X
 04.05.2016 Култура

Како градот Копенхаген од работ на банкрот стана најпосакуван град за живот?

Беше на работ на банкрот. 15 години подоцна, прогласен е за најпосакуваниот град за живот. Како овој град во неколку години стана престолнина на зелена урбана архитектура и дизајн, со одржлив развој и чиста енергија?

 

копенхаген


Во почетокот на 1990-тите Копенхаген беше на работ на банкрот. Веќе во 2008 година е прогласен за најпосакуваниот град за живот според истражувањата на магазинот „Monocle“. Титулата за најпосакуван град ја потврди и во 2013 и 2014 година и со тоа влезе во историјата како единствен град со освоена титула три пати по ред.

Со гаснењето на преработувачката индустрија во 1970-тите и 1980-тите заврши индустриската ера на овој индустриски пристанишен град. До 1990-тите голем број на фабрики и воени комплекси беа затворени или префрлени во други делови на Данска. Дел од напуштените згради беа уништени со цел да се ослободи центарот на градот и да се направи простор за изградба на станбени области. На тој начин се привлекоа младите семејства од предградијата и богатите странски компании. Но, ефектот не беше на задоволително ниво, а градот паѓаше во се` подлабока економска криза.

Во доцните 1990-ти градските власти одлучија да преземат проактивен став. Долгорочната визија и ризичниот стратешки план започна да привлекува серија приватни и јавни инвестиции во наредната деценија.

1. Трансформација на индустриските зони и воените комплекси

Индустриските зони полека започнаа да добиваат ново лице, но го задржаа индустрискиот дизајн, по што е позната данската архитектура. Нордхавн, северниот дел на старото индустриско пристаниште поминува низ слоевита трансформација која ќе трае наредните 40-50 години. Дел од станбените згради се веќе изградени и населени, додека постоечките добиваат нова улога. Импресивна е и трансформацијата на стариот силос во станбена зграда со ултрамодерни станови, при што е задржана оригиналната конструкција и индустрискиот ентериер кој ќе остане видлив како потсетник за долгата историја на зградата. Во цело преградие ќе биде забрането паркирање и запирање на возилата, а инфраструктурата примарно ќе биде прилагодена за велосипедисти и пешаци.

2. Поранешниот воен комплекс станува слободен град во градот

Кога во 1971 година војската го напушти воениот комплекс во Кристианшван, зградите за брзо време започнаа да ги користат бездомници, боеми, хипи и уметници. Воените згради постепено беа претворени во станбени згради. Животот во ова предградие се одвиваше паралелно со останатиот дел од градот, а стилот на живеење му пркосеше на ригидното и дисциплирано данско општество. Анимозитетот беше обостран. Угледните Данци ова преградие го избегнуваа и го гледаа со презир, а градот во неколку наврати се обиде да го пробие либертанизмот. Неодамна градските власти одлучија да го прифатат како жив експеримент. Тој доби автономија и статус на слободен град со сопствена валута, знаме и закони кои дозволуваат продажба и консумирање на марихуана и лесни дроги. Денес овој град е главна туристичка дестинација, и се нарекува мини Амстердам.

3. Пет минутен град

Во раните 90-ти, биле започнати бројни проекти за подобрување на инфраструктурата, а меѓу најважните беше Ересундскиот мост кој ги поврзува Данска и Шведска. Изградбата, која траеше пет години, бепе финансирана од двете држави, а кредитот се враќа со парите од даночните обврзници во наредните 30 години. Долг е вкупно 12 километри, од кои четири километри има тунел под морето за конструкцијата да на пречи во воздушниот сообраќај од блискиот аеродром. Мостот годишно го поминуваат 35.6 милиони патници.

Изградбата започнала во 1996 година. Последниот дел од линијата беше завршен во 2007 година, а во 2015 година започна надградбата на метрото кое го опкружува градот. Целта е, сите жители во Копенхаген, без разлика каде се, да имаат метро станици кои ќе бидат оддалечени најмногу со 5-10 минутно пешачење. Тоа е дел од амбицизониот план Копенхаген да стане јаглерод-неутрален град до 2025 година.

Со страштеки план за развој на велосипедска инфраструктура од 2001 година, ова стана најпосакувана форма на транспрот. Денес Копенхаген има преку 400 километри велосипедски патеки, а секоја година се градат нови стази долги 7 километри. Во 2015 година секој втор жител на работа одел со велосипед. Дури 70% од владините функционери, вклучувајќи ги и министрите, одат со велосипед на работа, што го потврдува и полниот паркинг за велосипеди пред зградата на владата.

Дополнителен мотив за возење велосипед е и данокот на автомобилите од 180% со што градот сака да го намали користењето на автомобили.

4. Европска престолнина на културата


Во 1996 година Копенхаген е избран за европска престолнина на културата. Во тоа време, голем дел од јавните пари биле инвестирани во културни и образовни институции, вклучувајќи и изградба на нова концертна сала, опера, кралскиот дански театар, новото крило на Националната библиотека и конверзија на воените објекти на Факултетот за ахритектура како и бизнис згради. Импресивната нова зграда за опера е изградена во само три години со парите од приватниот инвеститор А.П.Молер, донираше повеќе од половина милијарда евра за изградба.

5. Инсенератор за отпад воедно ќе биде и градско скијалиште

Изградбата на инсенераторот започна во 2013 година, а во 2017 година ќе биде ставен во функција. Со енергијата добиена од горење на 400.000 тони отпад ќе се обезбедат 160.000 домакинства. Кровот со површина од 32.000 метри квадратни ќе биде претворен во скијачка стазасо вештачки снег кој ќе работи и во лето и во зима.

„Middelgrunden“ - фармата за ветерници е изградена во 2000 година и е видлив симбол на Копенхаген, кој промовира употреба на чиста енергија. 20 турбини на ветер наредени во морето меѓу Данска и Шведска со 50% сопствеништво на 10.000 приватни инвеститори, и 50% во сопственост на градот.

6. Данокот го плаќаат со задоволство бидејќи веруваат во своите политичари


Тешко е да се поверува кога ќе кажат дека данокот го плаќаат со задоволство бидејќи им веруваат на нивните политичари и се сигурни дека нивните пари ќе бидат вложени во проекти за подоборување на квалитетот на нивниот живот и животот на нивните потомци. Но, плаќањето 60% данок им дава право да прекинат било кој проект кој им се чини дека нема да биде добар и нема да донесе добро за заедницата. Егзистенцијалниот страв речиси и не постои, бидејќи стапката на невработеност е околу 2%, а животниот стандард околу 15 пати поголем отколку во Македонија. Приоритет секогаш се дава на домашните производи и малите локални бизниси, што е видливо и по бројот на мали дизајнерски бутици, уникатни галерии, ресторани и кафичи.

7. Жива лабораторија за еколошко урбано живеење


Сепак, Копенхаген не е град без недостатоци. Во изминатава деценија имало и неуспешни инвестиции и проекти и сомнителни еколошки решенија кои ја нарушија утописката слика за зелен град. Економската стабилност сигурно дава доза на опуштеност, па грешките за брзо време се забораваат. Од нив учат, а искуството го споделуваат со другите. Речиси 100 години демократија, долгорочно стратешко планирање, отвореност кон иновативни решенија и подготвеност да научат од грешките, го трансформираа Копенхаген од индустриско пристанишен град во зелена метропола и жива лабораторија за еколошко урбано живеење.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура