X
 11.02.2016 Образование

Дневник на еден наставник од 2023 година

„Утре полнам 67 години. Ме болат коските, имав два инфаркти, имам три стента.

Денес одржав редовни 17 часови. На 61 година морав да запишам уште еден факултет, па сега предавам 6 предмети. Во училиште од 836 ученици, работиме дванаесетмина.

Жената ме напушти пред четири години. Вели: Ниту ме гледа, ниту носам пари дома. И така е. Сè што заработувам давам на стручно усовршување, на кое одам три викенди месечно. Ако и останат некои пари, тие ги давам на хартија, тонер, поправка на компјутерот и печатачот. Секоја недела дома печатам околу 320 страни извештаи и 450 страни наставен материјал. Ако. Не ми е тешко и не жалам. Јас барем имам работа.

Конечно ја совладав техниката за брзо спиење. Сега спијам осум часа за три часа. Тој семинар ни го плати државата. Бев и на семинар „Како да зготвиш ручек за два дена, за 40 денари“, но тоа и порано не ми беше проблем. И да не помислите дека се жалам - не, никако! Јас барем имам работа.

Секое утро прво се молам за здравје на канцеларот, кој ми овозможи да работам и придонесувам нашата татковина да излезе од криза. Велат дека нема уште многу да трае таа криза - 12, 13 години најмногу! Тоа ме радува.

Денес имав настава кај шеснаесетгодишници. Повеќе не ги делиме по одделенија, туку по возраст, за оние кои повторувале за време на изгубената мината деценија да не се чувствуваат дискриминирано. На час ми беа четири ученици, од 28. Останатите имале некаква работа. Ако. Децата и треба да имаат работа.

Присутните денес одбираа што ќе учат и кои оцени да им ги напишам. Тоа се прекрасни млади луѓе. Толку самостојни! По наставата морав да поминам кај сите отсутни дома и да им ги оставам тестовите, па тие ќе ми ги вратат кога ќе ги пополнат. Кога ќе стигнат. Млади се. Имаат многу интереси, а за тоа ние мора да имаме разбирање.

Вечерва работам и трета смена. Ја менувам колешката што скршила колк вчера. Вели дека утре ќе дојде, а денес не може. Третата смена ни ја воведоа по штрајк на родителите, кога се жалеа дека со нивните деца никој не се занимава навечер, па само гледаат телевизија и играат игри.

Немојте, ве молам, да помислите дека се жалам. Не, никако! Пресреќен сум што работам во училиште и жал ми е што до пензија имам уште само 17 години.“

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование