X
 04.08.2017 Образование

Дамјан Кочов со посебни почести магистрира на една од најдобрите светски бизнис-школи: Американското образование има многу пракса, а не се толерира неактивност на студентот

На крајот од студиите секој тим имаше веќе развиен бизнис, со спремен бизнис-план, маркетинг-план, операциски план, правна стратегија за заштита на интелектуалните права на технологијата, како и стратегија за финансирање. Класот кој заврши во 2016 година во моментов има вкупно 6 компании и денеска секоја од нив има вредност од повеќе од 10 милиони долари – објаснува Кочов за магистерските студии во Америка



Скопјанецот Дамјан Кочов минатиот месец магистрира на една од најдобрите бизнис-школи во светот - McCombs School of Business, дел од Универзитетот на Тексас во Остин, каде што се применува ново поле на изучување кое ги спојува технологијата, иновациите и бизнисот. Дамјан магистрирал со најголеми почести и за својот висок просек добил посебно признание кое го доделува ректорот, а го добиваат од пет до десет студенти од целата генерација. Оваа американска бизнис-школа е една од најдобро рангираните, па е на 18. место според Eduniversal, 14. според Форбс, 17. според Bloomberg, додека Универзитетот е рангиран на 32. место во светот http://cwur.org/2016.php. Со Кочов разговаравме и за разликите во однос на американското и македонското високо образование, како и за неговото искуство од школувањето во Остин.

- МСТЦ претставува елитна МБА-диплома која ги подготвува кандидатите за успешно водење на технолошка стартап-компанија или пак за успешно водење на нов производ во веќе етаблирана голема компанија. Додека класичната МБА-диплома се фокусира на менаџирање со парите, МСТЦ-програмата се фокусира на креирање вредност и средства и успешно лансирање на новиот бизнис. Кандидатите учат како да идентификуваат и евалуираат нови технологии и бизнис-идеи, да дефинираат пазари за тие технологии/бизнис-идеи, да креираат пазарни стратегии, да креираат бизнис и операционен план и да креираат и менаџираат тимови, како и да менаџираат интелектуална сопственост. Накратко, програмата го спрема кандидатот успешно да го води процесот, од идеја до производ - услуга, спремен за пазарот.

Програмата, покрај предавањата од McCombs School of Business, содржи и предмети што се предавани од Cockrell School of Engineering (која е рангирана како 4. во светот инженерска школа според Шангајската листа) и Тhe University of Texas Law School –објаснува Кочов.

Инаку, се работи за ново поле на изучување во бизнис-школите низ светот, кое ги спојува технологијата иновациите и бизнисот затоа што во денешниот бизнис-свет, технологијата и иновациите се неизбежен составен дел од секој бизнис. Кочов објаснува дека оваа програма во сите бизнис-школи носи различно име (пример MS/MBA Harvard кои ја лансирале нивната програма оваа година, MBA Entrepreneurship & Innovation Track во MIT, MSc Innovation, Entrepreneurship & Management во Imperial College London итн.).

Магистрирал со највисок просек

Кочов магистрирал со особена почит, односно признанието Dean’s Award for academic Excellence. Ова признание го добиваат студентите што ги завршиле студиите навреме со просек повисок од 3,8 (од можни 4,00). Вообичаено ова признание го добиваат најдобрите 5 до 10 студенти од целата генерација. Но, со неговиот тим е добитник и на награда на најголемиот натпревар за стартап-компании во Тексас- Texsas Venture Labs. Тие победиле и ја освоиле Clean Technology Award by Wells Fargo.

За разликата меѓу студиите во Македонија и во Америка, вели дека главно е кај два аспекти, практичната настава и строгоста.

- Практичната настава претставуваше круцијален сегмент од целокупната настава. На првиот час целата генерација беше поделена во тимови од по пет-шест студенти, кои добија задача да си одберат иновација, нова технологија, од која било канцеларија за иновации од  кој било универзитет во светот, за која ќе основаат вистинска компанија и ќе применуваат сè што се учи за време на часовите. Во текот на трите семестри, покрај стандардните домашни, проекти, студентите беа обврзани да приложат краток извештај околу тоа како ги примениле работите што ги научиле таа недела во својата компанија. Па така, на крајот од студиите секој тим имаше веќе развиен бизнис, со спремен бизнис-план, маркетинг-план, операциски план, правна стратегија за заштита на интелектуалните права на технологијата, како и стратегија за финансирање. Класот кој заврши во 2016 година во моментов има вкупно 6 компании и денеска секоја од нив има вредност од повеќе од 10 милиони долари (за мојот клас од 2017 ќе видиме, уште е рано) – вели Кочов.



Но, вели дека американското образование се разликува по строгоста. Секој студент мора да ги почитува правилата на игра, навремено доставување домашни, присутност на предавања, кодекс на однесување во и надвор од училницата.

- На пример, со три пропуштени предавања, студентот автоматски го паѓа испитот (за секое пропуштено предавање добива домашно, да напише есеј околу темата што се обработувала на предавањето). Доколку студентот не донесе 20 отсто од домашните и не е активен на часовите, тој автоматски е паднат затоа што ќе добие оценка пониска од Ц, а ставот на професорите е дека студент кој има добиено оценка под Ц нема знаење кое одговара на угледот на школата. Книгите се тие, случаите се тие, дури се случи една студија на случај да ја знам од додипломските студии на Машински. Достапни им се на сите во целиот свет, единствено што се разликува е далеку посериозниот пристап кон целите студии и од страна на професорите и од страна на студентите,  кои се дојдени навистина да научат нешто, а не само да земат диплома – вели Кочов.

Машинскиот факултет во Скопје го подготвил за Америка

Тој дипломирал на Машинскиот факултет во Скопје, на програмата Индустриско инженерство и менаџмент, а магистерските студии во моментот му се во мирување поради студиите во Америка.

- Сакам да ги пофалам сите професори што се дел од таа програма затоа што иако постојано се слушаат лоши коментари за квалитетот на образованието во Македонија, без подлогата што ја стекнав како студент на ИИМ верувам дека немаше да ги завршам студиите во Америка со истиот успех.

Еден од најважните аспекти во однос на студирањето во Америка е и работната пракса. Во текот на целите студии работел како консултант во Global Commercialization Group, консултантска фирма која е основана од самиот универзитет како тело на ИЦ2 Институтот. Таа служи како консултант на светски влади во полето на технолошкиот развој и развојот на претприемништвото.

- Како дел од ГЦГ, работев на консултантскиот проект за владата на Јужна Кореја. Истражував во делот на идентификување нови технологии во Јужна Кореја, за кои подоцна, откако ќе беа избрани, креиравме комплетна стратегија за влез на американскиот пазар. Работата во ГЦГ за мене беше непроценливо искуство, можеби дури и повеќе од самите студии, работно искуство на кое освен со практичното знаење се стекнав и со многу контакти, како на пример со директорот на НАСА за нови технологии, кој често доаѓаше во посета на компанијата за да види дали некоја од тие нови технологии одговара на потребите на НАСА. Покрај ова работно место, работев и на научноистражувачки проект со двајца од професорите, со кој преку анализа на повеќе од 300 М&А договори, работевме на систем за процена на инвестициите, и успешно со точност од 100 проценти предвидовме инвестиции во вредност од 430 милиони долари – вели Кочов.

Тој се враќа во Македонија и планира знаењето што го стекнал во Америка да го искористи кај македонските стартап технолошки компании.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева

Издвојуваме

Образование