X
 12.04.2019 Технологија

Девојката која е најзаслужна што ја видовме првата фотографија од црната дупка

Планетата Земја во средата дојде до првите фотографии од црна дупка во историјата на светот, а заслужна за тоа е 29-годишната Кејти Буман.

Буман го предводела тимот кој работел на алгоритамот со чија помош настанала фотографијата. Неверојатната фотографија од црната дупка, која е оддалечена од Земјата 500 милиони билиони километри, беше објавена во средата.

Станува збор за подвиг што до неодамна се сметаше за невозможен.

Буман беше фотографирана додека нејзиниот лаптоп го вчитуваше овој историски момент.

- Гледам со неверување додека првата фотографија од црна дупка што некогаш сум ја направила е во процес на создавање - напишала Буман на нејзиниот фејсбук-профил.



Фотографијата ја обработил нејзиниот алгоритам, кој почнала да го прави пред три години додека била студент на Технолошкиот институт во Масачусетс.

Таа ја предводела работата на проектот во кој учествувале Лабораторијата за компјутерски науки и вештачка интелигенција на МИТ, Хајстак опсерваторијата и центарот за астрофизика „Харвард-Смитсонијан“.

Фотографиите од црната дупка ги направил телескопот „Ивент Хорајзон“, што всушност е мрежа од осум поврзани телескопи низ светот.

Откако била направена фотографијата, Буман стана популарна низ цел свет - толку што нејзиното име беше „trending“ на „Твитер“

- Честитам и фала на огромниот придонес во развојот на науката и човештвото - напишала американската политичарка Александрија Окасио-Кортез на нејзиниот твитер-профил.

Пофалби пристигнале и од МИТ и од „Смитсонијан“.

- Пред три години студентката Кејти Буман го предводеше создавањето на новиот алгоритам за да се развие првата фотографија од црната дупка - пишуваат од Институтот за технологија во Масачусетс.

Покрај нејзината фотографија била закачена фотографија на Маргарет Хамилтон, чиј код помогнал да слета првиот човек на Месечината.

Буман моментално е асистентката на Калифорнискиот институт за технологија и инсистира на тоа дека целиот тим заслужува еднакви пофалби.

Повеќе од 200 научници учествувале во обидот да се направи фотографијата од црната дупка.

- Никој од нас не би можел да го направи тоа сам - изјавила Буман.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија