X
 16.08.2023 Образование

Објавена Шангајската листа со најдобри универзитети - „Харвард“ повторно е на врвот

Академското рангирање на универзитетите во светот на универзитетот „Џао Тонг“ во Шангај, познато и како Шангајско рангирање, ја објави листата со најдобри универзитети во светот. Листата се објавува од 2003 година, а методологијата се базира на податоци од трети страни. Годинава биле анализирани над 2.500 институции, а конечната листа ги претставува најдобрите 1.000 универзитети во светот.

По 21. пат универзитетот „Харвард“ се наоѓа на врвот на листата. Следуваат „Стенфорд“ и Технолошкиот институт во Масачусетс. Вкупно 25 универзитети за првпат се најдоа на листата. 

На листата нема ниеден македонски универзитет, а од регионот најдобро рангиран е Националниот и Каподистриасов универзитет во Атина, рангиран меѓу 301. и 400. место. На листата се најдоа уште 5 грчки универзитети.

Универзитетот во Белград е рангиран од 301. до 400. место, а кога станува збор за Србија, на листата се најде уште еден универзитет од оваа земја, а тоа е Универзитетот во Нови Сад (901-1000 место).

Универзитетот во Загреб е рангиран од 401. и 500. место и е единствен хрватски универзитет кој се најде на листата.

Универзитетот во Љубљана е рангиран од 601-700. место и е единствена словенечка високообразовна институција на листата.

Ниеден друг универзитет од регионот не се најде на листата.

Најдобри 10 универзитети во светот според Шангајската листа

1. „Харвард“, САД
2. „Стенфорд“, САД
3. Технолошки институт во Масачусетс, САД
4. Универзитет во Кембриџ, Обединето Кралство
5. Универзитет на Калифорнија во Беркли, САД
6. „Принстон“, САД
7. Универзитет во Оксфорд, Обединето Кралство
8. „Колумбија“, САД
9. Технолошки институт во Калифорнија, САД
10. Универзитет во Чикаго, САД

Целосната листа пронајдете ја овде.

Извор: Shanghai ranking
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование