X
 03.08.2016 Култура

Дневникот на Химлер открива што се случувало во главата на човекот кој убил 6 милиони луѓе

Хајнрих Химлер остана запомнет како архитект на нацистичкиот проект за истребување на Евреите, при што во овој монструозен масакр познат под името Холокауст, животот го изгубиле шест милиони луѓе поради тоа што биле Евреи.

 

1


Што се случувало во главата на овој човек? Одговорот на ова прашање лежи во неговите дневници од 1.000 страни. На крајот на Втората светска војна се мислело дека неговите дневници од 1938, 1943 и 1944 година биле засекогаш изгубени. Меѓутоа, тие се нашле во рацете на советската Црвена армија и од тогаш се наоѓале во воените архиви во Подолск покрај Москва, под името „Dnewnik“:

Истражувачите од германскиот институт за историја, во Москва поминале неколку месеци проучувајќи ги записите на Химлер за кои тие тврделе дека претставуваат документи од извонредно историско значење.

По она што можело да се заклучи од дневниците на Химлер, шефот на СС и Гестапо бил контрадикторен човек кој планирал и наредувал масивни егзекуции, а од друга страна кон семејството, пријателите и познаниците бил неверојатно внимателен. Бил познат по тоа што не поднесувал крв. Во август 1941 година скоро и се онесвестил кога мозокот на една од неговите жртви се нашол на неговото палто додека го надгледувал масовното убиство на Евреите надвор од Минск, Белорусија.

 

2


Кога го посетил концентрациониот логор Бухенвалд во Германија, Химлер запишал во дневникот: „Каснав нешто во кафулето во СС казиното“. Неговата нечувствителност на маките на неговите жртви била неверојатна. Во дневникот од 1943 година пишувал за „ефикасноста“ на дизел моторите во нацистичкиот логор на смртта Собибор во окупирана Полска, каде 400 луѓе биле убиени само за да се проба новата технологија. Истиот ден забележал дека се најал добро на банкет.

Во еден извадок од 1944 година, пишува дека неговиот личен доктор го масирал, а после тоа тој наредил стрелање на десет Полјаци. Истиот ден пишувал за новите кучиња чувари во Аушвиц кои можеле да растргнат секој освен своите дресери.

Дневниците сведочат дека Химлер од 1943 до 1945 година официјално се сретнал со 1.600 луѓе. Но, според неговите белешки, тој имал време и за други интереси како што е гледање филмови и набљудување на ѕвездите.

Иако се чини ладнокрвен и нечувствителен, англискиот капетан Ерик Браун, кој го испитувал кога Химлер бил уапсен кон крајот на војната,  го опишал како „плачлива кукавица“ кој бил преплашен од она што би можело да му се случи. Химлер во мај 194 година побегнал од Берлин преправен во обичен војник со фалсификувани документи на име на Хајнрих Хитзинг, но за брзо време бил фатен од припадниците на сојузничките сили во северниот дел на Германија. Бидејќи чуварот долго време го држел, Химлер се налутил и му рекол: „Јас сум Хајнрих Химлер“, на што чуварот му одговорил: „Да, а јас сум Јулиј Цезар“.

Кога бил фатен од Британците, 44 годишниот Химлер неколку дена подоцна извршил самоубиство голтајќи таблета цијанид која ја чувал скриена во неговата уста.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура