X
 12.05.2016 Образование

Новите реакции на Фејсбук на македонски јазик на 9. Научен собир на млади македонисти

Собирот почнува утрово, во салата за седници на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Од 9 до 10 часот трае пријавувањето на учесниците. Потоа ќе биде свеченото отворање, а по поздравните обраќања ќе бидат промовирани зборниците со реферати од седмиот и од осмиот собир.


 „Твојата објава ,ми се допаѓа’, ,хаха’ или ,тажно’? Новите реакции на Фејсбук на македонски“ од Нина Тунтева, „Антонимите во насловите на вебпорталот off.net.mk“ од Билјана Никовска, „Семиотика на домот во поезијата на Лидија Димковска“ од Моника Илкова, „Неугодното во ,Чкртки’ на Румена Бужаровска“ од Кристина Атанасова. Ова се само дел од излагањата на 9. Научен собир на млади македонисти кој од денеска и утре ќе се одржи на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Свои реферати пријавиле повеќе од 30 млади научници од земјава и од странство, информираат организиаторите.

Собирот почнува утрово, во салата за седници на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Од 9 до 10 часот трае пријавувањето на учесниците. Потоа ќе биде свеченото отворање, а по поздравните обраќања ќе бидат промовирани зборниците со реферати од седмиот и од осмиот собир. Ќе се одржи и конференција во чест на Лилјана Минова-Ѓуркова, со која ќе и биде изразена благодарност и чест на личноста што беше иницијатор и поддржувач на овие собири. Во годинашниот организациски одбор членуваат: Катерина Велјановска (претседател), Искра Пановска-Димкова, Весна Мојсова-Чепишевска, Бобан Карапејовски и Иван Антоновски.

Средба на млади научни работници

Првиот научен собир на млади македонисти се одржала на 20 и 21 мај 1993 година на Филолошкиот факултет во Скопје. - Иницијативата ја даде професорката д-р Лилјана Минова-Ѓуркова, член на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици, која едногласно ја усвои и ја презеде обврската за организација на собирот. Основниот концепт беше тој да претставува научна средба на млади научни работници чија прва или втора специјалност е македонскиот јазик, со идеја да се одржува на секои две години и да прерасне во традиција на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици. Идејата се оствари, во 1995 година се одржа вториот Научен собир на млади македонисти, во 1997- третиот, а во 1999 – четвртиот. Од оправдани причини имаше прекин во динамиката. Традицијата се обнови во 2006 година кога се одржа петтиот научен собир, по кој следуваа собири во 2008, 2010 и 2013 година. На овие собири учествувале повеќе од 350 млади научни работници - велат организаторите.

 
Научниот собир се одржува под покровителство на ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Покровителството досег абило прифатено од страна на сите досегашни ректори: Томислав Чокревски, Радмила Кипријанова, Александар Анчевски, Ѓорѓи Мартиновски и Велимир Стојковски. Освен од Универзитетот, собирот добивал и финансиска, логистичка и морална поддршка и од надлежните министерства при Владата и од Деканатот на Филолошкиот факултет.


Повеќе од 60 странски учесници

Собирите ги организираат членовите на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици. Излагањата се одржуваат во просториите на Филолошкиот факултет, а избран е месецот мај бидејќи се придружува кон одбележувањето на патрониот празник на Универзитетот, 24 Мај.

- Уште со првиот научен собир на млади македонисти, оваа манифестација се здоби со меѓународен карактер. Покрај домашните млади македонисти, на него учествуваат и млади македонисти-странци. Тоа се главно студенти, постдипломци, докторанди од странски универзитети, кои се занимават со теми од областа на лингвистиката и славистиката пошироко, како и на македонистиката потесно. Досега се вклучиле повеќе од 60 странски учесници - велат организаторите. На деветтиот собир излагањата се поделени во два дена, по три сесии. Сите рефератите прочитани на досегашните собири се објавуваат во посебни зборници, а ги издаваат Универзитетот, Факултетот и Катедрата.
Подготвил: В.Ф

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование