X
 28.10.2016 Живот

Мажачката не е животно постигнување!

Свадба


„Пред три месеци, мојот тогашен дечко, Крег, се спушти на колена и ме побара за жена. Се расплакав од возбуда. После сè, тоа беше голем момент во мојот живот, особено возбудлив, посебен и достоен за прослава.

Но, дали е тоа животно постигнување? НЕ!

Сега, откако имам прстен на раката, можам јавно да го споделам моето мислење што сигурно ќе прозвучи прилично горко. И покрај тоа што официјално сум тргната од „пазарот“, воопшто не го менува мојот став: Свршувачката и мажачката не се постигнувања во животот.

Девојки, пред да ми се спротивставите, послушајте ме.

Оваа е мојата фрустрација: Денес е 2016 година и запросувањето е поголема причина за прослава отколку академските и професионалните постигнувања на жените. Неспорно е дека пријателите и семејството се радуваат на дипломите и успешните кариери на блиските жени, но ни приближно колку на објавата дека ќе се омажат. Тоа е моето искуство.

Преблагодарна сум за радоста на опкружувањето во врска со моето стапување во брак, но се чудам зошто тој настан е повисоко на пиедесталот, за разлика од успехот во образованието или кариерата.   
 
Во педесеттите години, жените претежно биле домаќинки, а мажењето им било крајна цел во животот. Згора на тоа, функцијата „сопруга“ го дефинирала поимот „жена“, па можам да замислам зошто стапувањето во брак се сметало за постигнување.

Но, времињата се изменија. Во денешното општество, жените имаат повисоки цели отколку само да си најдат маж. Жените се претприемачки, адвокатки, наставнички, директорки, иноваторки, дизајнерки, истражувачки, писателки, консултантки и уште многу други нешта. Жените одат на колеџ и се стекнуваат со магистерски и докторски дипломи. Жените се клучни фигури во владите. Жените го менуваат светот со своите иновации.

Додека мнозинството од овие жени се мажени, нив дефинитивно не ги определува единствено нивното ново презиме. 

Кога ќе размислам, луѓето генерално се интересирале повеќе за мојата љубовна врска, свршувачката или свадбата, отколку за мојата работа и постигнувањата поврзани со неа. Не само во последните три месеци, туку воопшто, многу често ме прашуваа: Кога ќе се свршите? Како ви оди со Крег?, па дури потоа Како ти оди работата? Или Што работиш во последно време?

Никого не можам да го обвинам за интересот за мојот љубовен статус, наспроти за мојата кариера, бидејќи речиси исто постапував и јас со другите жени. Крајно, така нè учат бројните реклами, дека најважно од сè е „прстенувањето“ на жената.

Најверојатно, дојде време општеството да ги превредни аспектите во животот на жените на кои најмногу им се дава значење.

Според мене, мажачката не треба да биде повеќе ценета од академскиот и професионалниот успех што жените напорно работат за да го постигнат. За да се омажиш не ти требаат ни мозок, ни возачка, ни некоја друга вештина. Потребен е само (по)желен партнер. Меѓутоа, пристапот во училиште, дипломата и стекнувањето работа бараат голем напор.

Не велам дека и за да се омажиш не е потребно извесно постигнување. Сметам дека успехот не е во клекнувањето на колена и потврдниот одговор на просидбата, туку заедничкото справување на сопружниците со секојдневните предизвици: финансиски кризи, болести, деца, стрес. Зачувувањето на заедницата во време кога 50% од браковите завршуваат со развод, е вистинско постигнување во животот.“    

Колумна на Натали Бруки во Хафингтон Пост.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот