X
 25.03.2016 Образование

Студентите на нашите факултети учат за испити, а предавањата поретко ги користат за да добијат знаење

Во 1996 година, двајца професори од Универзитетот во Индијана, Џоен Миденорф и Алан Калиш, опишале како човековото внимание одговара на вредноста на долгите предавања за „National Teaching & Learning Forum“, пренесува „TIME“. Професорите цитирале истражување спроведено во 1976 година во кое детално се опишувал фокусот на студентите за време на едно типично предавање. 



Имено, на студентите им биле потребни 3-5 минути прилагодување, по што биле фокусирани 10-18 минути. Потоа, без разлика на предметот и професорот, следувал пад во концентрацијата. Вниманието се враќало во пократки периоди, на 3-4 минути пред крајот на предавањето. Земете предвид дека ова истражување било спроведено популаризацијата на мобилните телефони.

Предавањата на нашите државни факултети најчесто траат околу 45 минути, по што следува 5-минутна или 15-минутна пауза, во зависност од факултетот. Од тие 45 минути, студентите честопати не ја задржуваат концентрацијата ниту до 10-та минута, но од поинаква причина. Имено, повеќе студенти потврдуваат дека учат само пред испити, не за време на предавања.

Учење со предавања или учење со испити?

Во идеална ситуација, би се одело на предавања за да се научи, во читална за да се повтори, а на испит за да се провери наученото. Прашавме неколку студенти од различни факултети дали го практикуваат ова и откривме дека студентите на општествените науки поретко студираат на ваков начин. Наместо тоа, тие одат на предавања од неколку причини:

- Затоа што мораат (поради потпис);
- За да запишат што зборува професорот, како би го учеле само тој материјал за испит;
- Без некоја особена причина;
- За да го сфатат материјалот.

Доц. д-р Милан Дамјаноски од катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје смета дека многу студенти се фокусираат на крајниот резултат.

- Односот на студентите кон наставата и испитите го одразува односот на поширокото општеството кон образованието, затоа што тие се свежо излезени од средношколските клупи и нивниот однос произлегува од ставовоте кои таму ги научиле. За жал, веќе подолго време целиот фокус е ставен на крајниот исход, т.е. оценката и дипломата, наместо на процесот на учење и стекнување на знаење. Тоа произлегува од критериумите кои се наметнуваат за вработување и напредување во кариера, каде што еден од основните предуслови е формалното поседување на диплома, а не секогаш и стручноста, па дури ни просекот на оцени – вели тој.

Но, и тоа зависи од студентот, но и од нивото на студии. Имено, се чини дека бруцошите на овој факултет почесто сакаат да положат „на полесниот начин“.

-Бидејќи имам искуство со предавање во сите 4 години, кај помладите колеги може да се забележи еден попрагматичен пристап, каде што се обидуваат со најмал можен напор и труд да го положат испитот. Голем број од нив не се подготвуваат за часовите и вежбите, а често не ги ни посетуваат, а за испитите се потпираат на редуцирани скрипти, наместо да ги прочитаат книгите, учебниците, како и да се користат со белешките од предавањата. Многу често, најважна цел е самото формално полагање на испитот, при што често ни оценката не е толку важна, што има негативен ефект и врз знаењето кое ќе се стекне од дадениот предмет.


Сепак, ситуацијата е малку различна на техничките факултети, кадешто можеби игра улога потребата на праксата, но и видот на материјалот, кој се состои од повеќе задачи а помалку учење напамет. Проф. д-р Христина Спасевска, Продекан за настава на ФЕИТ, ни го опиша моделот на предавањата на овој факултет.

- Следејќи ги нашите досегашни искуства, наставата на ФЕИТ е задолжителна и скоро по сите предмети се одвива преку предавања на наставниците, вежби за задачи и лабораториски вежби. Ако предавањата и вежбите за задачи се одвиваат со големи групи, лабораториските вежби се организираат во групи со по 20 студенти. Овој концепт на студирање укажува на важноста за редовното следење на наставата од страна на студентите и нивната директна комуникација со наставниците и соработниците, а сè со цел полесно совладување на градивото предвидено во еден наставен предмет.

Освен тоа, студентите на овој факултет редовно добиваат домашни задачи, семинарски работи и парцијални испити, покрај завршниот испит, што ги поттикнува студентите да работат редовно. Сличен пристап имаат и значаен број професори на Машинскиот факултет, дознаваме од студентите.


Што треба да се смени?

Според анализа на 225 истражувања за методите на предавање на факултетите, направена од биологот Скот Фримен од Универзитетот во Вашингтон, методите со кои студентите биле активни учесници наместо пасивни слушатели давале подобри резултати на тестовите за 6%.

Дамјановски смета дека се работи за повеќе фактори.

- Според мене, удел во ваквиот приод има и несоодветната примена на ЕКТС системот, кој не е најцелисходен за хуманистичките и општествените науки, во кој главен примат се дава на брзината на студирањето и предавање на што поголем корпус на информации во еден ограничен рок од еден семестар. Со тоа не им се дава доволно време на студентите да се посветат на материјалот, а многу често заради големиот број на студенти и честите празници, наставниот кадар не може да посвети време на анимирање на студентите и темелно покривање на материјалот. Секако, треба да се земе предвид и фактот дека новите генерации како последица на новите технологии сѐ почесто развиваат различен пристап кон примањето на нови информации, кои наставните програми сѐ уште целосно не го имаат инкорпорирано.



Производство на нестручен кадар

Неколку студенти на Правниот факултет ни се пожалија дека не се чувствуваат подготвени за работа по своите студии бидејќи „речиси сите испити им се по принцип на заокружување точен одговор“.

- Како јас да станам добар адвокат кога не ми се дава шанса да зборувам и да се докажам како добар оратор? – изјавува една студентка на овој факултет.

Повторно, главната цел на студентите се само крајните испити, наместо предавањата. Дамјановски не ги обвинува студентите за оваа појава, кои „само се прилагодуваат на критериумите кои ги поставува нивната средина и општество“. Но, тој се согласува дека сето ова доведува до сè почестата појава на производство на недоволно едуциран и стручен кадар на пазарот на труд.

Што да прават студентите?

За поголеми промени во врска со оваа појава треба да се работи многу и да се чека многу бидејќи не се работи само за еден фактор, туку за повеќе. Сепак, студентите може да го започнат процесот со она во што играат улога тие самите, односно да учат редовно и да посветуваат поголемо внимание на предавањата.

Професорката Спасевска советува:

- Моето искуство како професор покажува дека студентите многу полесно го полагаат предметот ако се редовни на настава, ги користат термините за консултации на наставниците и соработниците за дополнителни информации и ако континуирано работат. Сепак, моја препорака е дека како студенти некогаш слободно можат да си дадат повеќедневна пауза од учењето и да се посветат на другите интереси што ги имаат во овој период од животот. Бидејќи, успешна академски образувана млада личност не е онаа која што има само знаење од насоката што ја студира, туку која ќе успее да се изгради на сите други полиња во животот и секако, да биде среќна и сигурна во своите квалитети.

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование