X
 19.05.2015 Образование

Избран новиот ректор на Универзитетот "Гоце Делчев"

Проф. д-р Блажо Боев е нов ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“. Универзитетскиот сенат на денешната 110. седница го избра проф. д-р Боев за ректор и му го довери мандатот за раководење на Универзитетот во следните четири години.



Согласно со Законот и со Статутот на УГД формиравме комисија којашто ја спроведе процедурата на гласање и броењето на гласовите. Постапката најпрвин започна со предлози од наставно-научните совети на сите факултети. Ректорот беше избран едногласно од сите сенатори кои гласаат преку тајно гласање.

- Универзитетот има одговорност и обврска да ја поттикне и поддржи образовната култура заснована на принципите на интегрирање на највисоките етички стандарди, академската слобода и автономија, отвореноста кон нови идеи и промени, подготвеноста да одговори на потребите на студентите, социјалните и економските потреби на општеството во целина, тимска работа и партнерство со внатрешни и надворешни субјекти. Тоа е моето видување на еден универзитет што треба да прави. Потоа, во програмата е дадена визијата како јас ја гледам. Целта на УГД е да биде водечки во Македонија во областа на истражувањето и образованието. Ние се трудиме да го работиме тоа, да работиме на начин кој би му користел на оштеството на национално и меѓународно ниво - изјави ректорот на УГД проф. д-р Блажо Боев.

Во програмата за време на изборот тој истакна дека главни приоритети се и студентите и дека ќе се работи на тоа студентот да не биде попречен во својот развој од финансиски причини.



- При изработката на програмата предизвик ми беа следните аспирации – развој на капацитети за распределаба на знаења во Македонија. Ефективно работење со другите институции и партнерства. Засилување на капацитетите на факултетот. Исполнување на целта - ниту еден потенцијален студент да не биде спречен да се пријави на УГД од финансиски или други бариери и ниту еден успех на студентот да не биде попречен од финансиски тешкотии - рече проф. д-р Боев.

Седницата ја водеше актуелниот ректор на УГД проф. д-р Саша Митрев, кој истакна дека новиот ректор ќе биде континуитет во политиките на УГД кои можеа да се видат во изминатите осум години.

- Добро е што во програмата на новиот ректор може да се забележи континуитет на дел од проектите што беа како идеја, добар дел се започнати, а некои се во основа на идејни и изведбени проекти. Доколку се реализираат во наредниот период сигурен сум дека ќе го зголеми квалитетот на Универзитет. Се надевам дека со оваа програма на Универзитетот за релативно краток период ќе направиме голем исчекор во високото образование во Република Македонија - изјави досегашниот ректор на УГД, проф. д-р Саша Митрев.

Новиот ректор на УГД добива мандат од четири години, а секој кандидат може да добие најмногу два мандати.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование