каролинска“ во Стокхолм ги анализирале податоците од шведскиот регистар за третман на дебелината кај децата. Базата на податоци, позната како „Борис“, е еден од најголемите светски регистри за третман на детска дебелина.

Истражувачкиот тим ги прегледал податоците за деца на возраст меѓу две и 19 години, кои биле регистрирани во регистарот помеѓу 1995 и 2020 година, и ги споредил со децата од општата популација. Нивната студија опфатила податоци за повеќе од 21.600 дебели деца, кои започнале со третман за дебелина на просечна возраст од 11 години и повеќе од 100.000 деца кои не биле дебели. Децата вклучени во студијата, која треба да биде претставена на Европскиот конгрес за дебелина во мај во Венеција, биле следени во просек по шест години.

Просечната возраст на дијагнозата на МС била околу 23 години.

- Еден од ефектите на дебелината кај децата е тоа што предизвикува слабо, но хронично воспаление, а ова воспаление го зголемува ризикот од развој на мултиплекс склероза - истакнале проф. Емилија Хагман и проф. Клод Маркус, автори на студијата.

Во текот на периодот на следење мултиплекс склероза била дијагностицирана кај 28 дебели луѓе, кои сочинувале 0,13 проценти од групата и кај 58 лица што не биле дебели, кои сочинувале 0,06 проценти од групата.

Извор: zimo.dnevnik.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука