X
 12.04.2018 Култура

Марјан Ѓорѓиевски: На општество како нашето, Сатиричниот театар му е повеќе од потребен

Стендап-комедијата е една од причините да се посетува „Носорог“, но нема да останеме само на сатира. Предизвик е да се поставуваат теми што нѐ засегаат, работи кои секојдневно нѐ носат во ќор-сокак, вели битолскиот актер и режисер




Со претставата „Пијани“ од Иван Вирипаев на Народниот театар од Битола, во режија на Марјан Ѓорѓиевски, минатата недела во Скопје беше отворен Сатиричниот театар „Носорог“. Идејата за оваа нова сцена е токму на Ѓорѓиевски, актерот кој ја актуализира сатирата кај помладите генерации во последните неколку години. Фокус на домашните автори, отворена сцена за сите алтернативци, нови проекти со актери од повеќе театри во земјава, ова е дел од концептот на театарот. Кон крајот на април ќе има премиера на авторски проект на Ѓорѓиевски, кој ќе се занимава со релациите помеѓу мажите и жените. Во мај ќе следуваат уште две гостувања, а веќе од септември ќе се планира и прва продукција на театарска претстава.

Марјан Ѓорѓиевски (фото: Елена Фидановска)

Како се роди идејата за Сатиричниот театар „Носорог“. Дали можеби поради пиесата на Јонеско или?

- Сатирата како жанр во театарот е една од покомплицираните алатки за израз. Режисерите тешко одлучуваат да се занимаваат со неа. За добра сатирична претстава, потребна е одлична поткованост на целата екипа и, се разбира, неопходен е личниот став, зашто сатирата знае да исмее, да руши митови, да ја обработува реалноста од повеќе агли, понекогаш забавна до болка, а воопшто да не е патетична. На општество какво што е нашето, Сатиричниот театар му е неопходен, критиката е повеќе од потребна, затоа и се впуштив во овој предизвик. Ме интересира личниот став на театарските работници, актерите како перформери кои не се средство, туку тим кој работи на еден проект, тогаш возбудата е огромна, затоа сакам да работам претстави кои преиспитуваат, кои демонстрираат свое видување на денешницата. А за „Носорог“, секако дека една од причините е Јонеско. А и последниот бел носорог си замина од овој свет. Исто така, многу ми е симпатичен носот на носорогот, кој знае да го пика насекаде. Истовремено на носорогот оружје му е рогот, со кој знае да го набоди пленот.

Како ќе функционира театарот, ќе има ли редовен репертоар?

- Освен сатирични претстави, гостувањето на различни независни проекти, стендап-комедии, кабареа, ќе бидат дел од репертоарот на „Носорог“. Постојат театарски творци низ земјава што немаат простор каде да ги канализираат своите мечти. „Носорог“ ќе ги поддржува сите форми што експериментираат со денешното живеење. Ќе стимулираме македонски автори да пишуваат и нивните драми да бидат дел од репертоарот на „Носорог“. Современите автори ќе бидат една од фокус-точките.

Марјан Ѓорѓиевски (фото: Елена Фидановска)

Во последните неколку години стендап-сцената станува сѐ попопуларна кај нас. Очекувате ли дека тоа ќе биде убав поттик публиката да доаѓа и во Сатиричниот театар?

- Стендап-комедијата е една од причините да се посетува Сатиричниот театар, но нема да останеме само на сатира. Предизвик е да се поставуваат теми што нѐ засегаат, работи кои секојдневно нѐ носат во ќор-сокак, поинаквиот пристап на „Носорог“ ќе биде една од причините да се посети и да се искуси нешто чија мисија е да стимулира и да провоцира здрава мисла.

Имате ли некаква поддршка од Министерството за култура или целосно независно го водите проектот?

- Се надеваме на понатамошна поддршка од Министерството за култура, оваа сезона сакаме да го опипаме пулсот на јавноста и одиме чекор по чекор, постепено ќе се развиваме и ќе имаме природен тек. Најбитно нешто ни е да бидеме квалитетни, за секој проект да се создава екипа од различни театри, со тоа ќе имаме шанса да работиме со колеги од различни генерации со различни видувања и на крајот целта е тоа што го правиме да комуницира со публиката.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура