X
 07.08.2017 Образование

Интервју со Лидија Георгиева, дизајнерка и професорка: „Програмата на ТМФ е комплетна, нуди и креативно и инженерско образование“

Институтот за текстилно инженерство при Технолошко-металуршкиот факултет од Скопје, уште од 1969 година образова додипломци и постдипломци за работа во текстилната и конфекциската индустрија. Образованието на текстилните инженери опфаќа примена на научните и инженерските принципи при проектирањето и контролата на сите аспекти на процесите, продуктите и машините од областа на влакна, текстил и конфекција.



Професорката Лидија Георгиева, која е и наша позната дизајнерка, вели дека предноста на програмата на ТМФ е фактот што таа е комплетна, нуди и креативно и инженерско образование.

- Имаме седум креативни предмети кои овозможуваат студентот да спознае дел од потребните вештини за да стане дизајнер, но во исто време студентите ги изучуваат и инженерските предмети од текстилната технологија, за оние што повеќе ги интересира тој аспект на модната индустрија – вели Георгиева во интервјуто за Факултети мк.

Од 2012 година сте вонреден професор на Технолошко-металуршкиот факултет. Може ли да се сетите како се чувствувавте кога првпат застанавте на професорската катедра и ги погледнавте студентите?

- Мојата професионална активност е постојано поврзана со календарските случувања во модата и дизајнот генерално, така што не можам да кажам дека се чувствував како на класична катедра. Имав пред себе млади луѓе, на кои сметав дека е време да им пренесам дел од магијата. Работејќи 21 година во луксузните куќи и во студијата за висока мода во Париз, а воедно и развивајќи го сопствениот бренд, имав привилегија да ја почувствувам истата и да живеам во тој универзум. Забележав дека кога зборувам, го имам целосното внимание на студентите, реакциите се емотивни, ги следам, со текот на времето развив свои методи, често поставувам прашања, инсистирам на дијалог, часовите се доста активни.

Врската професор-студент може да биде навистина посебна. Особено кога станува збор за наука која се базира на креативноста, индивидуалниот израз и секако талентот. Каква професорка се стремите да бидете?

- Како да создадеш дизајнер? Одговорноста е голема, секогаш гледам да го развијам тоа што е интересно како индивидуален потенцијал. Еден цртеж честопати кажува многу повеќе од зборовите, а доколку почувствувам блокада, се обидувам да го детектирам проблемот, тој може да дојде од кои било причини. Во мојата работа потребни се емпатија и интуиција, поврзани со големо искуство во модната индустрија и многу труд. Се обидувам да навлезам во посебноста на студентот, заедно со талентот и амбициите. Потоа го водам низ патеката на истражување, себеоткривање, фасцинација, страст, занает - зависи од тоа што е интересно да се истакне. Мојата одредница е дека сите треба да имаат апсолутно исти шанси во старт и се обидувам да им посветам еднакво внимание.

Предавате на Институтот за текстилно инженерство, односно неколку предмети за моден дизајн. Што конкретно им се нуди на студентите на оваа насока, има ли добри услови за практична настава и какви амбиции и знаења треба да имаат матурантите што сакаат да студираат тука?

- Имаме одлични услови за работа, јас постојано добивам понуди за учество на студентите на разни манифестации, а потоа заедно решаваме дали и како ќе се експонираме. За нив секое искуство е драгоцено бидејќи им овозможува да почувствуваат дел од тоа што ги очекува кога ќе дипломираат. Особено внимавам, покрај предавањата и вежбите, да сме присутни и надвор од факултетот. Досега сме учествувале со ревија во хотелот „Мериот“, а потоа и со изложба во салонот на „Порше“, сето тоа во рамките на Скопскиот моден викенд. Имавме учество и на Скопската недела на дизајн во просториите на Јавна соба, со производи кои произлегоа од воркшоп спонзориран од холандската амбасада. По завршната ревија во јуни годинава, во партнерство со Францускиот институт, им доделивме награди на нашите три најдобри студентки – патување и престој во Париз, во времетраење на Модната недела. Сите останати активности може да се видат на нашата страница на Фејсбук –Моден дизајн на ТМФ.





 Задоволни ли сте какви генерации имате, дали секоја е различна, што Ве инспирира, што Ве изненадува кај нив?

- Генерациите се различни бидејќи работиме и посебно и во група. Секогаш е задоволство да се работи со тие што имаат амбиција, но исто така и да се поттикне талентот и кај тие што можеби не се толку самоуверени, а сепак имаат интересни идеи. Изненадувањата се секојдневни, доволно е да се посвети внимание, трпеливо да се објаснат нештата доколку се комплицирани или нејасни, а потоа следува одговор, дело, реакција, кои се секогаш прекрасни. Тоа е голема сатисфакција и мотивација за мене.



Она што практично го работите со Вашите студенти може да се види на ревиите на кои редовно ја претставувате нивната работа. Какво значење за Вас, а и за самите студенти имаат овие ревии?

- Секоја година нашите студенти ја презентираат својата работа, во рамките на ревијата која се одржува во просториите на факултетот. Работат по зададена, заедничка тема, на пример, годинава темата беше „Метаморфоза“. Стимулацијата за нив е огромна, секогаш се особено возбудени, а во последните денови пред ревијата сите живееме со идејата да направиме солиден спектакл. Студентите остануваат во студиото и до доцна во ноќта и за викенд, имаме добри машини и пријатен простор за работа.

Што би им порачале на матурантите што стојат пред одлуката каде да го продолжат своето образование, зошто треба да го изберат ТМФ?

- Кога се работи за матуранти кои чувствуваат привлечност кон креативни индустрии, дилемата е секогаш иста – дали ќе можам да живеам од мојот талент или е подобро да одберам нешто сигурно? Ние го овозможуваме одговорот на двете прашања.
Предноста на програмата на ТМФ е фактот што таа е комплетна, нуди и креативно и техничко образование. Имаме 7 креативни предмети кои овозможуваат студентот да спознае дел од потребните вештини за да стане дизајнер, но во исто време студентите ги изучуваат и инженерските предмети од текстилната технологија, за оние што повеќе ги интересира тој аспект на модната индустрија. На тој начин студентот се стекнува со диплома инженер, а во исто време ги познава двата аспекти од модната индустрија, па полесно може да се ориентира професионално и да знае што сака.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование