X
 11.08.2017 Живот

Се оствари сонот на Фарук од Босна, во живо навиваше за „Манчестер јунајтед“

Со полно срце си заминаа од Скопје дваесет и двегодишниот Фарук Казиќ од Горажде, Босна и Херцеговина, и неговото семејство. Тој без никаков проблем навиваше од трибините на стадионот „Филип Втори“, иако е врзан за инвалидска количка зашто боледува од церебрална парализа. За семејството да биде дел од фудбалскиот спектакл, помогнаа и Љупка Осман и нејзината пријателка Адиса, кои им се понудиле за домаќини откако виделе дека семејството бара каде да престојува на страницата „Бесплатно сместување“ на „Фејсбук“. Натпреварот меѓу „Манчестер јунајтед“ и „Реал Мадрид“, вели Муарема Казиќ, мајката на Фарук, го оценуваат како фантастичен, организацијата одлична, а луѓето овде прекрасни.



- Сонот на Фарук е исполнет, го гледаше својот тим. А, толку убаво се дружевме, што насмевката не му се тргаше од лицето - вели Муарема.

Тоа што момчето е во инвалидска количка, раскажува таа, никогаш не им било пречка да живеат живот со полни гради, во цел здив.

- Фарук е второроден близнак. Со години е страстен фан на „Манчестер јунајтед“. Аплициравме на страницата на УЕФА за билети за Суперкупот и добивме и за натпреварот и за паркинг. Сместувањето го најдовме преку групата на „Фејсбук“, која им помага на семејствата со деца со тешкотии да најдат сместување за одмор - раскажува Муарема.



Престојот во Скопје пред натпреварот, семејството заедно со Љупка и Адиса го искористиле за да посетат, како што велат, сè што може да се види.
- Како цел живот да бевме заедно со нашите домаќини. Тоа што го доживеавме не може да се опише со зборови. Атмосферата во градот беше прекрасна. Како да бевме во некој друг, весел свет - вели Муарема.



Фарук бил на натпреварот со својот татко.

- Малку се плашев како ќе помине сè, кој ќе им помогне зашто метежот беше огромен. Но, уште кога се паркираа дојдоа две момчиња кои им помогнаа да ја извадат количката од автомобил и да се сместат, а полицаец им помогна на влезот. Но, велат, и без него, сите правеле место за поминување. Внатре на стадионот ги дочекала девојка која ги однела на местото за седење, а таа одвреме-навреме и поминувала за да провери дали им треба нешто - раскажува Муарема. За луѓето во Македонија велат дека се прекрасни, насмеани и пресретливи.

- Се оствари сонот на Фарук, тој е презадоволен и од местото за седење од каде што сè можел да види, оти уживал слушајќи ги и навивачите наоколу. Многумина никогаш во живо нема да го гледаат својот омилен клуб, а ние успеавме во тоа. Мислам дека уште не сме свесни што ни се случи. А нашето семејство се прошири за уште неколку луѓе - додава Муарема.

Љупка вели дека со Адиса воопшто не размислувале кога прочитале дека семејство бара сместување по пристојна цена, со тоа што услов е да има приспособен приод зашто синот е во инвалидска количка.

- Веднаш пишавме и понудивме бесплатно сместување. Наредниот ден ни одговорија дека прифаќаат. Им понудиле сместување и во Центар, но ја прифатиле нашата понуда иако е подалеку, меѓу другото, и затоа што први сме пишале. И така почна сè - раскажува таа.



За семејството, кое поради состојбата на детето и онака има големи трошоци, најмалку што можеле да направат е да ги отворат и вратите и срцата и да бидат добри домаќини.

- Се трудевме сè да му овозможиме на Фарук, на неговиот брат и на целото семејство. Фарук е прекрасен, неуморен. Сакаше да го види градот и, како што кажа, Скопје да го види него... И, ете така, ние со задоволство ги одложивме обврските и уживаме со гостите. Семејството е прекрасно. Се дружевме како да се знаеме цел живот - вели Љупка.

И освен што стекнале нови пријатели, додава дека научиле дека сè може кога се сака.

- Силата, радоста, среќата и позитивноста на Фарук се вредноста со која тој ни се оддолжи, и тоа со секоја секунда помината со него.
Подготвил: Н.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот