X
 05.07.2023 Наша тема

Бојан Кордалов: „Светот зборува за вештачка интелигенција, а ние уште сме на тема дигитална трансформација на студентските услуги“

За да се помести работата во делот на дигитализацијата во високото образование, треба да се седне заеднички и да се обединат напорите. Одредувањето на правецот мора да биде доминантно направено од студентите бидејќи на нив главно ќе се однесува. Тие треба да бидат мотивирани да студираат, а истовремено и да се надградуваат, смета Бојан Кордалов

Дигитализацијата на високобразовните институции повеќе не е прашање на потреба, туку е неопходност за квалитетен образовен процес, а универзитетите мора да вложуваат во постојано унапредување на дигитализацијата на системите и во обука на соодветен кадар. Државата треба целосно да го поддржи овој процес, вклучително и со развој на стратегии со кои ќе ги задржи младите кои се образоваат за ИТ-професии кои се дефицитарни, а истовремено неопходни кадри во земјава. Oва се дел од заклучоците на дебатата „Дигитални реформи за современо високо образование – младински перспективи“ во организација на Институтот за напредно политичко лидерство, АЛПИ, поддржан од страна на Меѓународниот републикански институт (ИРИ).

Со Бојан Кордалов, иницијатор на дебатата, комуниколог – специјалист за односи со јавност и нови медиуми, разговараме подетално за тоа колку сме блиску или далеку од дигитализацијата на образовниот систем.

Според него, дигитализацијата е процес кој бара да вложуваме доста пари, ресурси и знаење, но пред сѐ зависи дали имаме искрена волја за да го спроведеме. Важно е од сите страни да доаѓа поддршка за студентските и младинските организации со цел универзитетите и другите образовни институции, заедно со надлежните институции и државата, да се поттикнат да вложат во вистинска дигитализација која ја очекуваат и бараат младите – вели Кордалов.



Секоја млада личност да има пристап до квалитетен паметен уред

Како што вели тој, за да се успее во дигитализацијата на образованието, неопходно е тоа да биде во заеднички и инклузивен процес, каде што ќе бидат вклучени сите, рамноправно ќе одлучуваат, но првенствено ќе се сфати дека процесот на дигитализација, на пример, во високото образование, примарно се прави заради студентите.

-Многу е важно да нагласам дека дигитализацијата во образованието значи дека институциите мора да се погрижат секоја млада личност да има пристап до квалитетен паметен уред, но и до брз интернет! Бидејќи дигиталната трансформација во никој случај не смее да стане предмет на дополнителни поделби меѓу луѓето, особено според финансиските можности. Пристапот до квалитетен интернет, според мене, треба да спаѓа во корпусот на основни човекови права, а тоа значи дека никој не смее да биде изоставен бидејќи ако тоа се случи, ќе биде причина плус да се оддалечуваме од процесот на модернизација кој во светот е отиден многу, многу подалеку од она за кое ние сѐ уште не можеме да се договориме. Ако треба да сумирам, многу сме далеку од дигитализација само од причина што не сакаме да менуваме, да се приспособиме на потребите на студентите и времето во кое денес се живее. Другото што е неопходно, како парите и ресурсите, како држава можеме да ги обезбедиме во неколку месеци, но клучното прашање е дали ова претставува вистински и искрен приоритет – изјавува Бојан.

На прашањето зошто ни е потребна дигитализација и какви придобивки носи, тој вели:

- Денешните генерации се млади на 21 век на кои им се многу поблиски таблетот и компјутерот отколку кредата или други физички и нагледни средства. Тоа не значи дека треба да се тргнат од употреба хартиените работи, меѓутоа, во исто време мора да се вложува во дигитални уреди, дигитални вештини и дигитални можности. Да ги поставам работите вака, ако за мојата генерација крик на технологијата беше видеорекордерот и неговото вклучување во наставата еднаш месечно, денес тоа е неограничениот пристап до квалитетни дигитални содржини, платформи и апликации. Наједноставно, ние учевме полесно географија од географски карти, додека денес тоа учениците најлесно ќе го постигнат преку гледање квалитетна видеосодржина за секој дел од планетата Земја. Или, пак, ако за мене како студент врвно достигнување во практичната работа беше посета на државна институција, денес тоа се поткастите, онлајн состаноците, дебатите со релевантни професионалци од кои студентите сакаат да слушнат, прашаат, но и споделат нешто како нивно искуство итн. Исто така, она што е специфично, а според мене многу позитивно кај оваа генерација на млади, е желбата уште од најрана возраст да бидат финансиски независни и сами да придонесуваат за себе. Токму дигитализацијата дополнително им овозможува да остварат сѐ: да студираат, полагаат, стекнуваат нови искуства преку патувања, обуки, размени... да работат за да заработат, но и да имаат секојдневен и квалитетен социјален и забавен живот. Ова се практичните потреби и придобивки од дигитализацијата во образованието, а со промените веќе доцниме, па се надевам дека ќе почнеме уште веднаш со цел да го надоместиме изгубеното време, но и како општество да станеме еден од лидерите во овој процес на европско и светско ниво - објаснува Кордалов.

Образовен систем според студентските потреби

Од што треба да се почне за да се помести работата и да се стартува со имплементација?

- За да се помести работата во делот на дигитализацијата во високото образование, треба да се седне заеднички и да се обединат напорите. Тоа значи надлежното министерство, ректорските и деканските управи, заедно со студентите, нивните и младинските организации, експертите и секако бизнис-секторот треба да седнат и да работат на спроведување на ваквиот план.
Но, ако мене ме прашате, одредувањето на правецот мора да биде доминантно направено од студентите бидејќи на нив главно ќе се однесува. Тие треба да бидат мотивирани да студираат, а истовремено и да се надградуваат. Понатаму, ако создадеме образовен систем според студентските потреби, огромни се шансите тие да ги откријат своите потенцијали, но и да вложат во развивање на своите вештини и знаења во Македонија, наместо првата мисла да им биде како да си заминат засекогаш од тука и никогаш да не се вратат.
Значи, да заклучам, практична и спроведлива стратегија, обединување на сите ресурси и фокус на главната целна група во високото образование – студентките и студентите. И секако, многу, многу работа со конкретен фокус, план и рокови, за кои рековме дека веќе доцниме. Светот веќе зборува за вештачката интелигенција и слично, а ние уште сме на тема дигитална трансформација на услугите – потенцира Кордалов.



Според него, вината за ова не смее да се бара кај граѓаните, особено не кај младите луѓе, туку неопходно е секоја промена да започне со тоа што политичарите и институциите ќе се менуваат и секојдневно ќе докажуваат дека се посветени и постојат заради луѓето, а не обратно!

-Повторувам, дигитализацијата значи избор и можности. Тоа е нешто што во моментов го немаат сите студенти кои патуваат пречесто до своите факултети и трошат свои или пари на нивните родители, често и поради бирократска баналност или потпис. Дали ги имаат тие пари, се прашуваат ли надлежните? Или дали треба да бидат врзани за студентските соби во 21 век и тоа поради некаков административен рок или, пак, да имаат избор да бидат слободни и мобилни каков што е светот за дел од нивните врсници од Европа и САД денес?
И клучното прашање, дали некој се прашува дали е фер што ова не им се овозможува?!
Како конкретни иницијативи во кои сум вклучен изминативе месеци би ги споменал следните три: #DIgiU иницијативата за дигитализација на државните универзитети, која заеднички ја реализираат Форумот за образовни промени (ФОП), Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) и Асоцијација за младинско зајакнување (YEA), а во која се вклучени и студентските организации, како и претставничките и претставниците на универзитетите и дел од надлежните институции; Иницијативата за дигитализација на услугите во високото образование иницирана од страна на младински претставнички и претставници на различни политички подмладоци и граѓански организации, а поддржана во рамки на АЛПИ Институтот на Меѓународниот републикански институт (ИРИ); иницијативата за заедничка соработка со надлежното Министерство за информатичко општество и администрација (МИОА) во сферата на дигитализацијата на општеството, кое ветува навистина широк и инклузивен процес...
Верувам дека ова се дел од начините кои може да нѐ однесат до посакуваната општествена промена, а тоа води единствено преку давање секојдневен и конкретен личен придонес за менување на работите, обединување со сите други поединци, групи, организации и институции кои посакуваат напредок во општеството и ставање на фокусот на младите денес, односно уште веднаш, наместо зборување преку флоскули дека тие се иднината која никогаш за нив не доаѓа бидејќи не им се дава шанса кога имаат најголема енергија, мотивација и идеализам да го менуваат светот – информира Кордалов.
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема