X
 05.02.2019 Наука

Научници претворија матични клетки во клетки што произведуваат инсулин

Иако лекувањето на дијабетес тип 1 минало низ долг пат откако првпат било опишано во антички Египет, инјекциите со инсулин и бодежите во прстите се секојдневие на многу дијабетичари.

Но, истражувачите имаат епохално откритие (кое еден ден може да ги направи овие технологии застарени) со трансформирање на човечки матични клетки во функционални клетки кои би произведувале инсулин (познати и како бета-клетки) - барем кај глувците.

- Сега можеме да генерираме клетки што произведуваат инсулин, кои изгледаат и се однесуваат многу како бета-клетките од панкреасот, кои и вие и јас ги имаме во нашите тела. Ова е клучен чекор кон нашата цел за создавање клетки кои би можеле да се трансплантираат во пациенти со дијабетес - објаснува микрофизиологот Матијас Хеброк од Универзитетот од Сан Франциско, Калифорнија, кој е дел од тимот.  

Дијабетесот тип 1 се карактеризира со загуба на инсулин поради тоа што имунолошкиот систем ги уништува клетките во панкреасот. Поради тоа, лицата со дијабетес тип 1 мора рачно да си ставаат инсулин. Иако ова е прилично добар систем, тој не е совршен.

Луѓето со оваа состојба можат да живеат претежно нормални животи, но кај нив има зголемен ризик од различни болести.

Има и други методи за справување со дијабетесот тип 1, како ставање нови бета-клетки или замена на оштетениот панкреас со нов, но двете опции имаат ограничена достапност бидејќи новите клетки или органи треба да се земат од донори.

За да го решат проблемот со донаторите, истражувачите во изминатите неколку години работеле на поттурнување на матичните клетки да станат целосно функционални панкреасни бета-клетки, но имало проблеми да се постигне тоа.

- Клетките што ние и останатите ги произведувавме се заглавуваа во незрела фаза, каде што не беа способни соодветно да одговорат на крвната гликоза и соодветно да секретираат инсулин. Тоа беше голема пречка - вели Хеброк.

Но, кога тимот го разгледал начинот на кој овие клетки се развивале во панкреасот, тие успеале. Тука клетките се делат од останатиот дел од панкреасот и се подредуваат во издадености наречени панкреасни островчиња.

Тимот го истражувал процесот во Петриев сад, вештачки одделувајќи ги матичните клетки од панкреасот за да ги реорганизира во грстови кои личат на островчињата. Ваквото подредување им дозволило на матичните клетки од панкреасот да созреат и да функционираат претежно како регуларни клетки што произведуваат инсулин.

И што е уште подобро, кога тие грстови биле трансплантирани во здрави глувци, било утврдено дека клетките произведуваат инсулин како одговор на нивото на шеќер во крвта за само неколку дена.

Секако, како и со други студии со глувци, не можеме сè уште многу да се возбудуваме. Сè уште има многу работа додека ова да стане корисен третман за луѓето.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука