X
 16.04.2020 Наука

Ако сте под стрес, науката вели дека лекот е 20-минутна прошетка во природа

Ако чувствувате анксиозност, истражување од 2019 година вели дека 20-минутната прошетка во природа или седење во место каде што чувствувате контакт со природата значително ќе го намали нивото на хормонот за стрес.

Првпат истражувачите успеале да спроведат истражување за најефикасната доза на урбано искуство со природата за спротивставување на ефектите од современиот стрес.

Лекарите сега слободно можат да го користат ова откритие објавено во „Фронтиерс ин псајхолоџи“ за да препишат „апчиња за природа“ со знаење дека има одличен ефект врз стресот.

- Знаеме дека престојот во природа го намалува стресот, но досега не беше јасно колку е доволно, колку често треба да се прави и каков вид искуство со природата ќе ни биде од корист. Нашето истражување покажува дека најмногу се исплаќа, во смисла на ефикасно намалување на нивото на хормонот за стрес кортизол, ако поминувате 20 до 30 минути седејќи или пешачејќи во место што ви дава чувство на природа - вели д-р Мери Карол Хантер, професорка на Универзитетот во Мичиген и водечки автор на истражувањето.

Истражувачите велат дека овие „апчиња за природа“ може да се евтино решение за намалување на негативните здравствени влијанија што произлегуваат од урбанизацијата и животниот стил во кој доминира поминувањето време пред екран. За да им помогне на здравствените работници кои бараат упатства засновани врз докази, Хантер и нејзините колеги направиле експеримент што им дал реална процена за ефективната доза.

priroda
Фото: Unsplash

Во период од 8 недели, од учесниците било побарало да престојуваат во природа околу 10 минути или повеќе, најмалку 3 пати неделно. Биле мерени нивоата на кортизол од примероците од плунката земени пред и по „апчето за природа“, еднаш на секои две недели.

- Учесниците сами можеа да го изберат времето од денот, времетраењето и местото каде сакаат да престојуваат, а кое прави да се чувствуваат како да имаат интеракција со природата. Постојат неколку ограничувања што треба да се земат предвид за да се минимизираат факторите што влијаат врз стресот: посетата во природа треба да биде во текот на денот, без аеробни вежби, без користење социјални медиуми, интернет, телефонски повици, разговори и читање.

Градењето лична флексибилност во експериментот ни овозможи да го идентификуваме оптималното времетраење на „апчето за природа“ без оглед кога или каде се зема, и под нормални околности на современиот живот - објаснува Хантер.

Податоците открија дека само 20-минутно искуство во природата е доволно за значително намалување на нивото на кортизол - а ако потрошите повеќе од 20 минути, нивото на кортизол паѓа со највисока стапка. Потоа следуваат дополнителни придобивки за намалување на стресот, но со забавена стапка.

- Лекарите можат да ги искористат нашите резултати како докази да препишуваат рецепти за „апчиња за природа“ - вели Хантер и изразува надеж дека истражувањето ќе претставува основа за понатамошни истражувања на истата област.

- Нашиот експериментален пристап може да се користи како алатка за да се процени како возраста, полот, физичката способност и културата влијаат врз ефективноста на искуствата во природата врз благосостојбата. Ова ќе овозможи приспособени рецепти за „апчиња за природа“ и подлабок увид во тоа како да се дизајнираат градовите и програмите за благосостојба на јавноста - вели Хантер.

Извор: Good News Network
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука