15.02.2017 Култура

„Париз, те сакам“ ја опи публиката

Најпознатите француски шансони и композиции инспирирани од Градот на Светлината, во извонредно ново руво оркестрирани од нашиот Џијан Емин, синоќа прозвучеа во Македонската опера и балет во Скопје. Македонската филхармонија со концертот „Paris, je t’aime“ („Париз, те сакам“) ѝ го честита на својата публика празникот на љубовта и на виното. Уште еден вистински потег на Филхармонијата и начин како да ѝ се доближи уште повеќе на својата публика. Интересен спој направија гостинката од Унгарија, џез-вокалистката Миртил, и нашиот актер Васил Зафирчев, предводени од диригентот Борјан Цанев и симфонискиот оркестар. За режијата на концертот се погрижи Дејан Прошев.



Една од најдобрите вокалистки од Унгарија, со голема џез-кариера, прв пат настапи во Македонија. Беше одушевена од оркестарот на Филхармонијата, на кој му честита неколку пати. Миртил нѐ потсети на вечната Едит Пјаф, на нејзините La Vie en rose, Je ne regretted de rien, Milord, антологиската Ne me quitte pas од Жак Брел, песни на кои публиката одлично реагираше.

За Зафирчев, ова беше еден од најдобрите настапи, воопшто. Свој на своето, на проверен терен во француската поезија чиј познавач е одамна, со многу емоции и вознес ѝ ги пренесе на публиката вечните љубовни стихови на Жак Превер. Не помалку воодушевувачки беше и неговиот вокален настап во неколку песни, сам и во дует со Миртил. Во однос на емоцијата што ја пренесе, Зафирчев предничеше пред гостинката.

Концертот не можеше да започне поинаку, ами со композицијата која можеби најмногу мириса на Париз – Sоus le ciel de Paris од Ибер Жиро. А заврши со подарок на Зафирчев и оркестарот и извонредната изведба на „Et Si Tu N’Existes Pas“.

Ваквите концерти постојат и за да ја едуцираат публиката. И верувале или не, синоќа на претставници на повозрасната публика им требаа неколкуте прекорни погледи на концерт-мајсторот Ана Кондратенко зашто заборавија каде се наоѓаат и си муабетеа среде изведбите.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура