X
 06.06.2017 Образование

Петар Пешев, матурант од НОВА: Македонецот кој стана дел од строго селектираните студенти на престижниот универзитет Браун

Пешев во САД ќе студира компјутерски науки и вештачка интелигенција, а по дипломирањето посакува да помине извесно време работејќи во некоја голема, позната компанија во Америка пред да се врати во Македонија.



Кога матурантот Петар Пешев ја слушнал веста дека е примен на престижниот универзитет Браун во САД, му требала една недела за да поверува дека тоа е вистина. Неговата првична реакција не е за изненадување имајќи го предвид фактот дека на овој универзитет, кој е седмата најстара високообразовна институција во САД, годишно се запишуваат неверојатно мал дел од вкупно пријавените кандидати. Конкуренцијата и за претстојната академска година на Браун била огромна, а Пешев е дел од само 8,3% од кандидатите кои ја поминаа многу строгата селекција на универзитетот. Со Пешев разговаравме за начинот на кој еден македонски средношколец може да стигне до место на некој од светските универзитети, за идните предизвици и очекувањата од новата академска средина.

Факултети.мк: По четири години поминати во средното училиште „Нова“, од следната учебна година се селиш во САД на универзитетот Браун, каде ќе студираш компјутерски науки и вештачка интелигенција. Како ви се споија патиштата со еден од најеминентните светски универзитети?
- Уште од првата година во „Нова“, покрај основниот процес на едукација, започнуваат разговорите за студирање во странство. Јас бев многу амбициозен кога се запишав во „Нова“ и сакав да дознаам што е можно повеќе за најдобрите факултети во светот. Во трета година, истражував многу факултети кои ми ги предложија наставници и поранешни ученици за да изградам мислење за тоа кои од нив би биле најдобар избор за мене. Уште тогаш Браун беше еден од моите омилени 3 факултети, но во исто време беше и еден од најселективните на коишто аплицирав. Да бидам искрен, немав високи очекувања за да не се разочарам. Всушност, кога дознав дека сум примен, навистина бев изненаден и дури цела недела не можев да поверувам дека тоа е вистина. Од оваа перспектива, можам да кажам дека трудот што го вложив во сите овие години на многу учење, работа надвор од училиштето, учество на натпревари, како и музиката и спортските активности, навистина се исплатеше.

Факултети.мк: Зошто се одлучи токму за Браун? Имаше ли други опции во игра?
- Од многуте факултети на коишто аплицирав, имав среќа да бидам примен на неколку респектабилни универзитети, меѓу кои и Браун. Најмногу се размислував помеѓу факултетите Браун и Империал Колеџ Лондон. Јас се определив за Браун, а главната причина за таа моја одлука се можностите кои би ми биле достапни за време на моето студирање таму, како и можностите за понатамошно напредување и по завршетокот на студиите. Исто така ми се допадна и тоа што можам да продолжам активно да се занимавам со музика, поточно со тапани и удирачки инструменти кои и сега активно ги свирам. Браун е еден од ретките факултети кој ги поддржува, па дури и ги поттикнува студентите да продолжат со активности надвор од самите часови со тоа што секој ученик може да следи неколку воннаставни програми. Секако, важен фактор во донесувањето на мојата одлука беше и можноста да сретнам многу луѓе и да бидам дел од мрежата која ја имаат престижните факултети во САД, која навистина е неверојатна. Би сакал да имам среќа да ја искористам таа мрежа за да се вработам во некоја голема, позната компанија во САД, секако пред да се вратам во Македонија.



Факултети.мк: Колку е тешко и напорно да се влезе меѓу елитата кога станува збор за студиите по компјутерски науки и вештачка интелигенција? Како се одвиваше целиот процес на аплицирање?
- Во областа на компјутерските науки, конкуренцијата е навистина голема бидејќи е многу популарна и барана професија. Процентот на примени студенти на факултетите како Браун секоја година се намалува. Оваа година е на ниво од 8,3%, така што бара и многу среќа покрај академскиот успех. Процесот за аплицирање конкретно во САД беше навистина долг и психички напорен поради тоа што секој факултет бара одреден број на есеи на различни теми, при што барањата се разликуваат од факултет до факултет. Есеите се составени од општи и лични прашања, со цел оние што ви ги читаат апликациите да ве запознаат подобро. Целиот процес на пишување на есеите е многу тежок бидејќи и кога се работи за познати, односно лични теми кои лесно можат да бидат одговорени со 1.000 зборови, најчесто универзитетите бараат тие да бидат одговорени со 100 до 200 зборови.

Факултети.мк: Имаше ли помош од твоите професори од „Нова“ при процесот на аплицирање и колку образовниот систем од средното училиште ти помогна да стигнеш до Браун?
- Професорите од „Нова“ навистина многу ми помогнаа низ целиот процес, од самите препораки што ги напишаа за моите апликации, до советите што ми ги даваа за сите есеи. Тоа во голема мера ми го олесни целиот процес и ме охрабри да аплицирам на факултети на кои првично не верував дека имам шанси да бидам примен. Самиот факт што професорите минуваат низ целиот процес секоја година ги прави многу искусни, особено од аспект на тоа што успеало, а што не успеало во изминатите години и што точно бараат одредени странски факултети. Образовниот систем во „Нова“ ми овозможи да полагам многу меѓународни стандардизирани испити, како АП и САТ и сл., кои ми ги подобрија квалитетот на апликациите за факултет.

Факултети.мк: Какви се твоите очекувања од новата академска средина?
- Се разбира дека сум возбуден за сите нови пријателства и искуства во новата средина коишто ме чекаат на Браун. Да бидам искрен, малку ме плаши самиот товар на учење кој ме чека, но од секогаш сум ги учел предметите кои ме интересираат без мака, така што се надевам дека ќе се снајдам лесно. Тоа што Браун е факултет каде што учениците повеќе соработуваат отколку што се натпреваруваат, сметам дека ќе го олесни процесот на навикнување на новата средина.

Факултети.мк: За да ја донесеш конечната одлука, сигурно долго си анализирал повеќе факултети на кои се изучуваат компјутерски науки. Што најмногу им недостига на ваквите факултети во Македонија за да се приближат до некаде до тие во САД или во развиените европски земји?
- Во однос на разликата помеѓу факултетите во Македонија и тие надвор, меѓу учениците во Македонија преовладува мислењето дека на факултетите во странство ќе научат нешто што тука не би можеле. Конкретно во мојата област тоа не е така. Тоа што навистина ги разликува странските факултети се самите услови и ресурсите што тие ги нудат, како и воннаставните програми за истражување, можноста за пракса, инвестициите во врвно опремени лаборатории итн.

Факултети.мк: Од твоја сегашна гледна точка, дали вреди вложувањето во квалитетно средно образование?
- Генерално, вреди вложувањето во квалитетно средно образование, но само ако самите ученици го разберат тоа и го искористат правилно. Кога станува збор за уписите на престижните факултети во САД, нема ниту еден образовен систем кој може да гарантира дека било кој ученик може да го запише каде сака. Сепак, тој процес во голема мера се базира врз концептот на индивидуален ангажман и многу воннаставна работа. Сѐ повеќе факултетите во САД ги ценат тие особини бидејќи тие им покажуваат дека одреден ученик е навистина посветен и подготвен да учи и да работи.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование