X
 13.06.2023 Политика

Најконтроверзните моменти на Силвио Берлускони

Поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони, кој почина на 86-годишна возраст, ќе остане запаметен по многу контроверзии. Берлускони беше, благо кажано, контроверзна личност. Во продолжение се некои од најконтроверзните работи што ги направил.

Финска

На почетокот од 21 век се воделе преговори за да се одлучи за локацијата на Европската агенција за безбедност на храната, а Парма и Хелсинки биле во тесна конкуренција за избор. Берлускони тогаш изјавил дека финската храна не може да се јаде и е одвратна и дека едвај ја издржува за време на неговите посети.


Фото: Wikipedia

- Финците јадат само маринирано месо од ирвас! Тие не знаат ни што е пршута - изјавил тогаш Берлускони.

На крајот Парма победила во изборот за локацијата на агенцијата. Неколку години подоцна Берлускони повторно предизвикал бурни реакции откако рекол дека мора да го искористи својот „плејбојски“ шарм пред тогашната финска претседателка Тарја Халонен.

Финците се „одмаздиле“ кога финскиот синџир „Котипица“ направил пица со месо од ирваси, печурки и црвен кромид. Креацијата го добила името Берлускони, а потоа победила и на престижен натпревар за пица во Њујорк.

„Автобус полн со крв“

Берлускони бил сопственик на италијанскиот фудбалски клуб „Милан“ повеќе години, а подоцна го купил и клубот „Монца“. Изминатата година тој ги храбрел играчите на нивната божиќна забава.

- Најдовме нов тренер. Тој е добар, шармантен, љубезен и способен да ги мотивира нашите момци, но додавам дополнителен поттик: како што им кажав на момците претходно, ако победите некои од најдобрите тимови, ќе донесам автобус полн со крв - им рекол тој.

Одговарајќи на критиките за овој коментар, Берлускони изјавил дека не можел да замисли дека едноставна шега ќе предизвика толку злобни и нереални коментари.

Шега за Меркел

Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел не била голем обожавател на Берлускони и неговите лудории. Берлускони еднаш направил практична шега скокајќи од зад споменик и извикувајќи ѝ „куку“, на самитот во Трст.


Фото: Wikipedia

Бунга бунга

Берлускони е најпознат по контроверзната фраза „бунга бунга“. Таа ги опишува сексуалните забави што Берлускони ги организирал во неговата вила во близина на Милано. Тие излегле на виделина во 2010 година кога Берлускони побарал од полицијата да ослободи 17-годишна Мароканка, која била уапсена под сомнение дека украла накит. Берлускони изјавил дека таа е роднина на тогашниот египетски претседател и дека нејзиното апсење може да предизвика дипломатски инцидент.

Всушност, таа била танчарка која тврдела дека примила 10.000 долари од Берлускони на забавите што тој ги одржувал. Берлускони првично бил осуден за плаќање на девојката за сексуални услуги, која била малолетна, но пресудата била поништена во жалбената постапка. Судските спорови за скандалот продолжиле, а Берлускони бил ослободен од обвиненијата во февруари, откако бил обвинет за поткуп на 24 сведоци за да дадат лажно сведочење на претходното судење.

Дружење со Путин

Берлускони и Владимир Путин биле долгогодишни сојузници, а поранешниот италијански премиер предизвикал контроверзии кога го обвинил украинскиот претседател Володимир Зеленски за војната. За време на предизборната кампања во Италија минатата година, Берлускони изјавил дека „повторно се поврзал“ со Путин и се опишал себеси како еден од „петте вистински пријатели“ на рускиот претседател.


Фото: Wikipedia

Славење на Мусолини

Во интервју во 2003 година Берлускони ги бранел постапките на фашистичкиот диктатор Бенито Мусолини.

- Мусолини никогаш никого не убил - изјавил Берлускони.

Спор во Европскиот парламент

Поранешниот претседател на Европскиот парламент Мартин Шулц, и Берлускони имале незаборавен спор во 2003 година.

- Знам за филмски продуцент во Италија кој снима филм за нацистичките концентрациони логори. Ќе те препорачам за улогата на Капо (затвореник задолжен за другите затвореници). Ти си совршен - рекол Берлускони, приговарајќи му на тонот на германскиот европратеник.

- Мојата почит кон жртвите на фашизмот ми забранува да кажам збор за тоа. Тешко е да се прифати дека претседателот на Советот, соочен и со најмал приговор во расправата, ги губи манирите - му вратил Шулц.

Нечувствителност на земјотрес

Во 2009 година разорен земјотрес го погоди градот Аквила во централна Италија. Земјотресот однел 300 животи, а десетици илјади лица останале без покрив над главата. Посетувајќи ја областа, Берлускони им рекол на преживеаните, кои биле во шатори за итни случаи, дека треба да гледаат на тоа како викенд за кампување.

Ја нервирал кралицата

Кралицата Елизабета Втора еднаш реагирала на однесувањето на Берлускони на самит во 2009 година. Додека правел семејна фотографија, Берлускони извикал кон американскиот претседател. Потоа кралицата се свртела, ги кренала рацете во воздух и прашала: „Што е тоа? Зошто тој мора да вика?“

Извор: Klix
Насловна фотографија: Wikipedia
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Политика