X
 12.07.2016 Култура

Сензационалниот глас на Елина Гаранча ќе ечи во Античкиот театар во Охрид


 
Почестена сум што сум овој фестивал кој зад себе има толку богата и долгогодишна традиција. Верувам дека мојот настап ќе биде континуитет на прекрасни и возбудливи настани што се дел од Охридско лето, вели познатата примадона од Летонија

За фестивалот Охридско лето слушав од моите колеги и пријатели Барбара Фритоли, Михаил Хворостовски, кои настапувале тука. Почестена сум што сум овој фестивал кој зад себе има толку богата и долгогодишна традиција. Верувам дека мојот настап ќе биде континуитет на прекрасни и возбудливи настани што се дел од Охридско лето.

Со овие зборови позната оперска певица, примадоната Елина Гаранча од Летонија го најави својот концерт со кој вечерва, во 21 часот, во Античкиот театар во Охрид ќе биде отворено 56. издание на најголемиот фестивал во Македонија. Таа ќе изведе арии на Чајковски, Сен Санс и Гуно, специјално одбрани кои одлично соодветствуваат со силината и квалитетот на нејзиниот глас. Вториот дел од концертот е резервиран за најпознатите композиции од операта „Кармен“.

- Кон нив имам посебно чувство, бидејќи ми беа билет за влез во Метрополитен арена - објасни Гаранча.

Ќе им се приклучи на великаните

На вечерашниот концерт ќе настапи Оркестарот при Македонската опера и балет. Диригент е маестро Ион Марин од Романија. Тој има интересна приказна која го врзува за Охрид и Македонија.

- Се враќам како претставник на втората генерација уметници од моето семејство. Охрид го посетив во 1969 година и во 1978 година, кога мојот татко настапуваше на фестивалот како диригент на хорот „Мадригал“ од Букурешт. Имам убави спомени од тоа време - вели Марин.

Гордана Јосифова-Неделковска, селектор на музичката програма на фестивалот вели дека Елина Гаранча е изведувач кој со сигурност ќе им се приклучи на великаните.

- Таа има сензационален глас, уметник кој зрачи со енергија и топлина што секое нејзино појавување на сцената го прави впечатливо и уникатно. Верувам дека публиката ќе има незаборавно уметничко доживување што долго ќе се памети - рече таа.

Елина Гаранча во последната деценија се смета за една од најсвелите точки на светската оперска сцена. Својата кариера ја почнува во Südthüringischer Staatstheater во Мејнинген, а подоцна и во Франкфуртската опера, каде исполнува бројни водечки улоги. Оттогаш непрестано се појавува на светските оперски сцени, каде соработува со еминентни диригенти и оркестри, а нејзините настапи се проследени со одушевување од публиката и критиката. На нејзиниот репертоар се наоѓаат голем број опери од светската музичка сцена.

Марин им помага на маргинилизираните деца

„Во 2013 година Гаранча ја добива почесната титула Kammersängerin која ја доделува Виенската опера. Гаранча е еден од најмладите добитници на оваа награда, која ја добива како резултат на 140 изведби на 18 улоги во повеќе опери на сцената на оваа оперска куќа. Гаранча е исто така и еден од најпродаваните изведувачи на светски познатата Deutsche Grammophon“, велат организаторите.



Ион Марин е една од најфасцинантните личности на светската музичка сцена. Тој е еден од малкуте диригенти кој има добиено интернационално признание и во симфонскиот и во оперскиот жанр. Неговата прва значајна диригентска позиција ја добил на само 21 година, кога станал музички директор на Филхармонијата во Трансилванија.

- Тогаш почнува подемот на неговата кариера. Бил предводник на речиси сите најзначајни оркестри во Европа, а забележува и настапи со голем број истакнати уметници од светот. Маестро Марин е иницијатор на проектите „Кантус Мунди“ и „Симфонија Мунди“ во Романија, посветени на музичка едукација и социјална интеграција преку музиката на маргинализираните деца во земјата. Добитник е на повеќе награди, а има издадено и повеќе од 40 компакт дискови - велат од Охридско лето.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура