X
 22.11.2020 Политика

Бизарни работи што постојат само во Северна Кореја

Северна Кореја е најуникатната земја во светот. Додека другите земји стануваат сè поповрзани, Северна Кореја сè повеќе се изолира, а тоа доведува до практикување уникатни активности од страна на граѓаните.

Казнување на целото семејство

Експертите за човекови права известуваат дека граѓаните на Северна Кореја немаат право на слобода. И други земји ги казнуваат граѓаните што зборуваат против државата, но во Северна Кореја има правило за казнување на три генерации. Според Би-би-си, доколку сте осомничени за политичко злосторство, ќе бидете испратени во работнички логор во кој затворениците се изгладнувани, тепани, измачувани и сексуално малтретирани.

Но, нема да биде затворен само осомничениот, туку може да бидат затворени негови роднини и потомци до три генерации. Така, може да завршите во логор доколку вашиот дедо бил осомничен за политичко злосторство.

Систем за касти врз основа на лојалност

Генерално, родителите може да ја предвидат иднината на своите деца во Северна Кореја, а тоа е така бидејќи сите се класифицирани според системот на касти врз основа на лојалноста на државата. Системот почнал да се почитува во 1957 година, но ја зема предвид семејната лојалност на државата од 1910 г.

Припадниците на највисоките нивоа добиваат многу храна, дозвола за живот во Пјонгјанг и добра работа како државни службеници. Оние во пониските нивоа може да бидат присилени да се преселат во мало село и да станат земјоделци. Само припадниците на високите класи може да студираат.


Фото: Pixabay

Село во кое не живее никој

Северна Кореја и Јужна Кореја се разделени со тенка тампон-зона. Јужна Кореја изгради село на својата страна со цел да им покаже на оние од другата страна на границата колку убаво би живееле доколку избегаат. Сите 226 жители што живеат таму плаќаат помал данок, добиваат бесплатна земја за обработка, не мора да служат во армијата и имаат големи приходи.

Северна Кореја изградила пропаганден град наречен „Село на мирот“ во случај некој од Јужна Кореја да сака да избега таму. Меѓутоа, ова село е празно, иако државата вели дека има 200 жители.

Убави жени за контрола на сообраќајот

Во Пјонгјанг се одбираат само млади и привлечни жени за контрола на сообраќајот. Во главниот град работат околу 50 жени и претставуваат национален симбол. Се вели дека тие се добро платени и добиваат повеќе храна од просечните граѓани, како и бесплатно сместување и здравствено осигурување.


Фото: Pixabay

Специјален интернет

Северна Кореја строго го контролира пристапот до информации на своите граѓани. Потребна е дозвола да се поседува компјутер и секој треба да се регистрира во полиција. Интернетот во Северна Кореја е посебен и не е како оној што го користиме сите. Корисниците може да имаат пристап до помалку од 30 веб-страници, од кои повеќето се за државата. Малку луѓе имаат пристап до глобалниот интернет.

Модна полиција

Северна Кореја го контролира и изгледот на своите граѓани. Се вели дека постои модна полиција која ја проверува облеката на граѓаните, за која има строги правила. Забранети се сини фармерки, бојадисување на косата и видлива шминка за мажените жени. Оние што не ги почитуваат правилата може да бидат тепани или соблечени на улица.

Метамфетамин како новогодишен подарок

Во 90-тите години во земјата се произведувал метамфетамин, а сега иако не се произведува, има голема побарувачка. Многу луѓе што порано работеле во фабриките за метамфетамин сега имаат приватна лабораторија во својот дом и заработуваат од продажба на дрогата. На неа се гледа како на луксуз и е популарен подарок за новогодишните празници, особено помеѓу младите.

Сопствен календар

Државата има сопствен календар кој почнува со датумот на кој се родил основачот Ким-Ил-сунг, односно 15 април 1912.

Автор. Кети Бенџамин
Извор: grunge.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Политика