X
 13.05.2022 Образование

Меѓународна конференција „75 години Институт за педагогија - Воспитно-образовни предизвици и перспективи“

Од 16 до 18 мај во Охрид, над 200 учесници - ректори, декани, професори, наставници и други истакнати претставници од 21 земја од регионот и Европа ќе дебатираат за теми од областа на педагогијата и образованието

Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје одбележува 75 години од основањето. Тој е прва и најстара високообразовна институција за образование на педагози, наставници и воспитувачи во нашата држава. Од него потекнале истакнати педагози, министри за образование, декани на факултети, директори на просветни институции, магистри и доктори на педагошки науки. По тој повод Институтот организира Mеѓународна научна конференција на тема „75 години Институт за педагогија - Воспитно-образовни предизвици и перспективи“, која ќе се одржи од 16 до 18 мај годинава во хотелот „Инекс Олгица“, Охрид.

На конференцијата, која e под покровителство на претседателот на државава, Стево Пендаровски, се пријавени над 123 апстракти од 202 автори од вкупно 21 земја. Се очекува оваа научна конференција да придонесе да се направи своевиден пресек на образовните актуелни случувања во Македонија, а ќе се актуализираат и нови прашања и теми од областа на педагогијата и образованието. Секако, тие ќе резултираат и со препораки, кои ќе бидат од голема важност преку нивното интегрирање во образованите политики во земјата за исполнување на визијата за поквалитетен воспитно-образовен систем.
На конференцијата се очекува присуство на 200 учесници – ректори, декани, истакнати универзитетски професори, педагози, наставници, воспитувачи и студенти, како и градоначалници и експерти од практиката од земјата и странство (Финска, Хрватска, Италија, Унгарија, Турција, Словенија, Полска, Чешка, Израел, Велика Британија, Украина, Казахстан, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Швајцарија, Албанија, Бугарија, Косово и Египет).
Целта на конференцијата е афирмација и промоција на педагошката дејност пред пошироката академска јавност, како и создавање можност за продлабочена соработка со универзитетски професори, образовни експерти, истражувачи, едукатори, практичари и студенти од различни земји. По периодот на изолација поради пандемијата, очекуваме на конференцијата да се направи ретроспектива на последните случувања во воспитно-образовната политика, како и научен осврт за реформските зафати во нашиот образовен систем, примери од теорија и практика, да се дискутира за актуелните прашања од сите области и потсистеми на воспитанието и образованието, да се промовираат нови педагошки концепти и идеи и да се споделат резултати од најнови истражувања и иновации.
Треба да се истакне дека програмскиот одбор на оваа Меѓународна конференција го сочинуваат вкупно 45 универзитетски професори од 18 земји, а претседател е проф. д-р Наташа Ангелоска-Галевска. Концептот на конференцијата е од мултидисциплинарен пристап и во објавениот повик се наведени вкупно 41 тема од различни научни области, на пример, од областа на психологијата, социологијата, специјалната педагогија, безбедноста, историјата, археологијата, социјалната работа и политика, уметност, физичко и здравствено образование итн.
Одржувањето на Меѓународната конференција ќе претставува извонредна можност за промоција на нашата земја, на нашиот универзитет и на развојните достигнувања во областа на педагогијата пред реномиран аудиториум. Повеќе информации за конференцијата можете да најдете на веб-страницата на конференцијата: pedagogy.fzf.ukim.edu.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование