X
 06.11.2017 Култура

Проф. д-р Панче Велков: Додека го ресоздававме културното наследство, ни пропаѓаа средновековните цркви

Што треба итно да се направи во заштитата на културното наследство? Со д-р Велков отвораме повеќе прашања поврзани за состојбата на спомениците на културата во земјава


Проф. д-р Панче Велков пред живописот во црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново

Mногу значајни споменици, средновековни цркви, тонеа во заборав и негрижа, напросто пропаѓаа. Во последните години во Македoнијa повеќе се занимавaвме со рекреирање на културното наследство отколку да се грижиме за постојното, вели проф. д-р Панче Велков, дипломиран градежен инженер, визитинг-професор по стандарди за заштита на културното наследство при Академијата на Институтот за ликовни уметности од Чикаго. Тој е основач на невладината организација „Македонида“, основана во 1998 година како граѓанскo здружение чија цел е промоција и заштита на културното наследство. Во организацијата членуваат, пред сè, историчари на уметност, но и стручњаци – заштитари, инженери, архитекти и уметници и фреско-конзерватори.
Со Велков начнуваме прашања поврзани за состојбата на културното наследство во земјава, особено поради најавите на Владата дека во секој сфера ќе бидат вклучени невладините организации и граѓанскиот сектор.

Кој ги подготвува стратегиите?

Сепак, вели тој, неодамна почнаа да се реализираат значајни проекти кои по долги перипетии завршиле успешно - конзервацијата на црквата „Св. Богородица Перивлепта“ во Охрид или, пак, на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, Преспа, проект кој е во тек. Тука е вклучена голема екипа на стручњаци под раководство на Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј во Битола. - Нашата организација се грижи овој проект да добие меѓународен визибилитет. Вклучивме германски студенти од Универзитетот од Гетинген, кои направија извонредна фотодокументација на црквата без иконостас, вклучивме француски архитект за идеи за уредување на просторот околу црквата итн. Неопходна е стратегија за заштита на сите споменици на културата, од една страна, како и листа со приоритети за интервенција – смета Велков.

Проф. д-р Панче Велков

На прашањето колку тие како експерти од невладиниот сектор се консултирани за стратегијата за култура, како долгорочен документ кој ќе го подготвува Министерството за култура откако ќе завршат јавните расправи, Велков вели дека овој сегмент претставува голем проблем.
- Во предлог-стратегијата за развој на културата за наредниот период најупотребувани термини се: Европа, европски, невладина организација, транспарентност. За жал, досега никој од Министерството за култура не се консултирал со нас, иако сме се обиделе да контактираме со нив неколку пати. Токму наредната година е година на европското културно наследство со кампањата EYCH2018 во ЕУ, а нашата организација има привилегиран пристап кон овие проекти и активности бидејќи „Македонида“ е член на повеќе невладини мрежни организации што се активни на европско ниво. Единствени сме и тоа не само од Македонија, туку и од целиот регион... Особено е голем проблемот со транспарентност. Ние сè уште не знаеме кој ги пишува овие стратегии од Министерството. Засега се појавуваат фронтмени кои ги претставуваат овие предлози, ама кој е авторот – прашува Велков.

Неопходна е класификација на спомениците 

Во изминатите години се донесоа многу измени на Законот за заштита на културното наследство, кој стапи во сила во 2004 година. На прашањето која од овие измени донесе најголеми придобивки, а која - најголема штета, Велков вели дека е тешко да се одговори.
- Каква смисла има Управата за заштита на културното наследство во една, сепак, мала земја?! Од друга страна, системот за заштита е организиран како во југословенско време – централен завод и регионални заводи со нејасни ингеренции за важните споменици, во територијална смисла. Има голема неусогласеност. Од една страна, со радикална интервенција и создавање на Управата за заштита, а, од друга страна, регионалните заводи за заштита останаа да функционираат како и порано. Потребни ни се коренити промени – вели Велков.
Тој ја гледа улогата на „Македонида“ пред сè во меѓународната соработка.

Живописот во „Св. Ѓорѓи“, Курбиново

- Сите проекти на „Македонида“ се интернационални. На меѓународната сцена имаме цела мрежа на контакти, соработки и искуство во областа на едукацијата, менаџментот и презентацијата на различните аспекти на нашето културно наследство. Тоа што ни недостига е доверба од владините институции. Владините организации треба да се отворат кон невладиниот сектор и кон професионалците од земјата и од странство – категоричен е Велков.
На прашањето што прво треба да се стори на полето на заштитата, Велков вели дека итно треба да се идентификуваат проблемите на терен и да се реагира. Една од нив е црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во манастирот Трескавец, Прилепско. Тој предлага да се направи современа категоризација на споменичното наследство со тоа што ќе бидат опфатени сите споменици на културата, археолошките локалитети, црквите и спомениците од модерната епоха.

Олтарниот простор во „Св. Ѓорѓи“, Курбиново

- Не треба да се прави дистинкција дали е државна или приватна сопственоста на споменикот. Потребна ни е генерална, универзална категоризација на државно ниво, а потоа и на локално. Оваа класификација не треба да биде предмет на политички договарања, рамковен договор и така натаму. Таа треба да ги постави спомениците на културата на своето вистинско место во државата, врз основа на нивните културни вредности, пред сè уметнички и историски. Не може црквата „Св. Софија“ во Охрид да не биде на врвот на класификацијата како споменик од извонредно значење само затоа што не ѝ припаѓа на државата! За ова треба да се задолжи екипа на стручњаци која ќе ги валоризира најзначајните споменици. Тоа е процес, но мора да почне. Сепак, земјата не е многу голема и тоа сè би требало да се заврши во некој разумен рок – дециден е Велков.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура