X
 09.05.2021 Живот

Научни причини зошто треба да работиме четири дена во неделата

Според веб-страницата за вработување „Зип рекрутер“, процентот на работни позиции со четиридневна недела се зголемил за четири пати во последните пет години, од 14 на 10.000 на 62 на 10.000 минатата година. Најчесто овие позиции се во индустриите на продажба и здравство.

Некои држави ги поттикнуваат компаниите да воведат четиридневни недели, како Нов Зеланд и Шпанија. Истовремено, сè повеќе истражувања потврдуваат дека продолжувањето на викендот за еден ден може да биде добро за работниците, но и за бизнисите.

Продуктивноста е поголема

Работниците сметаат дека многу состаноци се губење време, покажуваат анкетите. Со состаноците се намалуваат часовите за продуктивна работа. Кога имаат помалку работни денови, работниците и компаниите мора подобро да се организираат за да ги завршат обврските и да ги задржат само состаноците што мора да се одржат.

Компании што вовеле четиридневна работна недела забележале дека работниците подобро работат на тој начин. „Мајкрософт“ тестирала четиридневна недела во Јапонија во 2019 г., а тоа довело до зголемување на продажбите по вработено лице за 40%.

Позициите со четиридневна недела се попривлечни

Флексибилноста што ја нуди скратената работна недела е важна придобивка за работниците. Според податоци на „Зип рекрутер“, апликациите за позициите со четири работни дена се за 15% поголеми отколку за сите други. Според истражување на Универзитетот на Ридинг, 63% од компаниите во Велика Британија што имаат четиридневна работна недела велат дека оваа мерка им помогнала да ги привлечат најдобрите кандидати.


Фото: Pixabay

Кога работите помалку, тоа може да биде добро за околината

Освен што им помага на бизнисите, работењето помалку денови ѝ помага и на Земјата. Според анализа од 2012 г., земјите со пократки работни часови испуштаат помалку штетни гасови во атмосферата. Според нивните процени, работењето еден ден помалку неделно може да го намали испуштањето на штетни гасови за над 30%.

Работниците имаат подобар баланс помеѓу работата и приватниот живот

Пократката работна недела носи психолошки придобивки. Едно истражување од 2018 г., спроведено на Нов Зеланд, покажало дека вработените што имаат четиридневна работна недела имале повеќе време за семејството и биле под помал стрес, а со тоа се подобрил балансот помеѓу приватниот и професионалниот живот.

Со несигурноста што ни ја создава пандемијата, времето за одмор и релаксација станува побитно од кога и да е. Можеби четиридневната работна недела навистина треба да стане нормална.

Автор: Моника Торес
Извор: huffpost.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот