X
 05.06.2018 Образование

Зошто детето да оди на настава во природа? Какво е француското искуство?

Првите години кога во ЕФИС ги воведовме „училишните патувања со ноќевања“ ни беа потребни многу средби за родителите да се уверат дека децата ќе бидат безбедни, згрижени и дека ќе се реализира дадената програма. Со текот на годините тие стекнаа доверба во нас и бројот на учесници е сѐ поголем, вели Билјана Кракутовска, административен директор во Интернационалното француско училиште во Скопје



Од наставата во природа во Михајлово

Зошто да се замине заедно, зошто да се запознае друго место? Волшебни зборови: море, езеро, снег, планина, патување, странство... Радост да се замине заедно, на друго место, да се прекине секојдневната рутина на училиштето, да се откријат нови хоризонти, да се поминат деноноќија со другарите и другарките од одделението. Наставата во природа е една од алатките на отворено училиште што денешново време ни ги наметнува.

Во Франција наставата во природа може да биде разновидна

- Зимска настава во природа или настава на снег;
- Училишно патување за откривање на историското и културното наследство;
- Настава во природа на планина;
- Настава во природа на море;
- Настава за реализација на престој кај одделение со кое се врши допишување;
- Настава со престој за откривање на музиката и музички инструменти.


Организацијата на овие „училишни патувања со ноќевања“ одговара на специфична правна регулатива. Училиштето треба да ги достави проектот и барањето до инспекторот најмалку 8 недели пред почетокот и ако е сѐ во ред, инспекторот доставува овластување до училиштето што ја организира наставата.
Сиве горенаведени типови настава надвор од училиштето во Франција се случуваат во текот на школската година, бидејќи школскиот календар има четири распусти од по 10 дена, а се реализираат во многубројни акредитирани центри насекаде низ Франција, кои нудат програми и професионални аниматори и едукатори.
Учесници во тој тип настава се професорите, одделението или групата во градинката, професионалните акредитирани аниматори и помошници-едукатори, родители кои исто така може да бидат повикани да бидат дел и да помогнат во организацијата и реализацијата, но и возачите на автобусите, техничкиот персонал, градоначалниците…


Најчесто видот на настава се дефинира на почетокот на школската година и целата година професорот/воспитувачот заедно со децата/учениците работи на подготовка на заедничка предлог-програма и на тој начин ги подготвува децата за настанот што ќе следува.
Во некои градови во Франција „тој вид настава“ со текот на годините стана дел од традицијата и се случува родители да го запишат детето кај некој воспитувач, бидејќи тој најчесто заминува, на пример, на еколошка настава во природа.

Како е во Француското интернационално училиште во Скопје?

Бидејќи сме акредитирано училиште од Министерството за образование на Франција, секоја година организираме таков вид настава. Најчесто се одлучуваме за настава во природа во Македонија каде што нудиме разновидна програма адаптирана за сите циклуси од училиштето, за градинката (3-6 години) и за одделенската и предметната настава.
Програмата секоја година изобилува со спорт, прошетки, изработки, посети на културно-историски споменици. Оваа година направивме комбинирана програма на настава за запознавање на Охрид и неговите културни и историски споменици, како и прошетка по Галичица и езерото.

Дечиња од градинка на настава во природа во детското одмаралиште Михајлово, Кожув

Првите години кога почнавме со организацијата на „училишни патувања со ноќевања“ ни беа потребни многу средби додека родителите се уверија дека децата ќе бидат безбедни, згрижени и дека ќе се реализира дадената програма. Со текот на годините, благодарение на добрата организација, родителите стекнаа доверба во нас и бројот на учесници секоја година е сѐ поголем.
Можам слободно да кажам дека бевме меѓу првите училишта што организираа таков вид настава за деца од градинката и особено сме горди на тоа искуство.
Прашањата што родителите најчесто си ги поставуваат пред заминување на децата се: Се плашам дека нема да има доволно возрасни! Се прашувам што точно ќе прават? Мислам дека моето дете е премало! Моето дете има една навика, посебност...?! Моето дете ќе ми недостига или јас ќе му недостигам!

 Детско одмаралиште Михајлово, Кожув

Придобивките од наставата во природа

Им овозможува на децата:
- да ја развијат самостојноста;
- да се развијат емоционално, културно, интелектуално, општествено;
- да научат да учат од светот каков што е, а не само во непосредна околина, од книгите и телевизија;
- да ја развијат својата љубопитност, вниманието, способноста да ја искористат секоја можност, нивниот критички ум, нивната логичка смисла и нивната способност да се приспособат на разни ситуации,
- да поставуваат вистински прашања;
- да ја нахранат својата фантазија.

Билјана Кракутовска

Училиштето има силна должност да го соочи детето со реалноста. Искуството од наставата во природа придонесува за развој на целокупната личност на секое дете и го подготвува за подобро разбирање на утрешниот свет.
Подготвил: С.Ѓ.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование