X
 09.07.2017 Култура

Дизнификација: Како изгледаат бајките низ призмата на „Дизни“

Ако ве изненадува што студиото „Дизни“ доминира со киносцената, подобро погледнете ги насловите на неговите филмови. Пепелашка, Книга за џунглата и Убавицата и ѕверот би можеле да ве наведат да помислите дека со помош на некое чудо повторно имате пет-шест години и дека баш е супер што вгодина ќе тргнете на училиште.

Кон крајот на 2000-те и почетокот на 2010-те, студиото „Дизни“ почна масовно да снима филмови што се адаптации на некогашните анимирани хитови. Цртаните повторно станаа актуелни, било да се работи за анимирани бајки било за анимирани адаптации на стрипови, само што сега наместо цртани ликови, играат вистински актери.

Развојот на технологијата на специјални ефекти им овозможи на режисерите со помош на живи актери верно да доловат што било, па изместувањето на популарните анимирани филмови во новиот вид кинематографија е целосно логичен чекор, особено за една машинерија како што е „Дизни“.

Дали „Дизни“ продава стара стока во ново пакување? И како е можно толку да е успешен во тоа?

Добро е познато дека сите бајки што ги создаде „Дизни“ не се оригинално дизниево дело – сите анимирани филмови се адаптации на оригинални бајки од книжевноста што ги напишале браќата Грим, Ханс Кристијан Андерсен, Луис Керол и други, додека некои, на пример, Херкулес, се адаптација на митови од грчката митологија.

Зошто тогаш сите овие приказни денес се познати како дизниеви бајки? Во моментот кога оригиналните бајки биле преобликувани и пренесени во анимација, па на филмското платно, станале достапни за широките народни маси, а милиони деца најпрво се запознавале со дизниевите верзии на бајките, а подоцна и со оригиналните приказни.

Овој процес на адаптација денес критичарите популарно го нарекуваат дизнификација. Накратко, дизнификација е процес на менување на оригиналните фабули, така што приказната што се добива се фокусира на поедноставени елементи на оригиналните бајки. Во практиката тоа најчесто значи изоставување на хоророт и страшните елементи, како оние што се премногу готски за раната детска возраст, што на почеток беше целна група на „Дизни“.

Дизнификацијата може да се опише и како разубавување на оригиналните бајки, бидејќи основна замисла на целиот процес била да се направи популарен филм. Затоа приказната е сведена на класична шема за херој кој успева да преброди неволји и да успее во животот, што значи дека приказната во голема мера е романтизирана. Ликовите се поедноставени, а во прв план се ставени универзални пораки за моралот, за доброто и злото, кои им се обраќаат на публиката од сите меридијани.

Логиката за огромниот успех на „Дизни“ е проста – генерациите што во детството биле поврзани со анимираните верзии, кога пораснале ги надминале цртаните филмови. На нивно место дошла нова генерација и ги заменила своите претходници. Од тој момент се случува експанзија на т.н. live-action филмови, односно филмски верзии во кои настапуваат вистински актери.

Покрај комерцијалниот аспект и пресметаноста, останува само да се прашаме: каде е тука креативноста и што се случило со оригиналните приказни и со уметниците што ги создале?
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура