X
 14.11.2016 Живот

Жикица Ивановски: Користете го слободното време за активности во природа, уживајте во неа и чувајте ја!

Жикица Ивановски е светол пример на млад човек којшто преку својата активност промовира позитивни вредности, здрав начин на живот, но и светоглед што не познава граници, пред сè внатрешни, но и оние наметнатите од културата, и тоа преку своето хоби – трчањето. За сите негови успеси и постигнувања, за нашата сеопшта промоција преку неговите лични дострели, откријте од разговорот што го направивме со него. 

Жикица Ивановски на планински врв 

Факултети.МК: Кој е Жикица Ивановски, кој е неговиот modus vivendi?

Жикица Ивановски: Дипломиран економист, зависник од физичка активност во природа.

Факултети.МК: Кога почнавте да се занимавате со трчање и дали тоа Ви е хоби или професионална определба?

Жикица Ивановски: Со трчање почнав во 2007 година, кога за првпат на Фрушка Гора успеав да го пропешачам тамошниот најдолг ултрамаратон заедно со Трајче Панковски и Марин Стојановски, кои се моја голема инспирација. Потоа имав тригодишна пауза од трчањето, за повторно да му се вратам на Скопскиот маратон во 2010 година, а од 2011 почнав малку поактивно со ултрамаратони и треил трки. Трчањето сè уште ми е хоби и се надевам дека ќе ми остане за многу години.

Жикица Ивановски 1

Факултети.МК: За потсетување на нашите читатели, Вие бевте еден од тројцата македонски претставници на ултрамаратонската трка Ultra Trail du Mont Blanc во 2014 година, на која направивте натчовечки подвиг и истрчавте 168 километри со време од 31.46 часа. Како успеавте, колку се подготвувавте и дали излеговте променет од таа трка?

Жикица Ивановски: Сакам да ги потсетам читателите дека, исто така, во 2012 година заедно со Трајче Панковски  учествувавме на Ultra Trail du Mont Blanc, кога поради временските неприлики трчавме само 106 километри и успешно завршивме. Чувството да се стартува и да се финишира Ultra Trail du Mont Blanc е единствено и во мене секогаш ќе буди силни емоции. За разлика од 2012 година, на следното учество со Светлана Стојаноска Ивановска и Јовица Јованчев имавме одлични временски услови што е најголем услов за финиширање на оваа трка. Таму за првпат се сретнавме со дожлина од 100 милји и освен успешното финиширање, сè друго беше во втор план. Подготовките ги правевме за време на викендите кога најчесто бевме на Шар Планина, Водно, Јабланица...  Секако за таквиот потфат учествувавме и на неколку тест-трки како Изник Ултрамаратонот и Стара Планина Ултра надвор од Македонија, додека кај нас ги имавме Церипашина Вертикал Километар и Беличица-Меденица Треил. Учеството на Ultra Trail du Mont Blanc е огромно искуство, пред сè бидејќи се работи за најдобро организираната трка/настан од ваков вид во светот.

Жикица Ивановски на ултрамаратонот во Шамони

Факултети.МК: Што зборува Вашето спортско портфолио за Вас? Со кои други успеси можете да се пофалите и кои би ги издвоиле како најдраги?

Жикица Ивановски: Засега две треил трки од 100 милји, 10 треил трки над 100 километри, пет треил трки над 90 километри, четири треил трки над 60 километри, два планински маратони, четири улични маратони, осум полумаратони, неколку планински трки, но и неколку неуспешни обиди на некои од овие треил трки. Секако дека една од најдрагите е Ultra Trail du Mont Blanc, но тука е и нашата Крали Марко Ултра Треил, трка со која сè уште растеме како тркачи. Секако дека една од најдрагите е и Фрушка Гора, место каде што за првпат се сретнав со ултра треил трчање. За мене успех е секое финиширање на која било од овие трки, но некогаш сум имал и доволно среќа да финиширам со добар пласман. Тука би ги наброил Лаваредо Ултра 2012 - 39 место, Тара Ултра Маратон 2013 - прво место, Персенк Ултра 2013 - второ место, Изник Ултра - трето место, Крали Марко Треил - второ место во 2014 година, и прво место во 2015. Исто така би го додал и минувањето на Мини шарпланинската трансверзала од Старо Село до Попова Шапка преку преку Титов Врв, заедно со Јовица Јованчев.

Факултети.МК: Дали постои релевантна меѓународна ранг листа која ги вреднува резултатите на тркачите од Ваш тип? Ако постои, на која позиција се наоѓате Вие, што значи тоа за Вас?

Жикица Ивановски: Единствено тело што ги рангира и верификува и резултатите и ваквите трки е ITRA(International Trail Running Association). Моментално котирам на 633 позиција и ми претставува огромна чест да бидам рангиран заедно со најдобрите треил тркачи во светот.

Факултети.МК: Иако во својата основа е компетитивен, сепак идејата на спортот е поврзување на луѓето. Сигурно сте стекнале многу пријателства, па дали ќе можете да ни споделите некое интересно случување од Вашите спортски дружби?

Жикица Ивановски: Дружењето и стекнувањето нови пријателства е можеби и најпозитивната работа што ја носи спортот. Со учеството на трките сум стекнал голем број на пријатели и надвор од Македонија. Со некои од нив сè уште се среќаваме на некои трки. Најинтересни детали од овие трки се заедничките моменти, минувањето низ слабите моменти, меѓусебното бодрење и секако финиширањето.

Факултети.МК: Што е следно на Вашиот дневен ред, каде ќе се натпреварувате?

Жикица Ивановски: Следната година ќе одбележам 10 години од мојата прва ултра-трка на Фрушка Гора, па задолжително ќе бидам таму. За среќа, сега и во Македонија и во регионот има доволно трки и на некои од нив сè уште не сум учествувал, па би сакал да го направам тоа.

Факултети.МК: Која е Вашата животна порака до нашите читатели?  

Жикица Ивановски: Користете го слободното време за активности во природа, уживајте во  неа и чувајте ја!

Жикица Ивановски трча на планина

Жикица, ти посакуваме само да вишуваш!

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот