X
 10.05.2022 Економија

Без оглед на санкциите, руската валута е најсилна во последните две години

И покрај силните санкции што ги воведе Европската Унија, која најавува и нови мерки за слабеење на руската економија, како забрана за увоз на руската нафта, рубљата е сѐ посилна.

Сегашниот курс е околу 64 рубљи за еден долар, што значи дека руската валута е на највисокото ниво во последните две години во однос на доларот.

Пред инвазијата на Украина, еден американски долар вредеше 80 рубљи, а по воведувањето на санкциите руската валута ослабна. На почетокот од март беше околу 150 рубљи за долар. Но, набргу потоа руската Влада воведе низа мерки кои придонесоа за стабилизација и зајакнување на рубљата.

Русија ја чека силна рецесија


- Мерките воведени во Русија и од страна на Русија - различни форми на девизни и капитални ограничувања преку одлуките на руската Влада и Централната банка, кои ја зголемуваат побарувачката за руска рубља на „непазарен“ начин, доведоа до раст на цената на рубљата во однос на другите валути. Русија, од друга страна, се соочува со финансиски и трговски санкции, а со тоа и силна рецесија и висока инфлација, што без горенаведените мерки би требало да доведе до пад на вредноста на рубљата во следниот период - вели Хрвоје Доленец, директор за макроекономска и пазарна анализа на Загребачка банка.

Санкциите од Европската Унија несомнено ѝ нанесоа голема штета на руската економија. Многу сектори, на пример, авиокомпаниите, се тешко погодени од санкциите. Од февруари годинава ЕУ им забрани на руските авиокомпании да летаат во ЕУ, а освен тоа не можат да купуваат резервни делови, опрема, да вршат услуги и технички прегледи. Ова е голем проблем за секторот бидејќи поголемиот дел од руската флота е од западно производство.

Многу други сектори кои зависат од западната технологија, исто така, имаат проблеми, а се предвидува Русија да има многу остар економски пад. Но, санкциите не успеаја да го натераат Владимир Путин да ја запре агресијата против Украина, Русија сè уште не банкротирала, а валутата е стабилизирана.

rublja
Фото: Freepik

Неколку фактори влијаат врз стабилизацијата на руската валута


- Централната банка на Русија под водство на Елвира Набиулин ја зголеми референтната каматна стапка на 20 отсто до почетокот на април. Ова не ги привлече штедачите и инвеститорите, туку воведе превисока цена за сите шпекуланти - вели Иван Дражетиќ од инвестициската компанија „Интеркапитал“.

Ова беше мерка за гаснење пожар, кога депрецијацијата на рубљата забави бидејќи Путин воведе обврска на некои странски компании да плаќаат во рубљи за гас, па дојде до апрецијација на рубљата во однос на доларот и еврото, што му отвори простор на Набиулини да ја намали каматната стапка. Каматната стапка сега е 14 отсто, вели Дражетиќ.

На странците им е забрането да продаваат хартии од вредност


Покрај тоа, во првите денови на агресијата врз Украина, Кремљ им забрани на странците да продаваат хартии од вредност.

- Кога странците би можеле да го направат тоа, прво би ги продале сите домашни хартии од вредност, а потоа рубљата би ја претвориле во посилна валута, што би придонело за натамошно намалување на вредноста на валутата - објаснува Дражетиќ.

Исто така, воведени се ограничувања за износот на девизи што може да се префрлат од Русија во странство, а воведена е и обврска руските извозници 80 отсто од приходите да ги претвораат во рубљи. Сето ова придонесе рубљата да биде посилна во однос на доларот во последните две години.

Извор: Telegram.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија