X
 03.04.2017 Култура

Разговор со Андреа Мирческа, студентка на контрабас на ФМУ: Важно е моето свирење, а не мојот пол!

Дали е харфата „само“ женски инструмент? Секако дека не. Зборот музика е во женски род, но музиката самата по себе не припаѓа никаде. Таа постои самата, без одредници.



На светско ниво не се ретки, но кај нас – да. Андреа Мирческа е една од тие млади девојки што го избрале овој физички најдоминантен музички инструменти – контрабасот. „Преталентирана“ е комплиментот што за неа го слушнавме пред да ја запознаеме и затоа го заслужи нашето внимание. Деветнаесетгодишната прилепчанка студира популарни жанрови на Факултетот за музичка уметност (во класата на проф.Кирил Туфекчиевски), има завршено средно музичко училиште во Битола и нејзина страст е џез-музиката. Нејзиниот последен настап беше дипломски концерт во Младинскиот културен центар во Скопје.

Факултети.мк: Контрабасот е твојот музички избор уште во средното училиште. Кога се вљуби во овој инструмент?
-Се вљубив со самото слушање на џез-музиката каде што звукот на контрабасот, а и неговата улога во таа музика, ми го привлече вниманието. Учев прво гимназија во Прилеп, но во втора година се запишав во музичкото во Битола. Контрабасот го избрав како втор инструмент, за да можам да ја научам основата и техниката за да можам понатаму да свирам џез. Класичната музика никогаш не ме привлекувала да ја свирам.

Факултети.мк: Контрабасот е еден од физички најголемите музички инструменти воопшто, барем во симфониските оркестри. Кај нас не е многу вообичаено девојки да го избираат, можеби и од предрасуди дека е преголем и е „машки“ инструмент. Добиваше ли и ти такви коментари кога се размислуваше за контрабасот?
-Кога почнав да свирам на контрабас, имаше коментари дека е интересно и невообичаено што девојка свири на таков инструмент. И, да, точно е дека во Македонија ретко има контрабасистки. Но, во други места воопшто не е невообичаено девојка да свири контрабас. Мислам дека коментарите дека е машки инструмент се апсурдни. Тоа е како да речете зошто машко свири на харфа. Дали е харфата „само“ женски инструмент? Секако дека не. И затоа ме радува што во последно време коментарите се однесуваат на моето свирење, а не на мојот пол. За крај, зборот музика е во женски род, но музиката самата по себе не припаѓа никаде. Таа постои самата, без одредници.



Факултети.мк: Европа ја даде класичната музика, a џезот е американската класична музика - изјави познатата џез-пејачка и контрабасистка Есперанца Спалдинг при еден настап. Сонуваш ли некогаш да настапуваш во Њујорк, Њу Орлеанс?
- Секако дека би сакала затоа што тоа е и родното место на џезот, кој не би сакал? Но, прво би сакала да оставам добра трага таму каде што сум сега.

Факултети.мк: На Факултетот за музичка уметност одбра популарни жанрови, а не класична музика. Кога џезот стана твој сопатник?
- Мислам дека отсекогаш сум ја сакала таа музика, но љубопитноста кон неа ми се појави во почетокот на средно, оттогаш, па до денес.

Факултети.мк: Имаш ли омилени џез-музичари, контрабасисти, а и генерално, мајстори и на други инструменти?

-Џез почнав да слушам со Чарлс Мингус. Ако морам да издвојам еден од многуте што имале влијание врз мојата љубов кон џезот, тоа би бил токму Мингус. Според мене, тој е еден од најдобрите џез-музичари - и како контрабасист и како композитор. Генијот кај него се покажува и во тоа што не е константен со неговата музика, туку, како што се менува тој во текот на животот, така ја менува и својата музика. Други џез-музичари што ми го привлекле вниманието кон таа музика се Ела Фицџералд, Џон Колтрејн, Реј Браун и многу други. Од контрабасистите на кои им се одушевувам се Стенли Кларк и Рон Картер.

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура