X
 07.04.2021 Култура

Како е прикажана принцезата Дијана на сцена и на филм?

„Мјузикл за Дијана“ (Diana: The Musical) ќе биде достапен на „Нетфликс“ на 1 октомври, два месеца пред да ја доживее својата премиера на Бродвеј, закажана за 16 декември.

Делото го следи животот на Дијана од моментот кога таа се омажи за принцот Чарлс. Музиката ја напишал клавијатуристот Дејвид Брајан, кој настапува со Бон Џови.

Улогата на Дијана ќе ја толкува британската актерка Џини де Вал, која го опиша мјузиклот како „приказна за полнолетството“ и за жена која ја наоѓа сопствената моќ.

Де Вал не е првата актерка на која ѝ била доделена улогата на принцезата Дијана, чиј живот и смрт продолжуваат да ѝ го привлекуваат вниманието на јавноста.

Се чини дека „Нетфликс“ е идеална мрежа за прикажување мјузикли, со оглед на тоа што оваа стриминг-платформа ја прикажува и серијата „Круната“. Во последната сезона Ема Корин ја глумеше младата Дијана во текот на првите години од бракот со идниот британски крал.

3
Ема Корин како Дијана/Фото: Screenshot/YouTube

Корин доби многу пофалби за нејзиното толкување, како и „Златен глобус“. Со почетокот на петтата сезона, улогата на Дијана ќе ја преземе австралиската актерка Елизабет Дебицки, позната по улогите во филмовите „Тенет“ и „Вдовици“.

Пред Дебицки да се појави во улога на Дијана на малите екрани, љубителите на киното и кралското семејство ќе имаат можност да ја видат и Кристен Стујарт, која исто така ја портретира Дијана во филмот „Спенсер“.

kristen
Кристен Стујарт како Дијана/Фото: Screenshot/YouTube

Американската актерка моментално работи на филмот „Спенсер“, кој ќе ја покаже состојбата на умот на принцезата Дијана за време на божиќните празници во Сандрингем во 1991 година. Според режисерот на филмот, Пабло Лорен, Дијана за време на оваа посета на кралската резиденција во Норфолк одлучува да го напушти Чарлс, кој го глуми Џек Фартинг.

Минатата година Стјуарт зборуваше за улогата, велејќи дека е тешко да не се чувствува заштитнички кон принцезата, бидејќи била навистина млада кога починала.

Стјуарт се надева дека ќе добие добри критики за нејзиното портретирање на принцезата, за разлика од Наоми Вотс, која во 2013 година ја глумеше принцезата во филмот „Дијана“.

dijana
Наоми Вотс како Дијана/Фото: Screenshot/YouTube

Дејствието на овој филм ги опфаќаше последните две години од животот на Дијана, кога таа беше во тајна врска со хирургот Хаснат Кан. На филмските критичари воопшто не им се допадна филмот, а и самата Вотс подоцна ќе го опише филмот како брод што тоне и оди во правец во кој никој не очекувал.

Ејми Секомби ја глумеше Дијана во телевизиски филм снимен неколку месеци по нејзината смрт, во август 1997 година.

„Дијана: Омаж кон принцезата на народот“ ја прикажува последната година од животот на принцезата и нејзината врска со Доди ал Фајед, кој го глуми Џорџ Џакос.

И други актерки ја глумеа Дијана во телевизиски филмови снимени во текот на нејзиниот живот: Керолин Блис, Кетрин Оксенберг, Серена Скот Том и Џули Кокс.

Во меѓувреме, Кејт Робинс го позајми гласот за куклата во сатиричното шоу „Спитинг имиџ“ на Стивен Фрај.

Извор: BBC
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура