X
 06.02.2020 Живот

Фотографии од внатрешноста на дрво го откриваат животот на дивите пчели

Фотографот Инго Арндт, кој живее во Германија, извесен период го набљудувал однесувањето на пчелите што се удомиле во неговиот двор. Колонијата на медоносните пчели веднаш била нападната. Не од пестициди или од која било друга опасност, туку од стршни.
Секој удар се случувал брзо, предаторите ги грабнувале пчелите и летале со нив.

Западните медоносни пчели воопшто не можат да им се спротивстават на европските стршни. Долги три сантиметри, стршните имаат моќни долни вилици способни да ги распарчат помалите инсекти на безброј делови.

Во текот на првите денови на опсадата се чинело дека пчелите се беспомошни.

- Помислив ако ова продолжи да се случува, ќе ми ја убијат цела колонија - вели фотографот Инго Арндт, чиј двор во Лаген, Германија, е домаќин на пчелите.

- Но, како што поминуваа неделите, пчелите почнаа да се стабилизираат. Почнаа да создаваат жив килим од чувари близу влезот на гнездото. Секојпат кога стршенот ќе се доближеше, некој од чуварите ќе скокнеше на напаѓачот и ќе се справеше со него. Во еден момент повеќе пчели ќе му скокнеа на стршенот и ќе се ослободеа од него - раскажува тој.

1
Фото: National Geographic

Во внатрешноста на топката од пчели се случувало нешто многу побизарно. Западните медоносни пчели имаат трик со кој можат да ги активираат своите мускули за летање толку брзо, што нивните гради зрачат со мала количина топлина. Кога десетина или повеќе пчели ги активираат мускулите истовремено, кластерот може значително да ја подигне температурата во околината.

Така пчелите ги гореа стршните.

- Сметам дека ова е генијално - вели Јурген Тауц, неодамна пензиониран биолог, кој специјализирал за медоносни пчели и работел на Универзитетот „Јулиус Максимилијан“ во Вирцбург, Германија.

2
Фото: National Geographic

Топлинската стапица е моќно оружје, но може да доведе и до пријателски оган. Понекогаш пчелите што се наоѓаат во внатрешноста умираат со стршенот, жртвувајќи се себеси за да ја одбранат колонијата.

Ова е само еден аспект од однесувањето на западната медоносна пчела што Арндт ја фотографирал во текот на изминатите две години. Тој 30 години фотографира див свет. Арндт не е експерт за инсекти, па затоа се одлучил за соработка со Тауц.

Однесувањето на пчелата против стршенот е забележано и кај сродни видови во Азија од страна на пчеларите во Израел и во Египет, но досега никој не успеал да ја фати борбата на камера како што ја фатил Арндт.

- Тоа е најдобрата фотографија што некогаш сум ја видел - вели Томас Д. Селеј, професор на Универзитетот „Корнел“, кој го проучува однесувањето на пчелите, како и нивните социјални интеракции.

3
Фото: National Geographic

По првите битки, Арндт вели дека забележал дека стршните и пчелите се борат дури по 10 пати на ден. Ако колонијата на пчели е слаба, тогаш стршните можат да ја уништат.

Постојат и други опасности за пчелите. Арндт вели дека пчелите од околните колонии често ги напаѓаат пчелите од неговиот двор во обид да го украдат медот, особено кон крајот на летото, кога бројот на цвеќиња е намален.

Но, како што вели Арндт, највозбудливите работи се случуваат во внатрешноста на дрвото. Затоа, во февруари 2019 година тој добил дозвола од германските шумски власти да влезе во локалната шума и да земе дел од стеблото на една бука. Отсекол едно парче и го однел во својата градина.

Успеал да стави макролеќа низ задниот дел на шуплината на дрвото. Потоа ја извадил матицата од блиската колонија и ја ставил во дрвото. Сè што требало да направи е да чека. За неколку моменти другите пчели од оригиналната колонија се појавиле покрај матицата. Целата колонија наскоро се преселила во шуплината на дрвото.

4
Фото: National Geographic

За шест месеци Арндт успеал да направи повеќе од 60.000 фотографии, создавајќи портрет на дивите пчели, нешто што досега не било видено.

Орнитолозите користеле слични техники за да ги проучуваат птиците, но досега никој не ги проучувал пчелите во дивината.

Арндт гледал како пчелите летаат до блискиот извор на вода и назад до гнездото. Внатре ја пренесуваат водата до друга група пчели, познати како „распрскувачи на вода“, чија задача е да ја регулираат течноста на саќето, каде што испарува и се создава ефект на ладење. Процесот може да се забрза кога другите пчели ги мрдаат крилјата за да го зголемат протокот на воздух за да може водата побрзо да испари.

Кога температурите надвор се ниски, секоја од пчелите ја фаќа ногата на другата пчела за да формира жив јорган на површината на саќето. Тауц ја поврзува структурата со вреќа за спиење, а со затегнувањето и олабавувањето на јорганот се приспособува температурата.

Во некои случаи Арнд и Тауц можеа да го објаснат однесувањето за кое пчеларите долго време немале објаснување. Една мистерија била зошто инсектите го гризат дрвото на нивните кутии.

6
Фото: National Geographic

- Тие ги гребат сите лабави делови од површината - вели Тауц.

Не само што со ова однесување се отстрануваат потенцијални патогени микроорганизми, туку и се создава мазна површина на која другите можат да стават прополис.

- Прополисот е секрет произведен од пупки на дрвјата напролет. Многу е леплив, а пчелите го собираат затоа што е антифугален и антибактериски. Тоа е дел од аптеката на шумата - вели Тауц.

Арндт се надева дека овие фотографии ќе им ги отворат очите на луѓето кон претежно скриената убавина на дивите пчели.

- Навикнати сме да ги гледаме пчелите како живеат во квадратна бела кутија. И да, така живеат за пчеларите. Но, сами, не живеат така - вели Арнд.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот