X
 05.10.2023 Наша тема

200 студенти на листа на чекање за сместување во студентски дом во Скопје, најмногу конкурирале за „Гоце Делчев“ каде што капацитетот е исполнет

Почетокот на академската година донесе грижи за двесте студенти од градовите од внатрешноста на Македонија кои побараа сместување во студентски домови во главниот град. Иако ги исполнуваат условите, ставени се на листа на чекање. Студентите реагираат дека за ваквата одлука биле известени непосредно пред почетокот на студиите, па морале итно да бараат приватно сместување. 

Немајќи време да најдат станови според семејниот буџет, морале да прифатат понуди кои не им се економско издржливи. Меѓу нив има и студенти кои се ослободени од партиципација, а сега мора да плаќаат кирија од над сто евра, колку што се движи месечната наемнина по лице за приватно сместување во Скопје, под услов да имаат и цимери.

Студентите во последен момент барале приватно сместување

- Јас сум бруцош во Скопје, доаѓам од мало место и студирањето во метрополата дефинитивно не го замислував вака. Едвај најдов приватно сместување бидејќи резултатите беа објавени во последниот миг пред да почнеме, а се најдов на листата на чекање за легло во студентски дом. Не знаев на што сум бидејќи не бев одбиен, но не бев ни примен. Финансиски не можам да го дозволам ова сместување подолг период, но МОН не го интересира тоа. На моите прашања не добив одговор. Моите желби за подобра иднина дефинитивно се срамнија на нула. На секој би му посакал двапати да размисли дали да го продолжи своето образование овде - вели студент од Охрид.

Вознемирени се и родителите што планирале да плаќаат најмногу до четири илјади денари месечно за сместување во студентски дом, а сега студирањето во Скопје на нивните деца ќе ги чини двојно, па и тројно повеќе само за стан.



- 200 студенти последниот ден пред почетокот на годината оставени без сместување и најдени на листата на чекање. Каква е таа листа? Каде да се сметат студентите што доаѓаат од другите општини и немаат каде да престојуваат? Порано студирањето беше бесплатно, а сега не можеме децата ни во студентски дом да ги сместиме - коментира родител од Кавадарци.

„Гоце Делчев“ полн, студентите можат да бидат сместени во „Т.С. Сениќ“ во Автокоманда

Од Министерството за образование потврдуваат дека е составена листа на чекање. Но, образложуваат дека најголемиот дел од студентите аплицирале за сместување во домот „Гоце Делчев“, каде што капацитетот е околу 1.200 легла, а не 2.400. Домот е целосно исполнет и не може да ги прими сите кандидати. На оние што ќе се откажат од ова барање веднаш ќе им се овозможи сместување во домот „Томе Стефановски-Сениќ“.

- Студентите што се на листа на чекање аплицирале за сместување во студентски домови (претежно во „Гоце Делчев“) каде што местата се веќе пополнети. Тие исполнуваат услови за да добијат легло и затоа МОН сака да им излезе во пресрет и да ги смести. Тоа што се на листа на чекање значи дека доколку некој од студентите што веќе добиле легло во „Гоце Делчев“ се откаже или не се всели во предвидениот рок, местото ќе му припадне на студент од оваа листа. Друга опција за која овие студенти се известени е дека со поднесување молба до МОН, можат веднаш да бидат сместени во „Томе Стефановски-Сениќ“ во Автокоманда каде што има слободни места - објаснуваат од Министерството за образование.



Во студентскиот дом „Гоце Делев“ годинава се примени 164 бруцоши, а преостанатиот капацитет е исполнет со студенти од повисоките години. Понатаму, во ДСД „Пелагонија“ се сместени 208 бруцоши, во „Стив Наумов“ трета зграда и нови бараки 84, а во „Томе Стефановски-Сениќ“ 11. Во државните студентски домови во внатрешноста се сместени над 230 студенти.

Неопходно е реновирање на студентските домови за интересот да биде еднаков за сите

Оваа академска година нема да работи студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“, чии згради се празнат за реконструкцијата. Студентите годинава се сместуваат во „Стив Наумов“ - павилјони со капацитет од 138 студенти, зграда 3 со 367 легла, и „Гоце Делчев“, кој беше целосно реновиран во периодот од 2016 до 2019 година и годинава обезбеди сместување за 1.176 студенти. Од „Гоце Делчев“ останува да се реновираат студентската менза, кантината и бифето, кои се дел од претстојниот проект.

Од Државниот студентски дом Скопје неодамна за Факултети.мк изјавија дека се празнат зградите на домот „Кузман Јосифовски-Питу“, а инвентарот од зграда 1 и 2 во „Стив Наумов“ е веќе складиран во магацин за да се заштити од надворешни влијанија. Наскоро треба да започнат градежните работи затоа што подготвителните работи се завршени. Во завршна фаза е тендерот за избор на изведувач.



Реновирањето на студентските домови е проект кој се реализира со помош на КФВ Банка, Министерството за образование и наука и Државниот студентски дом - Скопје. Опфаќа целосна реконструкција на домовите, со што тие би имале модерни услови, како што посочуваат од ДСД, исти како оние во развиените европски земји. Овој проект опфаќа енергетска ефикасност на објектите, односно покрај фасади и прозорци, ќе бидат инсталирани и фотоволтаични панели кои би ја компензирале потрошувачката на електричната енергија.

- Придобивки од оваа реконструкција ќе имаат и студентските домови и студентите. За студентските домови е битно што ќе се намалат трошоците за режиски трошоци (струја, греење итн.), како и целосното функционирање (модерни студентски мензи со современи апарати за подготвување и чување на храна итн.), а за студентите - тоа што ќе престојуваат во модерни, реновирани домови - додаваат од Државниот студентски дом - Скопје.
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема