X
 20.07.2017 Живот

Необичниот случај на жена што избегала од Северна Кореја за по неколку години пак да се врати

кореја
Фото:  Screenshot/Youtube

На веб-страницата „Ruiminzokkiri“, во сопствеништво на севернокорејската државна пропагандна машинерија, секоја недела се емитува емисијата „Наша земја“. Овој пат емисијата објави видео со наслов „Вистината што ја откри Јеон Хије-сунг: како ме користеа за пропаганда против Демократска Народна Република Кореја“.

На видеоснимката се појавува жена која во јануари 2014 година побегнала од Северна Кореја и која во Јужна Кореја гостувала во разни емисии под името Ли Ји-Хјун. Таа настапувала како гостинка во ток-шоуто „Moranbong club“, кое од декември 2016 до април оваа година го прикажувала кабелската ТВ-мрежа „Chosun“. На истата ТВ-мрежа таа се појавила во реалното шоу во кое учествуваат јужнокорејски мажи и севернокорејски жени.

Јеон Хјуе-сунг на гледачите им објаснила дека се вратила во јуни во Северна Кореја за на граѓаните да им го опише животот во Јужна Кореја. Вели дека била присилена да го критикува режимот на Ким Јонг-ун и дека морала да ја клевети својата земја и нејзиниот лидер. „Ја напуштив Северна Кореја во јануари 2014 година, а се вратив во јуни оваа година. Мислев дека во Јужна Кореја може добро да се јаде и да се заработат многу пари. Но немав пари за пристоен живот, а мојот живот на југ беше болен и полн со лаги. Работев во барови и кафулиња кои физички и ментално ме исцрпуваа. Сакав да заработам пари, па се појавив на некои телевизиски емисии. Сонот од детството ми беше да станам уметник. Ништо од тоа: на југ сè се одлучува со пари. Постојано бев физички и психички прогонувана, а во шоу-бизнисот не можев да кажам ништо освен она што ми беше напишано во сценариото“, вели таа.

Две теории за нејзиното враќање

Вели дека од неа барале да зборува лошо за Северна Кореја и да ја клевети сопствената држава, да измислува негативни приказни. Не ѝ било дозволено да каже ниту еден убав збор за нејзината татковина. Признава дека го правела сето тоа бидејќи била заслепена од парите и западниот капитализам. Доколку заработела пари, би ги искористила за пластична операција. Вели дека сакала да се врати дома, меѓутоа, ѝ рекле дека ќе биде убиена поради она што го направила во Јужна Кореја. На крај, сепак, одлучила да се врати кај родителите.

Нешто слично доживеал и Ким Ман-бок, кој се вратил дома пред две години. Вели дека телевизиските емисии против Северна Кореја се исполнети со лаги од почеток до крај. Веднаш по појавувањето на Јеон Хје-сунг во Северна Кореја, во Сеул започнале истраги за нејзиното заминување.

Постојат неколку теорија. Според една теорија, таа била киднапирана од севернокорејската тајна полиција, додека на границата меѓу Кина и Северна Кореја се обидувала да им помогне на членовите на нејзиното семејство да побегнат од Северна Кореја.

Ова не е прв ваков случај: севернокорејските агенти кружат на кинеската страна на границата во потрага по дезертери. Кога ќе ги пронајдат, сосила ги враќаат.

Друга теорија вели дека таа била севернокорејски шпион и имала задача да утврди што се случува меѓу бегалците што одат во Јужна Кореја.

Животот на севернокорејските бегалци кои бегаат во Јужна Кореја не е лесен. Од една страна, постои одреден степен на дискриминација, а севернокорејското општество значително се разликува од јужнокорејското, кое го зафатија глобализација, демократизација и голем економски развој.

Сокеел Парк, директор за истражување и стратегија за слобода во Северна Кореја, меѓународна невладина организација која работи со севернокорејските бегалци, во еден извештај предупредува дека севернокорејските бегалци често се борат со недостиг на образование и вештини потребни за вработување, се соочуваат со сиромаштија, јазични бариери, социјална анксиозност, посттрауматски стрес, депресија, мисли за самоубиство, поради што често пати навлегуваат во криминални активности и злоупотреба на дрога.

Кога севернокорејските бегалци ќе пристигнат во Јужна Кореја, тие веднаш се префрлаат во програми за обука во специјални кампови. Но многу од нив се жалат дека на југ се третирани како граѓани од втора класа. Затоа постојат случаи бегалците често пати да се враќаат дома. Ким Јонг-ун започнал кампања за враќање на бегалците дома, ветувајќи им пари, станови, вработување. Им се нудат безбедност за семејствата, награди, настапи на телевизија и слично.

Само во 2013 година на севернокорејската телевизија биле емитувани 13 емисии во кои бегалците се жалат на лошите животни услови на југ. Од 1998 до 2016 година во Јужна Кореја побегнале 30.212 луѓе од Северна Кореја. Најчесто бегаат преку границата во провинцијата Јилин и Лиаонинг во североисточниот дел на Кина, па оттаму се пренесувани во трети земји. Бидејќи Кина не сака да ги влоши односите со Северна Кореја, одбива да им додели статус на бегалци, па ги третира како нелегални економски мигранти.

Затоа се враќаат дома, каде што потоа се изложени на страшни испитувања, тортура, затвор или смртна казна. Жените најчесто бегаат поради економски причини, а мажите поради политички или идеолошки притисок.

Дури 70 отсто од жените од Северна Кореја до 2009 година биле жртви на трговија со луѓе. Криминалците често ги продавале на постари мажи или на бордели каде што работеле како сексуални робови. Денес ситуацијата е нешто подобра, но и понатаму многу бегалци се присилени да работат како проститутки за да преживеат.

Севернокорејските бегалци имаат сериозни психички и ментални проблеми поради навикнување на сосема поинаков начин на живот и работа. Многу од нив не се во можност целосно да ги сфатат новата култура, правилата и начинот на живот во Северна Кореја.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот