X
 15.10.2018 Технологија

Јана Дурнева, менаџер за трансформациски проекти во Вип: Креиравме концепт на отворен простор во кој соработката помеѓу тимовите е многу полесна

Дурнева, електроинжeнер и магистер по економски науки, тргнува од реалноста за која вели дека младите живеат на својот мобилен уред, па оттука и клучниот елемент за успешност е да се живее дигитално и да се биде присутен онлајн. Таа објаснува дека агилна компанија подразбира да се задоволени три основни компоненти: изградба на агилна корпоративна култура, прифаќање на практиките, принципите и вредностите на агилна методологија и обезбедување соодветно работно опкружување


- Дигиталната агенда на Вип е амбициозна. За успешна реализација, компанијата мора да биде брза, ефикасна, флексибилна и иновативна или со еден збор агилна. Водењето проекти по агилна методологија е одамна познато во ИТ-светот при развој на софтвер. Меѓутоа, да се биде агилна компанија е повеќе од начин на работење – вели Јана Дурнева, менаџер за трансформациски проекти во Вип.

Таа објаснува дека агилна компанија подразбира да се задоволени три основни компоненти: изградба на агилна корпоративна култура, прифаќање на практиките, принципите и вредностите на агилна методологија и обезбедување соодветно работно опкружување.
- Секоја компанија што се стреми кон успех во дигиталната доба мора да го промовира агилното работење како клучен фактор и да осигури дека ги поседува соодветните дигитални вештини. Вип како дел од групацијата „А1 Телеком Австрија“се води по основните начела на корпоративната култура кои се дефинирани како: тимска работа, доверба и агилност која е поддржана и промовирана од лидерскиот тим на компанијата. Истовремено се одвиваат тренинзи за обука на вработените да се стекнат со потребните вештини.



* Какви се резултатите од агилниот начин на работа?

- Денес имаме повеќе успешни проекти завршени од агилни тимови во кои колегите од различни тимови соработуваат на дневна основа, самостојно се организираат и носат одлуки со цел брз одговор на бизнис-барањата. Имено, се покажува дека процентот на успешност е поголем кај проектите водени по агилна методологија, а придобивките се: можноста за менаџирање на промените на приоритетите, зголемената продуктивност на тимот, пократкото време за испорака на проектот, подобар морал и мотивација на тимот и намалени ризици. Работната околина, која ја сочинуваат соодветни алатки и физичкиот простор, мора да е дизајнирана на начин да им овозможува на вработените да се чувствуваат најдобро што може секој ден на работа и да го дадат својот максимум.

* Споменавте дека обезбедување соодветно работно опкружување е дел од агилниот начин на работа. Како ова, всушност, се преслика во новата зграда?

- Работната околина во една агилна компанија мора да обезбеди можност за тимска работа, лесна и брза комуникација, транспарентност и флексибилност. Вип годинава се всели во нова зграда која целосно ги исполнува сите овие предуслови. Креиравме концепт на отворен простор во кој соработката помеѓу тимовите е многу полесна. Распоредот на седење на тимовите е направен по детална анализа на процесите во компанијата.
Во новата зграда има посебни простории за т.н. брејнсторминг-сесии, софи со акустична изолација за неформален состанок, конференциски простории и сали за состаноци на кои може да се црта и да се пишува на самите ѕидови, видеоконференциски простории опремени со последните технолошки трендови, менаџментот седи со својот тим во отворениот простор, удобен мебел, дел за релаксација и одмор, кујна и кафетерија. По неколку месеци од вселувањето во новата зграда спроведовме анкета кај вработените која покажа дека имаме големо задоволство од работното опкружување.



* Какви промени досега претрпеле работните простории на големите компании и што се покажало како најдобро?

- Честа заблуда е поврзувањето на агилниот начин на работа со отворен простор. Имено, отворениот простор или популарно наречен океански простор за работа е познат одамна. Ако се навратиме назад во историјата, со почетокот на индустријализацијата се појавуваат првите работни погони во кои работат повеќе работници во една просторија. Подоцна, во првата половина на минатиот век и со појавата на административната работа се формираат концепти на канцелариски простор со работни маси кои најчесто имаат строго дефиниран распоред и вработените се насочени кон својот претпоставен. Втората половина од минатиот век е позната по т.н. работни коцки каде што секој вработен е изолиран, а претпоставениот има засебна канцеларија. Денес го имаме новиот концепт на канцеларии кој го поддржува сето она што е потребно за еден агилен начин на работење во дигиталната доба: повеќенаменски простор, удобен простор за седење, простор за релаксација итн.
Секој концепт од минатото до денес одговара на актуелните практики за соодветното време и соодветното ниво на развој на општеството, постојните технологии и работни позиции. Впрочем, со еволуцијата на општеството и технологиите еволуираат и се создаваат нови работни позиции за кои е потребно да се создаде и ново работно опкружување. Ако во минатото имало професии како што се занаетчии и вработени на подвижни ленти во погоните на фабриките, денес имаме работни позиции како што се дизајнери на корисничко искуство, аналитичари на податоци, експерти по вештачка интелигенција. Новите работни позиции бараат поинакво работно опкружување од она во минатото. Вип со новата зграда го обезбедува токму тоа.



* Менаџер сте на одделот за трансформациски проекти. Со што конкретно се занимава овој оддел?

- Проектите што воведуваат крупни промени во компанијата и во начинот на нејзиното работење произлегуваат од одделот за трансформациски проекти. Главен фокус на овој оддел во изминатите години беше спојувањето на компаниите Оне, Вип и Близу, кога од три различни компании произлезе една нова компанија со нови подобрени производи и услуги, под заеднички бренд Вип. Но, исто така и нова работа средина и култура за своите вработени. Денес главните проекти произлегуваат од стратешката определба за дигиталната трансформација на компанијата. Да се биде дигитален комуникациски оператор, значи да се поддржи иновативноста и да се прифати креативноста, да се експериментира и да се најде соодветна примена на новите технологии, да се носат одлуки врз основа на аналитика и да се применуваат агилните принципи на работа во секојдневието.
Моето работно искуство е во телеком-индустријата. Кариерата во телекомуникациските оператори ја започнав во Оне, а потоа продолжи во Вип. Како инженер по електротехника работев во одделот за техника, во секторот на ИТ и јадрени мрежи. Стекнатото искуство е огромно, посебно со проектите што се работеа во рамките на групацијата. Со појавата на потребата од оддел кој ќе ги преземе трансформациските активности, од 2015 година работам како менаџер за трансформациски проекти. Оваа работа има голема одговорност зашто станува збор за екстремно комплексни проекти кои влијаат врз секој аспект од работењето на компанијата.

* Што Ви е најголем предизвик во моментов?

- Новите трендови во светот во дигиталната технологија се во експоненцијален развој, особено во сегментот на телекомуникациите, кои имаат клучна улога во развојот на дигиталната револуција преку обезбедување инфраструктура, пристап, поврзување и апликации. Со подемот на дигитализацијата и нејзиниот развој во современото општество сѐ поевидентни се промените од нејзиното влијание во сите сфери на општествениот живот. Дигиталната ера поттикнува промени во животниот стил, што понатаму диктира една нова матрица од потреби на нашите корисници. Следствено, Вип проактивно работи на проекти, во рамките на дигиталната трансформација, кои ги прифаќаат промените на технолошката револуција и одговараат на новите навики на нашите корисници.
Глобалните податоци покажуваат дека над 80% од корисниците ги бараат информациите за производите и сервисите онлајн пред да одлучат за следен чекор и дека над 50% од младата популација „живее“ на својот мобилен уред. Од ова може да се заклучи дека клучниот елемент за успешност на еден бизнис е да биде присутен онлајн. Главните проекти се поврзани со подобрување на процесите на продажба преку веб, воведување мобилни и веб-апликации преку кои корисниците самостојно ќе можат да си ги активираат достапните услуги, без да има потреба да се јавуваат во центарот за грижа на корисници или, пак, да одат во најблискиот салон. Во паралела, компанијата воведува и чекори за подобрување на интерните операции преку дигитализација и роботизација на процесите, како и обуки на вработените за нови дигитални вештини.



* Вие сте електроинженер. Колку формалното образование Ви помогна во кариерата?

- Формалното образование го стекнав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на Факултетот за електротехника, на одделот за електроника и телекомуникации. Факултетското образование е солидна основа за прифаќање на првите работни задачи. Тоа образование понатаму станува практично искуство. Подоцна, магистрирав на Економскиот институт на одделот за претприемништво на УКИМ. Стекнатото знаење ми помогна во голема мера да ја уочам потребата за корпоративна трансформација.
Денес, кога ја живееме четвртата индустриска револуција, кога промените на начинот на работа и живеење се секојдневни, покрај формалното образование од исклучително значење е секојдневно да продолжиме да учиме и да се стекнуваме со нови знаења за да останеме продуктивни и конкурентни на пазарот на труд. Образованието денес е подостапно од кога било. Постојат онлајн-тренинзи за која било тема, кои најчесто се бесплатни, а нашето образование може да го префрлиме од училница на која било локација, дома или на работа, и од учебник на кој било уред: мобилен телефон или компјутер. Во таа насока и Вип ги поттикнува своите вработени на постојано учење преку онлајн-алатки, преку кои вработените може да ги добијат најдобрите светски обуки.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија