X
 08.08.2017 Образование

Разговор со Ангела Ангелеска, доктор по математика и почитуван професор на Универзитетот на Тампа во Флорида

Со проучување и разбирање на „математиката“ и процесите што се одвиваат на молекуларно ниво би можеле да научиме како природата смета и како сметала милијарди години, а истовремено и ние да ги примениме природните „паметни“ сметачки вештини.



Академската средина во САД е достојно место за работа. Како и секој вид институција или дејност, така и тука се јавуваат проблеми, кризи или, пак, неправилности и недоразбирања, но генерално гледано, а и споредено со други корпорации и бизниси, академијата е сè уште носител на поголема слобода и хуманост во работата. Можеби финансискиот доход на универзитетските кадри е помал споредено со еквивалентни кадри што работат во корпорации, но бенефициите (во поглед на здравствена и социјална грижа и флексибилност на работно време) се значително поголеми – вели Ангела Ангелеска, доктор по математика и почитуван професор на Универзитетот на Тампа, Флорида. Дипломирала во 2002 година на Природно-математичкиот факултет во Скопје, а во последните десетина години е посветена на применетата математика во биологијата.

- Мојата одлука да продолжам со образованието беше јасна и донесена уште пред дипломирањето, но конкретно, идејата да се запишам на постдипломски студии по математика во САД беше по препорака на мојот професор д-р Дончо Димоски, професор по математика на ПМФ. Веднаш по дипломирањето добив стипендија од DAAD (Deutscher Academischer Austauschdienst), германски сервис за академска размена, што ми овозможи едносеместрален престој и работа на Природно-математичкиот факултет во Нови Сад на Институтот за математика и информатика. Соработката со професорите и постдипломците во Нови Сад ја потврди и ја зацврсти мојата одлука за продолжување на образованието, а истовремено ги искристализира моите конкретни интереси за работа во областа на дискретната математика и останати области со применет карактер. Во тоа време на Универзитетот на Јужна Флорида (USF) имаше група професори што се активни и денес и успешно ги истражуваат овие области од математиката, што за мене се многу интересни и возбудливи. Сето тоа ми помогна во мојата потрага за постдипломско образование да го изберам Универзитетот на Јужна Флорида. Таму добив и стипендија за докторски студии и докторирав во 2009 година, под менторство на д-р Јоноска и д-р Саито. Во текот на студиите работев како асистент.



Факултети.мк: Специјализиравте применета математика во биологијата. Да им доближиме на нашите читатели што е тоа поточно, односно на што сте Вие фокусирани најмногу?

-Мојата истражувачка дејност е заснована на математика, но во суштина е интердисциплинарна, и покрај математика, вклучува и молекуларна биологија и информатика. Фокусирана сум на проучување на природата како сметачка машина на молекуларно ниво. Човекот, како систем, смета, организира, проценува и обработува информации користејќи основни математички операции, како броење, мерење, собирање, одземање, множење, делење итн. Клетката, како систем, односно ДНК-молекулите во неа, исто така, извршуваат мошне сложени функции и тоа многу успешно, релативно прецизно и со масовна обработка на информации, но притоа користејќи поинакви операции, како на пример, сечење, лепење, бришење, вметнување, реструктурирање, преуредување, правилно позиционирање на молекуларните блокови итн. Со проучување и разбирање на „математиката“ и процесите што се одвиваат на молекуларно ниво, би можеле да научиме како природата смета и како сметала милијарди години, а истовремено и ние да ги примениме природните „паметни“ сметачки вештини. Како модел-организам во моето истражување се користат цилијати (ciliates), кои се едноклеточни организми кај кои овие молекуларни операции се особено изразени. Користејќи математички поими и алатки од областа на теоријата на графови и теоријата на јазли, работев на дизајн на математички модели кои имаат цел да ги претстават и објаснат овие процеси на рекомбинација на ДНК. Од друга страна, со брзиот напредок на биотехнологијата се развија голем број технологии за генетичка манипулација, вклучувајќи и целосно секвенционирање на човечкиот геном и негово користење во многубројни научни и медицински истражувања. Во процесот на реконструкција и составување на геномите се наидува на сложени компјутациони проблеми за кои се неопходни ефективни алгоритми за нивно составување. Овие проблеми може да се апстрахираат во форма на математички проблеми за реконструкција на низи кои се предмет на проучување во областа на формални јазици или, пак, комбинаторика на зборови. Дел од моето истражување е посветено токму на овие математички проблеми со цел резултатите да се применат во развојот на ефективни методи и алгоритми за составување геноми (Genome Assembly).

Факултети.мк: Универзитетот на Тампа е Ваша матична институција. Колкав период им пренесувате знаење на американските студенти?

-По завршувањето на докторските студии се вработив како професор по математика на Универзитетот на Тампа (UT) каде што работам како редовен професор веќе осум години. Моето седиште се наоѓа во Институтот за математика каде што предавам предмети од областа на математика за студенти од математичките отсеци (предметите: дискретна математика, апстрактна алгебра, диференцијални равенки итн.) и за студенти од други отсеци, како на пример, биологија, хемија, физика, економија, финансии (предметите: бизнис-математика, математика за природни науки, како и повеќе степени на калкулус).


Во математичкиот клуб на факултетот

Покрај мојата работа на Универзитетот на Тампа и Универзитетот на Јужна Флорида, имав можност да работам како истражувач и во други институции, меѓу кои Универзитетот „Принстон“ во САД, каде што во 2010 година работев на истражувања во Одделот за екологија и еволутивна биологија и Макс Планк институтот за молекуларна физиологија во Голм, Потсдам, Германија, каде што во два наврати (во 2014 и 2016 година) престојував и работев со Групата за математичко моделирање и биологија на системи.

Факултети.мк: Вашата работа е наградувана со признанија од Универзитетот на Тампа. Колку во САД се внимава на универзитетскиот кадар, односно сметате ли дека имате достојно место и почит прво во институцијата кај што работите, а потоа и пошироко во општеството?

-Сметам дека академската средина во САД е достојно место за работа. Како и секој вид институција или дејност, така и тука се јавуваат проблеми, кризи или, пак, неправилности и недоразбирања, но генерално гледано, а и споредено со други корпорации и бизниси, академијата е сè уште носител на поголема слобода и хуманост во работата. Можеби финансискиот доход на универзитетските кадри е помал споредено со еквивалентни кадри што работат во корпорации, но бенефициите (во поглед на здравствена и социјална грижа и флексибилност на работно време) се значително поголеми. Во САД не се практикува докторанд да остане на работното место во образовната институција во која докторирал. Се верува дека тие не би можеле добро да напредуваат во кариерата ако предолго се задржат во истата интелектуална средина, а истовремено, ваквата пракса го спречува непотизмот.

Повеќето професорски позиции во САД ги подразбираат следниве обврски и дејности:

-Предавање одреден број часови, кој може да варира во зависност од типот на универзитетот или колеџот (државен, приватен, универзитет за додипломски студии, универзитет кој нуди постдипломски студии итн.);

-Истражувачка дејност, што подразбира учество на конференции, публикација на трудови и книги, рецензии, професионален развој.

-Сервис за универзитетот и студентите, како на пример, учество во различни интерни комисии, работа со студенти надвор од училница на најразлични академски или забавни активности, академско советување и слично.

Работата на секој професор, заснована на горенаведените категории, се евалуира од страна на раководителот на институт и деканот (најчесто на годишно ниво), и како составен дел во неа влегува и оцената за професорот од страна на студентите. За возврат, универзитетот (најчесто) се обврзува да обезбеди соодветни средства и програми за советување и развој кои го потпомагаат, мотивираат и насочуваат професорот кон правилно и успешно извршување на овие дејности.

Факултети.мк: Членка сте на Асоцијацијата на жени во математиката, активна сте во многу математичарски асоцијации и здружувања. Има ли жената математичарка подредена улога во САД, а и во светот, според Вашите сознанија?

-Во овој контекст би ги навела следниве податоци: во 2014 година Маријам Мирзакани беше првата жена добитник на наградата Fields Medal (награда од рангот на Нобелова награда за заслуги во математика). Овој медал се доделува на секои 4 години почнувајќи од 1936 година и досега им бил доделен на 55 математичари.

Иако процентот на жени што докторираат во САД има тенденција на раст, во последните неколку години е приближно 30%, од кои помал дел се занимаваат со академска или научна дејност по докторирањето. Верувам дека овој процент е значително помал на светско ниво.


На изложба Da Vinci machines

Главно, мислам дека жените што се етаблирани математичари или академски професори не се обесправени на работното место, ниту се подредени во моментот кога веќе ја изградиле својата кариера. Проблемот е во патот до такво работно место или позиција. Сметам дека стереотипите од типот „девојчињата не се природно надарени за математика“ и верувањата за некои предодредени улоги на жената во општеството, во комбинација со воспитувањето и очекувањата од социјалното опкружување, можат да претставуваат сопирачка во развојот и напредокот на жената научник. Меѓутоа, искрено очекувам дека со правилна мотивација, стратешки избрани програми и методи за презентација на математиката, и пред сè, добар пример, тоа би се променило во иднина.

Генерално, математиката не е многу популарна и атрактивна област меѓу децата, студентите, како и возрасните, без разлика на полот. Честопати се смета за нешто претешко, досадно, а истовремено бескорисно. Мотивацијата за учење и разбирање на математиката е генерален предизвик во светски рамки.

Факултети.мк: Имате ли соработка со наши факултети? Ве поканиле ли некогаш да одржите предавање?

- Имам одржано неколку предавања во Македонија, меѓу кои на Институтот за математика на ПМФ, Факултетот за информатички науки „Апостол Павле“ во Охрид, TechPub Охрид, а исто така учествував на конференцијата Loops ’15 организирана од ФИНКИ.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Образование