X
 15.01.2015 Живот

Оправдано терористичко зло

Понекогаш емоционалната отколку логична компонента е таа која ги прави моќни ставовите околу одредено прашање, одреден проблем, без притоа да се помисли на опасноста поради слабото концептуализирање на проблемот или негово двосмислено дефинирање.

 

Живееме во време на глобални терористички закани па нашата домашна загриженост за националната безбедност конечо не натера подлабински и сериозно да размислуваме за намерите, околностите и методите кои се користат при терористичкото делување и дејствување, се со цел да научиме како да се справиме со сето тоа доколку ни се случи.

Барањето за некаква дефиниција која би била општоприфатена а би излегувала од рамките на појаснувањето за тероризмот како најголема закана за човештвото и националната безбедност се судира со една огромна пречка - со негативната емоционална конотација на самиот израз. Оттука, многу тешко се разграничуваат термините ’’терористи’’ и ’’борци за слобода’’. Ко за илустрација сетете се на воениот конфликт од 2001та. Разликата е понекогаш нејасна и невозможно е да се одреди кој е кој, што е што токму поради циничниот начин на кој политичарите приоѓаат кон овие категории.

Терористичките групи самите себе воглавном си се опишуваат како движења за национално ослободување и обединување, движења против општествено, економско или политичко угнетување, етничка неправда, стеснување на културните права и сл.,  но се чини е претерано да се смета ова за нивен доволен мотив и повод за крвопролевање наоколу. Меѓутоа, во исклучителни ситуации таквото терористичко однесување може морално да се оправда, особено доколку се исцрпени сите можни решенија за поинакво постапување и делување. Да, тероризмот е оправдан кога не постои друг избор и во минатото сетете се, многу движења кои го користеле тероризмот потоа станале легитимни.

На прв поглед, тероризмот од денешно време е со религиозна конотација но сепак сметам дека во заднина на секој терористички акт постои политичка цел.



Милитантните исламистички движења кои се поврзуваат со последните терористички напади велат дека ’’џихадот’’ се користи главно за да се одбрани ’’татковината на исламот’’,  да се ослободат сите верници  за да можат да му слугуваат на единствениот Алах.  
 
Сметам дека со ваквото нивно размислување и постапување се намалува големината на исламскиот начин на живеење, но за милитантите, тероризмот не е само техника на притисок поради општествена тежина или неправда.

За нив тероризмот е начин на живот и борба до смрт без некоја посебна причина, па затоа често е неизвесно кое е јадрото на конфликтот. Идентитетот? Честа? Државата или религијата? Најчесто религијата. Знаејќи го ова, ние не смееме да дозволиме ескалација на настаните предизвикани со упатување на пораки со навредлива содржина, карикатури и сл.

Масовната медиумска покриеност на настанот од странско потекло кој деновиве се случи и не повика да ги здружиме силите со меѓународните во заедничката борба против тероризмот, може и да не’ научи на поучна лекција доколку истиот настан го резимираме свесно, не емоционално.
Како прво, бруталниот контекст на настанот укажува дека во иднина не се потребни вакви психолошки експерименти со исламските верници. Да не дозволуваме и во иднина некој да си поигрува со религијата, бидејќи исламските верници се пречувствителни и во таков случај, терористичките дејствија преземени од секташките струи на радикалниот ислам ќе се сметаат за оправдано зло.

Понекогаш ми е тешко да ја утврдам правата вистина бидејќи постојат различни интерпретации на истата реалност, постојат необјективни согледувања, но она што се случи во срцето на Франција па и беше очекувано бидејќи не е тешко да се предвидат моралните реакции на оние чии религиски чувства се повредени, а живеат за ’’џихад’’.

Да, ризикувам да ми го исечат јазикот но ќе речам дека ова е класичен чин на провокација од страна на карикатуристите а масакрот што се случи е само емоционален одговор без некоја политичко-стратешка позадина.

И пред да добијам остра критика на ваквото мое размислување со кое правото на живот и слобода на мислата и изразувањето се потиснати за сметка на религиските чувства, ќе речам дека тероризам е и кога направените психолошки ефекти се многу поголеми од чисто видливите физички резултати. Убиените во Франција наспроти милјарда навредени муслимани. Што е тука нејасно?

Автор: Викторија Тасева

Објавувањето колумни од надворешни автори е одраз на намерата „Факултети.мк“ да биде влијателен глас на студентите и младите луѓе. Но, напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат нашите колумнисти, особено кога станува збор за лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти со цел да се наштети на други личности од која било сфера. „Факултети.мк“ се оградува од таквиот речник и конотации и ги смета за непримерни во јавната комуникација.
 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот